Со вегетаријанска храна го исфрлив стресот: Интервју со Ружица од „Ареа“
Специфична во имиџот и силна во вокалот, Ружица Милошеска- Брчиоска е вистинска рок-дива. Иако гостиварската група „Ареа“, веќе некое време е послабо музички активна, песните „Сите мои слики“, „Јас сум ти пријател“, „Нешто недостасува“, чии текстови ги напишаа таа, се пренесуваат од генерација на генерација, и како што вели Ружица, сведочат за создавање на многу љубовни приказни.Нејзината лична љубовна приказна е врзана за музичарот Ивица Брчиоски, авторот на хитовите на „Ареа“. Започнала на заедничката матурска прослава и трае до денес. Ружица и Ивица, во својот Гостивар живеат мирен, но исполнет живот. Вегетаријански се хранат, се трудат да го елиминираат стресот, а центар на нивниот свет е ќерката Елена која студира во Скопје. Лани за Женски Магазин, Ружица раскажа интерсни лични и професионални приказни.
* Со квалитена музика и имиџ создадовте хитови и полневте сали. Зошто престанавте со тој интензитет на работа, зошто се повлековте?
- Како што кажав претходно, интензитетот на работа кај нас повеќе е одреден интуитивно, а помалку со намера, во некои точно определени временски интервали, занаетски. Меѓутоа, од друга страна израснаа нови генерации на млади слушатели кои биле многу млади кога се издавале некои песни и албуми на„ Ареа“ и тогаш не можеле да ги знаат, но сепак сега од интернет ги научиле, па така што на нашите настапи ги знаат и ги пеат тие песни. Тоа за нас е доказ дека дел од песните на „Ареа“ кои некогаш се издадени и сега звучат свежо и на некој начин се безвременски.
* Имаме ли денес добра поп и рок домашна сцена?
- Сега, за разлика од претходните години, односно децнии, кај нас сѐ помалку се издава нова квалитетна музика и не знам зошто е тоа така. Дел од одговорноста е на медиумите кои не создаваат атмосфера за такво нешто, постојано не бомбардираат со „ТВ Пинк“ и слично, а добар дел одговорноста за непостоење на добра поп и рок домашна сцена е и кај самите музичари, композитори, текстописци. Како сите во државава да не има зафатено некаква апатија, а од друга страна расте желбата за лесна заработка. Меѓутоа, добри песни не настануваат со намера да заработиш. Напротив, создавањето на добра и квалитетна музика подразбира да се изгубиш во инспирација која извира од твоето внатрешно и која те води, а таа никако нема врска со пари и слава кои би дошле како надворешни пропратни појави.
Создавањето на добра и квалитетна музика подразбира да се изгубиш во инспирација која извира од твоето внатрешно и која те води, а таа никако нема врска со пари и слава кои би дошле како надворешни пропратни појави
* Која Ваша песна има најсилна порака, има ли таква која е напишана според ваша или нечија лична приказна?
- Многу од песните за мене имале и имаат силни пораки, а тоа ми го потврдуваат и многу од младите луѓе кои доаѓаат на нашите концерти. На пример, по последниот наш настап во клубот „Хавана“ во Скопје, еден дечко ми пријде и ми рече дека „Ареа“ е важен дел од врската со неговата девојка. А такви и слични нешта, ми кажуваат дека многумина се пронашле во текстовите. И тоа е супер.
* Со години сте вработена во ЕЛЕМ во Гостивар, колку таму можете креативно да се изразите?
- Да, јас сум подолго време вработена во ЕЛЕМ, работам како електро инженер, моментално сум и раководител на служба за електро одржување и таа работа нема баш некаква врска со музиката. Сепак, бидејќи сум тип кој работи од внатре спрема надвор, и тука креативноста често ми помага во изнаоѓање на решенија на разни проблеми.
* Тешко ли е да се балансира помеѓу државна работа, семејството и вечерни настапи?
- Да тешко е. Но се снаоѓаме некако со добра организација на времето и обврските.
* Со сопругот и со ќерката му останавте верни на Гостивар. Што е предноста на живеењето во помал град во однос на Скопје, сте размислувале ли да се преселите?
- Ќерката Елена веќе неколку години повеќе е во Скопје отколку во Гостивар бидејќи студира на архитектонскиот факултет, а јас и Ивица сме во Гостивар. Живеењето во помал град има предности и недостатоци. Засега не планираме селење.
Ќерката Елена има 23 години. Талентирана е за музика, но не го одбра тој пат во животот. Ја одбра архитектурата, открива Ружица
* Колку години има сега Вашата ќерка, за што е талентирана?
- Елена има 23 години. Талентирана е и за музика, но не го одбра тој пат во животот. Ја одбра архитектурата.
* Паметам дека ќерката и Вие сте вегетаријанци, а сопругот Ивица не е. Дали во меѓувреме и тој ви се придружи или сѐ уште готвите по две јадења во денот ?
- Ивица е скоро вегетаријанец (се смее). Готвиме едно јадење, вегетаријанско, а Ивица многу ретко си купува или си готви нешто со месо.
* Дали здравата исхрана е причината за вашата добра линија и младешки изглед?
- Веројатно дека начинот на исхрана е причина за добра линија, но тука сакам да напоменам дека и внатрешниот став е доста важен за изгледот. И не само за изгледот, туку и за целокупното здравје. Согледав дека многу е важно да не живееш стресно, колку што е тоа можно. Или пак со други зборови да можеш да го обработиш стресот и да го исфрлиш од себе, да извршиш детоксикација, за да не може да ти наштети.
* Што правите кога не работите,имате ли време и ритуали кои си ги посветувате само себе си?
- Уф, работа. Речиси и да нема време кога сум без некоја обврска. Но, свесно во текот на денот си одвојувам време за себе кое го користам за да си ја чистам душата. Има многу работи кои би ги правела кога би имала повеќе слободно време. Инаку ги сакам растенијата и во слободно време се занимавам со одгледување на цвеќиња.