Со Милена Дравиќ и со Брена снимавме по 10 часа: Интервју со Мишко Иванов за „Патот до успехот“
Многу домашни и регионални доајени беа дел од неговите приказни. Од тенорот Благој Нацовски кој за прв пат ги отвори вратите на Миланската скала на една Тв куќа, преку фудбалската легенда Горан Пандев, до последното интервју на Милена Дравиќ, Мишко Иванов има со што да се гордее во „Патот до успехот“. Иванов раскажува за снимањето со мајката на покојниот Дражен Петровиќ, која му била емотивно најтешката задача во сите 250 емисии, за повеќечасовната дружба и специјалитетите кои екипата и тој ги дегустирале со Милена Дравиќ, но и емисијата со Винсенте Дел Боске, поранешниот тренер на „Реал Мадрид“, чија премиера допрва ќе се емитува. Муабетот нè одведе и до неговиот роден Штип и омилените штипски ритуали, и неговата најголема мотивација, сопругата Татјана Стојановска- Иванова, професор на Институтот по социологија на Филозофскиот факултет.
Женски магазин: Во која фаза е сега емисијата „Патот до успехот“, размислуваш ли за некое специјално компилациско издание со оглед на тоа дека сме во период на изолација?
Иванов: Коронавирусот го застана светот. На пауза е буквално целата планета. Моментално на кратка пауза е и „Патот до успехот“, но тоа пак создаде одлична можност да се потсетиме на се она што досега сме сработиле. Во моментот на пауза се снимањата, и дома, но и во странство. Застанавме за момент со патувањата, затоа што затврени се границите, но за момент сопревме и со снимањата дома на наши истакнати личности, кои имаат своја приказна, свој успешен пат до успехот. Сепак, морам да кажам дека не сме застанале со емитување на емисиите, кои веќе доживеале своја премиера. Ова е одлична можност на програмата на ТВ 24 да се потсетиме на интервјуата кои веќе ги емитувавме. Оние кои ги пропуштиле премиерите, да ги погледнат, оние кои веќе ги изгледале, не е на одмет во ова време – невреме да се одморат со неверојатните приказни на познатите личности. Дополнително, размислуваме да направиме еден рекапитулар на почетоците, односно да ги реемитуваме емисиите со македонските успешни приказни, ги има околу 170. Тоа се толку многу интервјуа кои ги реализиравме пред да го прошириме коцептот на „Патот до успехот“, надвор од границите на Македонија. Така што секој понеделник од 22.30 на ТВ 24 гледачите ќе можат да ги погледнат најинтересните животни приказни на познатите и во уште еден термин, сабота од 19 часот.
Најмногу уживаат со внуките Ана и МеланиЖенски магазин: Колку емисии точно сними до сега со кои гости, во кои градови беше?
Иванов: Почнувајќи од 2013 година, од кога практично започна емитувањето на емисијата „Патот до успехот“ па сè досега, тимот на емисијата реазлизираше повеќе од 250 емисии. Тоа е бројка, која кога ја гледам од оваа дистанца, колку и за звучи нескромно е импресивна. Тоа се повеќе од 250 животни приказни. Успешни приказни. Емисии кои успејаа да го најдат своето место на македонското медиумско небо. „Патот до успехот“, покажа дека македонската публика е желна за успешни приказни, за можноста повозрасните да се потсетат на некогашни убави времиња, а помладите да дознаат каков е патот на успешните личности. Тој никогаш не е послан со рози, бара многу одрекувања. Почетокот на серијалот „Патот до успехот“, како впрочем и секој почеток никогаш не се заборава. Започнавме со Јован Дабевски од „Здравје Радово“. Речиси 7 години подоцна стасавме до Винсенте Дел Боске, еден од најуспешните фудбалски тренери во Европа и светот, поранешен тренер на Реал Мадрид, но и селектор на шпанската фудбалска репрезентација. Премиерата на емисијата со овој исклучителен човек сè уште не е емитувана, и таа во моментот се подготвува. Инаку, досега низ емисијата продефилираа многу значајни личности, академици, уметници, музичари, актери, спортисти и по некој поранешен политичар кој одиграл значајна улога во поновата историја на овие простори. Со должна почит во