Со падобран го победив стравот од височина: Интервју со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ

Добивај вести на Viber

Во осумдесетите го нарекуваа чудо од дeте поради талентот кој го препозна целата тогаш југословенска јавност. Стефан Миленковиќ (42) , како најмлад студент по виолина дипломираше на Универзитетот на уметностите во Белград, и продолжи со светската кариера за која и сега вели дека уште ја гради. Свирел пред познати политичари како Реган и Горбачов, но и пред Папата Јован Павле 2, а и сега е на турнеја 200 дена во годината. Дел од агендата на Миленковиќ ќе биде концертот во Скопје, во Македонската Филхрамонија на 23 март, во организација на „Прагма“ продукција, што е само еден повод за нашиот муабет. Токму пред еден од часовите на Универзитетот Илиноис во Чикаго, каде што живее и предава виолина, Миленковиќ ни испрати аудио-снимка со одговорени прашања. Освен за виолината како негова голем страст, низ насмевка зборува и за други работи кои му создаваат адреналин, како скокањето со падобран и возењето мотор. 

* Последен пат кај нас свиревте на Охридскo лето во 2015 година, какви спомени носите од настап?

- Охрид е преубав, волшебен, а Охридско лето е ценет фестивал низ кој поминале најголемите уметници во светската историја. Затоа е навистина реткост на едно место да имате добри луѓе, и квалитетни уметници и уживање, вкусна храна и секако боженствено езеро. Секое гостување во Охрид е нешто како мала награда за нас музичарите.

* Соработувавте и настапувавте со Влатко Стефановски, какво е искуството да се работи со него и една поинаква музика од онаа што вие ја свирите? 

-Секој контакт со еден таков музички великан е искуство кое збогатува. Ние и понатаму имаме еден човечки, професионален и пријателски однос. Од него многу научив. Тоа е за мене еден свет кој е сосема нов, но имав доволно љубопитност и смелост на некој начин, малку и лудост да се обидам, да се опуштам и да уживам во светот на рок-џез и етно музиката во која е тој толку голем мајстор. Така што, ни беше прекрасно, затоа што тој е еден фантастичен човек и голем, голем уметник.

* Виолина свирите од три години, што беше пресудно токму виолината да стане ваш инструмент, како изгледаше таа прва средба со неа?

- Мене прво ми го понудија клавирот, кога имав три години и тоа некако не беше успешна комбинација. Потоа, мојот татко ми понуди да се обидам со виолината, и тука некако ми успеа. Јас ја прифатив, ми беше необична, интересна играчка, и можам да кажам дека виолината на некој начин ме избра мене и ми одговараше како инструмент низ кој можам да го истражувам својот карактер и низ кој мојата детска љубопитност се огледа. Тие работи не можете да му наметнете на едно дете. Тие работи или природно ќе тргнат или нема да тргнат. Јас имав љубопотност спрема виолината, и тој спој треба да дојде од обете страни. Виолината беше огледало на мојот карактер и на на мојата концентрација. Тие работи не можете да ги наметнете на едно дете. Едноставно, или природно ќе тргнат или нема да тргнат. Толку долго веќе свирам, и не можам да го замислам животот без виолината. Тоа беше мојата судбина, нешто што требало да се случи.


* Живеете во Чикаго, предавате виолина на тамошниот Универзитет Илиноис, каков е Чикаго како град за вас, што е најубавото што ви го нуди? 

- Чикаго е фантастичен град. Прекрасен град за кој придонесува и архитектурата и менталитетот. Има прекрасно езеро, има сѐ што можете да замислите што се однесува до уметничките, гастрономските и рекреативните содржини. Тоа е комплетен, голем град. Единствено нешто во Чикаго е еден елемент, кој треба да се има во предвид, а тоа се временските услови, односно температурите кои можат да бидат многу ниски. Градот од ноември до март е многу студен, знае да биде и брутален. Така што тоа е еден циклус на кој треба да се навикнете.

* Дали некогаш се покајавте што го избравте овој пат и овој динамичен начин на живот?

- Не верувам дека било што ми е ускратено. Во овој стадиум од својот живот јас можам да го организирам своето слободно време како што сакам. Се обидувам, кога ги планирам концертите и турнеите да го вбројам и слободното време. Не е секогаш лесно и не секогаш е можно, но можам, имам доволно место за маневрирање на календарот да одвојам време за оние работи кои ме интересираат. Ја обожавам природата, планинањето, долгите прошетки. Или го правам тоа или сакам да седам дома, да уживам. На некој начин за мене е тоа многу убаво. Кога не сум на предвања на Универзитетот, сум на патување, на настапи, ако не, тогаш сум дома и уживам во некои обични, домашни работи. Така што не чувствувам дека нешто ми е ускратено и дека нешто свесно сум жртвувал.  Никогаш не сум се покајал што го живеам овој живот. Овој начин на живот и мојата професија повеќе ми дава отколку што ми одзема. Дека е секогаш лесно, секако дека не е. И има моменти кога навистина доаѓа до едно серозно преиспитување и момент кога својата енергија треба да ја распределите на приоритети, за човек премногу да не се истроши. Јас сум на пат 200 дена во годината, и тоа е многу во било која смисла и секако дека доаѓа до замор. Во период кога имам помалку патувања, тие ми недостасуваат. Јас сум создаден за ова и од  друга страна тренирам за ваков начин на живот. Мислам дека поинаку и не би можел.

