СО ТЕБЕ САКАВ ДА ОСТАРАМ: Писмо до човекот кој ми го скрши срцето!

„Вистинската сродна душа е најверојатно најважната личност која што некогаш ќе ја сретнеш. Таа ќе ги сруши твоите ѕидови и ќе ти удри шамар кој ќе те разбуди. Но, да живееш вечно со сродната душа? Не... Тоа е премногу болно. Сродната душа влегува во твојот живот за да можеш да откриеш некои делови од себе кои не си ни знаела дека постојат. И потоа си заминува. Нејзината цел е да те потресе, да ти го размрда егото, да ти укаже на препреките и на слабостите, да ти го срши срцето за да го отвори и внатре да влезе светлина. Целта на сродната душа е да те фрли во очај, да те наведе толку многу да изгубиш контрола за да немаш друг избор освен комплетно да го преобразиш својот живот...“ – Елизабет Гилберт 

Беше тоа толку лесно... Се заљубив толку лесно, исто како и кога потонуваш во сон. Најпрвин сосема бавно, а потоа вртоглаво брзо, цврсто и длабоко. Воопшто не го знам точниот момент кога тоа се случи. Тоа се случи некаде помеѓу твојот поглед и моите очи и моите солзи кои ги бришев кога паднаа сите мои ѕидови кои со години ги градев. Се удрив во тебе и воопшто не внимавав. Ја тргнав стражата од моето срце и тоа остана отворено, соголено и ранливо. Целосно ти се предадов. Ние не бевме само заедно. Ние игравме. Нашите души беа живи – повторно бевме деца кои го гледаат светот за прв пат. Ти ме промени засекогаш. 

Беше тоа толку тешко...Ние бевме комплицирани луѓе. Не бевме едноставни. Јас и ти бевме тешки. Премногу сонувавме. Премногу анализиравме. Освен заљубувањето, ништо не можеше да биде едноставно и лесно. Се правевме да биде претешко со нашите бескрајни анализирања, теории, толкувања. Го уништувавме секој драгоцен момент со остриците на предрасудите, очекувањата, разумот. Се каравме и се расправавме... Страста, љубовта и желбата го уништуваше нашиот бес. Се кршевме еден со друг толку јако и повторно ги лепевме делчињата, бакнувајќи ги нашите лузни. Сакав повеќе од тебе. Не затоа што не беше добар, туку затоа што те сакав и имав големи соништа за нас. Верував во тебе, во твоите способности, таленти... Не сакав ништо помалку од тоа што го заслужувавме.

Ми го скрши срцето 

Драги мој, ти не беше подготвен. Твоето минато, твоите демони не ти даваа мир. Ме оттурна од себе. Ме сакаше на начин на кој никогаш не бев сакана, но не беше подготвен за тоа. Ние не се приближивме преблиску до пламенот. Ние бевме во него, во срцето на огнот... неподготвени. Излеговме изгорени, повредени. Немаше поента да ти ги продлабочувам раните, да те држам за рака и да те спречам да си одиш, кога секој допир те болеше. Морав да те пуштам... Никогаш не ти се заблагодарив... Мислев дека нема да можам да живеам без тебе. Тој ден кога си отиде, моето срце запре... Но, денес повторно почнува да чука. Ми го скрши срцето, го отвори. Во него влезе светлост. Ме донесе до таков очај што немав друг избор освен потполно да го променам својот живот. Тоа и го направив. Мислев дека со тебе ќе остарам, но понекогаш животот за нас има поинакви планови. Никогаш не престанав да те сакам и никогаш нема да престанам. Кога некој ќе ти го допре срцето, тој останува засекогаш во него. Бев преполна со бес и болка. Ме јадеше и уништуваше. А тогаш сфатив дека мене не ме уништува љубовта. Љубовта не е уништувачка сила. Ме уништи тоа што мислев дека е љубов, тоа што го сакав од неа. Сакав со тебе да бидам едно, но тоа не беше нашата судбина. Нашата љубов беше поинаква – од типот на љубов која ослободува, која ни подарува нов живот, која не преобразува и која не учи на нови патишта. Оваа љубов доаѓа како духовен учител и не учи многу повеќе од било кој среќен крај. Затоа не жалам за ниту една секунда која сум ја поминала во неа, ниеден момент кој сум го посветила на тебе... Нашата љубов ме разбуди, ме преобрази и ми ги отвори очите за она кое никогаш не би го видела без неа.