при сеќавањето сигурно ќе заборавам некого да споменам. Академиците Луан Старова, Абдулменаф Беџети, Томе Серафимовски, Таки Фити, Блаже Ристовски, Ѓорѓи Филиповски и многу други. Сликарите Миро Масин, Васко Ташковски, од светот на музиката Весна Гиновска Илкова, Влатко Стефановски, Есма Реџепова Теодосиевска, Драган Мијалковски, Кире Костов, Бобан Милошески - „Авалон“, Виолета Томовска, Селимова – Желчевски, театар и филм, Слободан Унковски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Милица Стојановска, Љупка Џундева, Диме Илиев, Шенка Колозова, Бајруш Мјаку, Салаетин Биљал, Драган Спасов – Дац, Ѓокица Лукаревски, Благоја Чоревски, Синоличка Трпкова, Бубо Каров и многу други. Спортисти како Горан Пандев, Милко Ѓуровски, Дарко Панчев, Благоја Георгиевски Буштур, Тоше Гечевски, Инидира Кастратовиќ, Гордана Нацева, бизнисмени Свето Јаневски - ВВ „Тиквеш“, Григор Бишев – „Шпаркасе банка“, Живко Мукаетов - „Алкалоид“, Страшо Милковски - „Гранит“, Симон Наумовски – „Витаминка“, Роберт Димитров - „Телекабел“, колегите Ерол Ризаов, Горан Михајловски, Ацо Кабранов, Александар Чомовски, Сашо Ордановски, Јадранка Костова, од докторите Жан Митрев, Јовица Угриновски, Миодраг Врчаковски, Методи Чепреганов, Чадловски, семејство Синицки... и уште многу имиња кои сигурно сум ги заборавил. Во земјите од регионот, Тома Фила, Горан Бреговиќ, Лепа Брена, Здравко Чолиќ, Дино Мерлин, Хари Варешановиќ, Џибони, Јосипа Лисац, Габи Новак, Сања Долежал, Светлана Бојковиќ, Милена Дравиќ, Јелена Жигон, Воја Брајовиќ, Иван Бекјарев, Бисерка Петровиќ, мајката на Дражен Петровиќ, Дино Раџа, Тарик Филиповиќ, Сергеј Трифуновиќ, Лидија Вукичевиќ, Неша Галија, Драган Џаиќ, Душан Дуда Ивковиќ, Мирослав Ќиро Блажевиќ, Тереза Кесовија, Масимо Савиќ, Милан Кучан, Стипе Месиќ, Хелена Благне, Панајотис Јанакис, Иво Данеу, Божо Маљковиќ, и уште многу. Најдрагото во сето ова е што многу од овие личности за првпат даваат интервјуа за македонски медиуми, за жал имаше и такви кои своите последни ТВ интервјуа ги дадоа за емисијата „Патот до успехот“, како што беа Милена Дравиќ, Јелена Жигон. Снимавме и успешни бизнис приказни на островот Брач во Хрватска снимавме за компанијата „Адриа“ кои ги произведуваат кознервираните сардини, во Италија ја снимивме приказна, фамилијарната бизнис приказна на Фелче Азура. Кога некој ќе спомене работа и задоволство морам да признаам дека за екипата на „Патот до успехот“, токму оваа емисија е работа и задоволство. Поминавме низ многу градови: Белград, Загреб, Љубљана, Сплит, Пула, Нови Сад, Марибор, Ниш, осторовот Брач во Хрватска, Џенова, Алесандриа, Милано, Торино..
„Патот до успехот“ преклани доби награда за најдобра Тв емисија на „Златна Бубамара на популарноста“Женски магазин: Како ги бираш гостите, те води ли некој спомен од детството можеби?
Иванов: Хм. Дефинитвно дека спомените од детството играат огромна улога. Емисијата практично ни овозможи и лично да се запознаеме и јас и тимот со личностите кои беа и се наши идоли. Луѓе кои се идоли на многу генерации. Истовремено, емисијата нуди одлична можност на гледачите да им го доловиме и претставиме вистинскиот систем на вредности, кои за жал сега е урнисан по сите нивоа. Сепак, во изборот на гости, често ги слушаме и желбите и сугестиите од гледачите, секако јас ги имам во вид и сугестиите од мојата сопруга. Но, сепак одлуките ги носиме во консултација со програмскиот директор, главниот и одговорен уредник во телевизијата, тимот на „Патот до успехот“ (Александар Димитриески, Сашко Коцев). Сметам, дека засега успеваме да го задоволиме вкусот на гледачите. Сепак, мислам дека кога се успешните во прашање, речиси е невозможно да погрешиш со изборот на гости, иако живееме во регион каде луѓето сè ќе ти простат, но успехот никако.
Во домот на Горан БреговиќЖенски магазин: Како дојде до идејата и контактот на мајката на легендарниот кошаркар, покојниот Дражен Петровиќ, каков впечаток ти остави таа?