* Скокањето со падробран е вашето хоби, како го доживеавте првиот скок и како се ослободивте од стравот? 

- Првиот пат кога скокав, се мислев, не сакав да скокнам. Не ми беше тоа некоја желба. Јас се плашам од височина, од онаа височина која е поврзана со земјата. Значи скали, скеле. Од секогаш сум се плашел, па и ден-денес. Тоа не ми беше желба, но се случи сите ние, една група на уметници кои задно бевме на тој фестивал, заедно отидовме на тандем-скок, и бев љубопитен затоа што мислев дека ќе умрам од страв. И почнав да размислувам: Ајде да видам, да видам како тоа ќе се случи. На тој прв скок речиси и да не се сеќавам, беше како во некој полу-сон. Беше толку апстрактно, речиси невистинито. Така што, додека јас сфатив што ми се случува, половина од тоа паѓање веќе помина. Тој ден, направив два тандем скока, и потоа, следниот пат, всушност истиот ден, бев многу исплашен од летањето со авион, но од друга страна, многу повеќе уживав во тоа слободно паѓање. Подоцна имав некоја претстава за што се работи и што да и очекувам, па по еден месец и се запишав во училиште за обука, и почнав да скокам сам. Така што, стравот е природен, стравот е неопходен и оној кој не чувствува никаков страв не е нормален. И потоа со десетици, со стотици скокови се минимизира тој страв и не се ни чувствува. Разговарав со еден инструктор кој има десет илјади скокови зад себе и тој ми вели: „Па, јас и понатаму имам перерутки во стомакот пред да излезам од авионот, само што сега тие пеперутки летаат во формација. Тоа е од прилика суштината, и така ми е и на мене, пред секој мој настап со виолината.

Воопшто не сакав да скокам со падобран, но потоа ме обзема љубопитност.- Стефан Миленковиќ

* Уживате и во возењето мотор, дали е тоа некоја ваша потреба за адреналин?

-  Не е потреба за адреналин, ја немам таа потреба. Мене ми се е доволен адреналин, моите концерти, тие очекувања, притисоци, така што не ми треба адреналин во таа смисла. Токму напротив, ми треба дистракција, а падобранството е една прекрасна, поетична работа. Тој лет е врв на едно летање без апарати, без авиони, без змејови, и на тоа гледам како на еден момент на апсолутна слобода. Исто така, возењето мотор го сакам, не поради брзината, но поради слободата, поради отворениот простор, поради отворениот видео-круг на моторот, авантурата во движење, не поради некоја емоција. Тоа го имам и тоа како во виолината и не ми треба.

* Дали чувствувате адреналин и во вашата работа, кои дела се највозбудливи за свирење, а кои најмногу ве смируваат? 

- Тоа сѐ зависи, не толку од самото дело, иако има дела кои се многу тешки и секогаш чувствувате одговорност и пред било која изведба на некое дело. Но, повеќе е до самиот настап и колку важност му давате на тој настап, колку очекувања имате пред тој него и какви дела свирите. И на најтешкото дело можете да му пристапите на мирен начин и да не чусвтвувате никаков притисок. Тоа е релативно и е составен дел од работата. Сите луѓе кои се занимаваат со работа која бара голема одговорност се соочуваат со некој страв повеќе или помалку. Но, со време се учи да го направиш она што си го наумил без оглед на тоа колку чувствуваш некоја трема или страв. 

* Ви недостига ли Белград и балканскиот начин на живот? 

- Ми недостига, но не многу затоа што сум често на нашите простори, таман колку да го впијам менталитетот, храната, луѓето, музиката, доволно е да ме храни со месеци. Знам дека кога не ми доаѓал толку често на Балканот тоа би почнало да ми фали. Мене ми се допаѓа оваа комбинација, па бидам на запад и да доаѓам на периоди, за мене тоа е еден вид на баланс. 

* Од кој ваш концерт носите најубави спомени, некој кој ви оставил најсилен впечаток? 

- Минатата година свирев еден за мене спефцијален концерт, во еден Институт за слепи. Целата сала беше во потполн мрак, и пристигнувањето на публиката беше во потполн мрак. И потоа, луѓето од Институтот ги носеа слепите луѓе до своите седишта, тоа беше еден силен, впечатлив, емотивен момент.

* Што ќе свирите на концертот во Скопје на 23 март? 

- Програмата ќе биде многу атрактивна. Секоја програма на секој концерт треба да биде и атрактивна и едукативна. Ќе го свирам и Вивалди, Сарасате, Паганини. Многу популарни, но и многу квалитетни дела кои се за сите времиња и за сите генерации и за сите возрасти. Така што едвај чекам да свирам во Скопје, имам многу пријатели таму. И знам дека има многу љубители на добрата музика, така што ми е секогаш едно големо и убаво искуство концерт во Скопје. 

Милица Џаровска