Со очи полни солзи ја препеавме „Едно срце“ во чест на Тоде Новачевски: Росана Сариќ запеа за покојниот композитор и за брат ѝ, заедно со Дац и Митевски

Добивај вести на Viber

 Росана Сариќ- Тодоровска е среќна што со нејзините пријатели и соработници, Александар Митевски и Драган Спасов- Дац ќе пее во Крушево на 8 септември, Ден на независноста на Македонија. 

Росана, Митевски и Дац, во чест на покојниот композитор Тоде Новачевски, го преработија евергринот „Едно срце имам душо“, една од омилените песни на Маријана и Росана на сите генерации.
Тоде Новачевски почина на 10 февруари годинава во Мелбурн, Австралија. Тој ѝ беше сопруг на Маријана, сестрата близначка на Росана, со која има две деца. Росана раскажува дека токму Митевски успеал да ја убеди повторно да се врати на сцената, а приказната започнала од „Спомени“, песната која таа ја испеа на „Макфест“ во 2019 година, и продолжила со „Едно срце имам душо“. 

-„Спомени“ е песна со фантастичен текст, песна шлагер, песна која мене од прво слушање навистина ми се допадна и се пронајдов во неа. Длабоко во мене ги разбуди чувствата, односно спомените кои сите ние ги имаме а мене ми се малку и горки и тешки. Спомени за сестра ми, спомени за брат ми кој прерано нè напушти, и спомени за едно фантастично време... Време кое беше со поголема љубов за сè, почитување, разбирање и респект меѓу луѓето. За жал, време кое нема повеќе да се врати. Време во кое ги испеавме најубавите песни, евергрини заедно со Маријана од Тоде Новачевски и времето поминато со него, но за жал време кое и него нема да го врати меѓу нас. Сето тоа се некако спомени кои кај мене будат наплив на чуства, секогаш со очи полни со солзи. Можеби сум пречуствителна, но таква сум“, ни раскажа Росана. 

Нејзина голема радост се внуците Ноах и Матео, од ќерката Ивана и зетот Џејмс. За нив посветено се грижи со сопругот, познатиот актер Ѓорѓи Тодоровски- Трупче, кој пред неколку месеци се пензионираше. 

Росана ни раскажа и за новата иницијатива на Митевски и Дац, за препевот на познатиот евергрин од Тоде Новачевски, кој го испеа со Маријана. 

 -После некое време Александар повторно на негова иницијатива во договор со мене, ја направивме и на некој начин повторно ја оживеавме песната „Едно срце имам душо“ со кавер верзија во чест на Тоде. Јас ја препеав сама заедно со нив и испадна повеќе од успешно. Веќе имавме настап, односно јас им бев гостинка на промоцијата на песната во прекрасната „Трибека“ каде што атмосферата, публиката и ние заедно со нив направивме вечерта да биде вечер за паметење. Александар е прекрасен човек и врвен професионалец и му благодарам за сè. Дац е прекрасен актер и добар човек. Спојот заедно со нив, со такви професионалци мене ми дојде како лек на душата. На 8. септември, повторно заедно ќе имаме настап во градот Крушево, и повторно знам дека ќе биде лудо, незаборавно, и пред сè професионално“, вели Росана. 


 М.Џаровска