Иванов: Дражен Петровиќ е светска кошаркарска легенда, остави голем печат, а истовремено не задолжи да го чуваме неговиот лик и дело. Бисерка, неговата мајка на целата тага и мака која што ја има доживеано и преживеано, има неверојатен дух во смисла на продолжување на живеење на ликот и делото на нејзиниот син, на големата кошаркарска легенда. Идејата дојде од програмскиот директор и без двоумење ја прифативме веднаш. Г-ѓа Бисерка не се двоумеше кога ѝ се јавивме. Прво се израдува дека сме од Македонија и веднаш се договривме. И ја кажавме нашата идеја и се согласи на нашето сценарио. Морам да признаам дека интервјуто со Бисерка Петровиќ ми беше едно од потешките, во емоционална смисла. Знаевме дека е тажна приказната за кошаркарскиот Моцарт, но и тоа е дел од нашата работа. Разговорот го снимавме еден дел во музејот „Дражен Петровиќ“, а друг дел на гробиштата Миргој, на вечното живеалиште на Дражен. Предметите во музејот поврзани со Петровиќ се поставени во различни витрини поделени и по периоди од неговиот живот и кариера. Во музејот, меѓудругото е неговата лична карта, неоштетена, а на која може да се забележи дека таа истекувала токму на денот кога прерано заврши неговиот живот. Часовникот кој го носел на рака и кој застанал во времето на несреќата. Тажна, тажна приказна. По емитувањето на премиерата, Бисерка веднаш ни се јави да ни се заблагодари што го чуваме споменот на Дражен Петровиќ, задоволна од тоа како сме ја завршиле ние нашата работа.
Женски магазин: Што нема да заборавиш од снимањето со Милена Дравиќ?
Иванов: Сè паметам. Секој детал и од договарањето и од снимањето на интервјуто. Се сеќавам беше пролет, април во Белград, кога заедно со уште една легенда на југословенското глумиште Воја Брајовиќ (популарниот Тихи), ја побаравме за да ја поканиме да гостува во „Патот до успехот“. Се согласи на интервју, иако поради болестите кои ја измачуваа Милена Дравиќ бегаше од камерите. Кога го договаравме интервјуто, прво ме праша колку време трае снимањето, откако и реков 3-4 часа, се замисли и ме праша: „Мишко, не знам дали ќе можам да издржам толку. Ова време, ова расцутување на липите ми го отежнуваат дишењето. Уште повеќе што по смртта на Гага, одбегнував интервјуа.“ Се договоривме, пред почетокот на летото да го направиме интервјуто. „Дојдетете во Чубура“, култна белградска кафеана, нè покани Дравиќ. Уживање беше разговорот со личност како Дравиќ, неверојатно. По снимањето, нè покани мене, Александар (Карфа) и Сашко малку да одмориме, пред да тргнеме накај Скопје. Персоналот во кафеаната, нè замоли да седнеме и почнаа да изнесуваат специјалитети. Ова е поздрав до вас и Милена, од сопственичката на локалот. Чест ѝ е што сте нејзини гости. По официјалниот дел, по снимањето, останавме уште 2-3 часа, на муабетот му немаше крај. Бидејќи 6-та сезона веќе заврши, се договоривме емисијата „Патот до успехот“ да ја емитуваме на стартот на 7-та сезона. И тоа утро ме трогна веста за смртта на дивата, легендата на југословенското глумиште Милена Дравиќ, само ден пред големото интервју во Патот до успехот. Првата помисла ми беше - не е можно, а во моментот одеше најава за емисијата. Но, великаните никогаш не умираат и ќе живеат додека живеат нивните дела. И сега се присетувам на нејзината ведрина, благодет, смиреност, топлина и величина и покрај болестите кои ја тиштеа.
Чекајќи го Пандев по тренинг од Џенова
Женски магазин: Од сите, има ли снимање, момент,некоја средба или реченица што ти оставила впечаток и ќе си ја повторуваш засекогаш?
Иванов: Секоја приказна е посебна на свој начин. Никогаш нема да го заборавам гостопримството на нашиот Гранде Горан Пандев. Нѐ однесе на тренинг, нѐ прошета низ Џенова, гледавме натпревар со Фиорентина. Нема да го заборавм ниту интервјуто со Благоја Нацовски, нашиот оперски пејач, кој ни ги отвори вратите во Миланската скала, со што станавме првата ТВ која влегла во миланската скала. Неверојатна личност, непосреден кој од Џенова специјално дојде со нас во Милано за да го реализираме интервјуто со него. Нема да заборавам, и како од Џенова во полноќните часови со авотомобил стасавме во Марибор, за утредента да снимаме со нашиот Милко Ѓуровски и веднаш оттаму по интервјуто да заминеме за Белград каде што нѐ чекаше Милена Дравиќ. Нема да заборавам и кога траектот нѐ чекаше, оти доцневме, а беше последен тој ден. Сепак, одлично е сѐ. Дуда Ивковиќ неверојатен, вистински домаќин кој нѐ пречека во неговиот дом. Светлана Бојковиќ дама, Лепа Брена врвен професионалец, само нѐ праша: „Момци, колку трае снимањето“? Ѝ рековме 3-4 часа, снимавме 10 часа, нормално со пазуа за заеднички ручек. Кога завршивме само праша: „Момци дали е сè во ред?“ Задоволни рековме да, ни се забагодари и контактите ги имаме сè уште. Горан Бреговиќ кој не прими во неговиот дом. Тарик Филиповиќ, другарчина, и со него сме во постојана комуникација. И да, има уште многу наши приказни.. „Патот до успехот“ е навистина и работа и задоволство.
