Социјална депресија

Добивај вести на Viber

Од сите социјални крлежи во форма на апликации некако најмногу ми легна инстаграм заради концептот на мода и фотографии и најмногу лично го користам истиот. Се обидувам да биде што е можно поличен, директен и реален, без да ги вознемирува оние кои ме следат, а веќе нема ни да се обраќам нити пак да ги спомнувам оние кои не ме сакаат а ми дремат на профил, последно им е, не вредат.

Исто така се обидувам што е можно повеќе да вратам или изреагирам на пораки во инбокс, најмногу затоа што јас сум веројатно единствената жена на инстаграм која многу повеќе ја комуницираат жени отколку мажи, иако знае по некој гол главич да прелета во инбокс, а за воља на вистината имам склопено неколку ватрени познанаства на истиот, на цела среќа без трајни последици. Минатата година решив да воопшто не се посветувам на посилниот пол иако и те како имаат што да понудат, ќе го оставам тој дел за реализација на пијачки во живо, за оние кои ќе имаат кохонес да ме поканат пост коронарно се разбира. Во меѓувреме….

Мнооогу жени ги боли во моментов сопствената кожа, многу млади девојки не знаат по кој пат да чекорат, живеат дупли животи, еден виртуелен совршен, и еден болен, тажен, реален. Ова не го измислувам, го знам, полн ми е инбоксот со пораки од девојки и жени на кои им е потребна мотивација за будење наутро, за пронаоѓање на себе си во целиов хаос од лажни профили, идентитети и промашени вредности.

Ве разбирам, во моментов се наоѓаме во космичка експлозија на помешани генерации со помешани стандарди и скоро па сите сме без компас, овде оние кои сме западно ориентирани. Ни велат прифати се, ама прво стани совршена, биди се што сакаш ама чекај немој така, омажи се срамота е да си сингл после 30 ама мора да имаш кариера прво жено. Биди супер жена, супер мајка, супер пријателка, супер старлета, собирај епитети, тагови, товари на себе туѓи мислења за тебе нек ти тежат, нек ти ја дават душата со отрови. Роди деца, воспитај ги ама немој така чекај, слушај ја мајка ти ама и таа не е во право мора да внимаваш што ќе послушаш. Детето не смее вода, детето не смее мед, мора да биде веган, абе каква виршла токсична е  дај му авокадо. Тоа што едно авокадо е колку скоро цела твоја дневница нема врска, снајди се, жена ли си или што си. Облечи штикли види се на што личиш, абе дај немој такви ко локална ороспија ќе бидеш нешто ПОПРИФАТЛИВО дај, да не се двоиш, да бидеш како сите. Попатно да не започнувам за ставот на партнерите за тоа КАКВА ТРЕБА ДА БИДЕ ЖЕНАТА, задоени од мајки што си го продале животот за мир во куќа, па сега ни една за синот не чини, не е доволна, таа е мајката што ќе каже што на синот му треба, сармата никогаш нема да биде како нејзината. Можам до бескрај за очекувањата и ставовите на другите за тоа какви ние треба да бидеме, што од нас треба да излезе а што да задржиме за себе. Книгата е готова, ви ја ветив, сега уште да се доспремам да ме распнете на клада откако ќе ја објавам и одиме на најјако. Но, до тогаш прекрасници мои, полека. Застанете малку, застанете денес пред себе и запрашајте се ШТО Е ТОА ШТО ВИСТИНСКИ СО ЦЕЛО СРЦЕ ГО САКАТЕ ЗА СЕБЕ, а со тоа не повредувате никој друг. Нема лесен начин да се живее животов имаш среќа ако наликува на една од кривите во оние енормните луна паркови по Америка. Ако е рамна линија, тука имаш проблем, тука недостасува едно вештачко дишење за да ти затрепери тоа мало срце што те моли да живее.

Не постои проблем, постои само твоја реакција, туѓото мислење за тебе е нивна лична проекција на карактер а анксиозноста и депресијата бараат време, те бараат тебе за да ги победиш и да сфатиш дека светот не се врти околу тебе, туку ти си светот. Од внатре кон надвор, колку побрзо го преџвакаш ова, колку побрзо започнеш да го применуваш, толку побрзо ќе дојдеш до ТВОЈАТА лична среќа. Не на другарка ти, не на партнерот, не на детето, не на мајка ти, не на татко ти, ТВОЈА ЛИЧНА. Ми требаа години за да сфатам дека ако поедноставам не значи дека треба да станам аскет, туку напротив треба да одберам кој е кој и што е што во мојот живот на скала на квалитет а не количина. Една кола е доволна секому, ама нека биде јагуар. Едни штикли се доволни за една жена ама нека се Таро Ишида. Еден партнер е се што ти треба во животов за да го создадеш светот во кој сакаш да живееш дупло полесно и со многу љубов. Е деца, тоа е единствено множење препорачано до бескрај, јас би пет. Насмејте се еј, еднаш се живее, онака по клише. Олабавете си ја душата и најдете начин да си простите себе си, прво од таму се почнува, од најтешкото, најдолгото и тоа што бара најмногу работа. Ве љубам, еве ви дел од мене за да ве видам насмеани денес, енергијата е најголемата зараза во светов, далеку поголема од било која болест, само никој не сака да ни го каже тоа, така нема да имаме потреба од ниту една влада на светов.

Ве љубам мили мои, Намасте.