Со знаковен јазик, од моите научив да слушам со срцето: Интервју со Дани Димитровска

Добивај вести на Viber

Моите родители само имаат оштетен слух. Меѓусебното разбирање не секогаш побарува совршено здраво уво. Тоа ме учеа во детството. Фала богу што било така, преку нив научив да разбирам со срцето

Песните со оригинални текстови во кои секој се пронаоѓа, специфичната интерпретација, имиџот, сексапилот во умерени дози се нејзиниот заштитен знак. Рокерка во душа која кариерата ја започна на поп-фестивалот „Макфест“. „Најдобра до сега“, „Не живеам за другите“, „Црно на бело“, „Слободна песна“ се дел од песните кои ја раскажуваат нејзината бунтовност од една страна и емотивната природа од друга. Мајка е на Лазар, и среќно вљубена во својот партнер чије име на сакаше да го открие. Дани Димитровска лани на 13 ноември славеше уште една љубов, нејзиниот актуелен албум „Град за љубов “, а ние ве потсетуваме на дел од муабетот за „Женски магазин“ во кој, меѓу другото, зборуваше за тоа што ја научиле родителите кои се со оштетен слух.

* Во време кога социјалните мрежи и јутјуб се главна промоција на нова музика, што за тебе претставува успешен албум?

- Да бидам чувствено разбрана макар била разбрана од мала скромна група на “несфатени “ луѓе. Ако во таа група на несфатени има и медиуми тогаш имаме кец на десетка. Истите тие да бидат инспирирани и потсетени за вредностите кои сме ги зашуткале лево-десно поради наметнати глупости. Веројатно клучот е во вистинската цел, односно зошто се занимавам со оваа професија со која се занимавам. Се слушам. Имам верба и уште цел живот за трошење. Немам што да изгубам. Успех може да биде многу што, зависи од апетитите.

* Која твоја песна најдобро те опишува?

- „Град за љубов“опишува емотивна состојба која секој ја доживеал или доживува. Но, некој ја спопикал во црева, некој несвесно од немоќ ја обликува во гнев према другиот, некој не е ни свесен дека ја доживува, а ние вака сме ја изразиле, за вака знаеме. Тежи суштински пораки, албумов. Треба да се пречуе, вака само правиме муабет на празно.

* Порасна со родители кои се со оштетен слух. Како ти како дете се носеше со таа состојба?  Дали потешко се разбиравте, и имаше ли реакции од луѓе кои ти пречеа или те повредуваа? 

- Моите родители само имаат оштетен слух. Меѓусебното разбирање не секогаш побарува совршено здраво уво. Тоа ме учеа во детството. Фала богу што било така, преку нив научив да разбирам со срцето. Реакции од околината никогаш немало бидејќи моиве имаат нормален говор како сите. Напротив, гледам предности. Една од нив е таа што никогаш во домот немавме викотници од расправии. Нивните недоразбирања ги решаваа со знаковниот јазик, па брат ми и јас никогаш не им ги знаевме реалните проблеми со кои се соочуваат. Денес како прави пензионери, кога ги посетувам, гледам остарени лица што играат карти во дневна со пиво на маса. Тие насмеани, јас уште повеќе.

* Пред да те гледаме на домашните фестивали, како почна твојата музичка кариера?

- Мојата кариера буквално започна на музички фестивал. Пред тој фамозен настап, си потпевнував на патронати во школо. Пеењето во бања пред огледало не го сметам.

* Имало ли ситуации кога си морала да настапуваш по локали со музика која не ти е блиска, за џепарлак или за живот?

- Музика која не ми е блиска? Не. За останатово, среќна сум што заработувам од професијата која ја сакам. И тоа „за џепарлак“ и тоа „за живот“ е подобро од милиони што доаѓаат од работа со презир.

* Колку години има сега твојот син Лазар, за што е талентиран?

- Има 17. Игра кошарка, добар е со електронски уреди и се труди да свири гитара. На мојата. Не сака своја. Убаво ми е така иако го карам што ја зима. Разговор помеѓу умот и срцето - во моментов.

* Во последниов период, јавноста малку знае за твојот љубовен живот. Дали стана потаинствена и повнимателна во чувањето на приватноста? 

- Ниту таинствена, ниту внимателна. Ни порано, ни сега. Тоа во домашен разговор се нарекува криење. А криење и љубов не одат во иста реченица. Едноставно одбивам да раскажувам нешто што е природно и од интимен карактер. Се чувствувам како да нема инспиративни теми поради кои постоиме на сценава. Музичкава сцена, таа е за истакнување, љубовнава ради сеири и читаност е секогаш на врвот, не и треба билдање. За љубов не треба најава со сензационален наслов ниту PR. Ниту подготовка. Едноставно се случува и фала богу што е така. Нека живее.

* Слушнав дека си среќно вљубена, ќе ни откриеш ли кој е твојот нов партнер, каков е и со што те освои?

- Освоена не сум, тој термин за територии ми е резервиран. Партнерот ми е прекрасен, затоа ми е партнер.

Милица Џаровска