Со екипата Александар Димитровски и Сашко Коцев пред Миланската скала
Женски магазин: Која се најдобрите особини на твојата сопруга Татјана, професор на Институтот по социологија на Филозофскиот факултет?
Иванов: Таа практично е мојот најголем мотиватор. Полна со идеи, активна што би рекле 100 на саат. Понекогаш дури знам да ѝ кажам: „Душо дај еден викенд да одмориме, да останеме дома“, а таа ќе се насмее и ќе каже: „Ајде уште овој пат до отидеме некаде надвор од Скопје, да размениме малку, затоа што од понеделник повторно сме на работа, следниот викенд остани дома гледај фудбали цел ден, таман јас да си ја довршам книгата. Хаха.“ Мој мотиватор и конструктивен критичар за секоја моја емисија, иако понекогаш знам да се спротивставам на нејзини коментари заради нашата новинарска суета, сепак на крајот како по непишано правило таа ќе излезе во право. Често знае и да ми сугерира и теми и гости за емисија, особено во моментите кога ќе почнам гласно да размислувам каде да отпатувам и кого да поканам во „Патот до успехот“. Сега сме дома, нормално заради коронавирусот, таа си ја довршува книгата, јас со оглед на ситуацијата се вратив во „отвореното студио“ на ТВ 24, посветени исклучиво на коронавирусот. Политички дуели и дебати не правам, заради нејзниот политички ангажман, како што соопштив минатото лето. Сега има повеќе време за интервјуа кои немаат врска со политика и за дебати кои се од општествено значење, а не се врзани со политиката.
Женски магазин: Во што најмногу уживате приватно, кога не работите?
Иванов: Сега затоа што сме постојано дома (коронавирус) гледаме филмови, особено роматични комедии. Генерално, пред вонредната состојба, бидејќи јас и мојата сопруга по природа сме дружељубиви често сме во друштво со пријатели. Знаете како велат, блиските пријатели се тука за да споделиме и тага, но и среќни мигови. Кога сме заедно со наши драги пријатели знаеме да останеме и до раните утрински часови со добра мисла и убав муабет. А понекогаш и да запееме убава староградска песна. Е сега, бидејќи неделата ни е со преголеми обврски, често знаеме за време на викенд да отидеме во блиски дестинации. Иако, Тања е стружанка, а јас штипјанец, често знаеме да отидеме на југот. Гевгелија, Ваандово и Дојран ни се омилени дестинации. Топлината на југот, гостопримството на луѓето и пријатната клима ни ги полнат батериите и потоа многу полесно влегуваме во новата секојдневна рутина. Најмногу се релаксираме со нашите внуки, Ана и Мелани.
Сопругата Тања му е најголемата мотивацијаЖенски магазин: Роден си и пораснат во Штип, што е најубавото што те научи твојот град и кој ти е омилениот штипски ритуал?
Иванов: Штип. Мојот роден град. Најголем дел од другарите ми се таму. Со сите комуницираме, со дел од нив и се поврзавме кој со кумски (Драган Кузмановски, сопственик на туристичка агенција), кој со старосватски врски (Дарко Џорлев, адвокат), со некого и со деверски врски (доц. д-р Игор Пеев, пластичен хирург).. И така цело наше друштво од 20-тина луѓе се поврзавме. Штип е прекрасен град, центар на Источна Македонија, град од каде потекнуваат креаторите на независна Македонија, град кој те тера постојано да иташ кон врвот, а истовремено град кој те опушта, враќа назад во детството, младоста, град кој буди убави спомени. Град организатор на „Макфест“, најреномираниот фестивал на забавна музика. Град кој сѐ уште живее. Инаку, еден специфичен обичај за Штип е за време на празникот Младенци, качување на Исарот, обележје на Штип, а спецификата е во начинот на којшто тоа се практицира. Имено, качувајќи се накај Исарот, земаш 40 камчиња, кога ќе се искачиш 39 ги фрлаш, а 40-тото го земаш со себе и го носиш дома. На симнување се ракуваш (поздравуваш) со 40 луѓе. Ноќта дома, 40-тото камче го ставаш под перница, а обичајот вели дека наводно ќе го сониш брачниот другар(ка). Хаха. Да, тоа е мојот Штип... И да, омилен штипски ритуал - кафе и цеден портокал во „Ангелс кафе“ и пастрамајлија.
Милица Џаровска