Сонував да бидам морнар, најдов мир на планина: Интервју со Катрин Фринсфелд, раководителка на секторот за култура во германската амбасада

Катрин Фринсфелд е раководителка на секторот за култура во германската амбасада Скопје. Кај нас живее веќе две години и вели дека за неа не постои термин македонска или германска жена. Фестивалот на Новиот герамански филм е само еден повод за овој разговор во кој Кетрин открива интересни детали за своите соништа,планови и за животот од Хамбург до Скопје. 

* Колку точно време живеете во Скопје, кои се вашите тековни ангажмани ?

- Во Скопје живеам од август 2017 година. Пред сѐ, надлежна сум за односите во областите култура и образование. Тука спаѓа поддршката на културните настани поврзани со Германија, како на пример „Skopje Design Week“ или уметничкиот саем „Ин Ситу“ од минатата година. Меѓутоа, вклучено е и координирање на другите германски институции како што се Гете-Институтот, Германската служба за академска размена (ДААД) или пак Централата за школство во странство, пришто сите ги промовираат германскиот јазик или општо културната размена. Покрај тоа, ја негувам размената со овдешните уметници и организации кои се грижат за размена меѓу младите и унапредување на демократијата во земјата. Од летото минатата година сум надлежна и за проекти со граѓанското општество, на пример, такви кои се посветени на слободниот печат, заштитата на малцинствата или општите човекови права, како што е заштитата на жените од семејно насилство.

* Кажете ми нешто повеќе за фестивалот на Новиот германски филм, за репертоарот и кој од филмовите е ваш фаворит?

- Тоа што ми се допаѓа кај нашиот филмски фестивал е фактот што може да прикажеме филмови што не влегуваат во шемата на блокбастерите. Станува збор за филмови, кои често пати ги осветлуваат критичните моменти од нашето општество, како што се невработеноста на академичарите, работата на нашите тајни служби, секојдневното лудило на конзумирање, бегалската криза, кои во поголем дел ги забележуваме само од сопствената перспектива, проблемите на децата и младинците во нашето општество на благосостојба или, пак, крајот на Германската Демократска Република – ДДР. Исто така, и детските филмови или, кратките филмови се нешто посебно и се огледало на нашиот реален свет. Мора да признаам дека немам вистински фаворит меѓу овие филмови – сите ги сакам, и секој од нив го гледам како важна компонента на фестивалот.

* Филмот како седма уметност е можеби најсеопфатната во однос на аудио-визуелната порака на една земја. Германија има традиција на филмографија, и бидејќи е ретка прилика да се види европски филм во нашите кина, дали сметате дека прашањата што се покренуваат во дел од филмовите се поинакви од прашањата што не засегаат тука?

- Начелно сметам дека поголемиот дел од прашањата се поставуваат и овде, можеби во некоја друга димензија. Веројатно системот за помош на млади луѓе не е толку широко развиен како во Германија, едноставно бидејќи земјата е многу помала. Крајот на ДДР – се разбира – е потполно специфична германска тема. Но, сметам дека сите други теми се важни и овде. Токму поради тоа ми се чини толку важно филмовите овде да бидат прикажани.

* Кога дојдовте во Македонија, имавте ли цели за промоција на германската култура и колку од нив остваривте?

- Кога дојдов во Македонија, немав цел тука да ја презентирам германската култура или пак да ја унапредувам. Поважно ми е во областа на културата да се промовира размената меѓу нашите земји и, во одредена мера, и со регионот на Западен Балкан. Во рамките на моите можности, сакам да ги поддржам културните творци во размената со колегите во Германија и во најдобар случај заедно да креираат нешто ново. Тоа беше намерата на нашиот ангажман за Skopje Design Week минатата година, но и за уметничкиот саем Ин Ситу, кој соработува со уметничкиот саем „48 часа Нојкелн“ (48 Stunden Neukölln) во Берлин. Впрочем, таа соработка продолжува и оваа година. Од таа причина сега за прв пат поканив и двајца филмски експерти од Германија за нашиот Фестивал. Студентите за филм, љубителите на филмот како и филмските експерти ќе имаат можност да разговараат и да разменат мисли со нашите гости, директорот на Берлинскиот фестивал за краток филм „ИНТЕРФИЛМ“ и филмската едиторка, која го обработуваше филмот „Жешко столче“.

* Што е слично, а што е различно помеѓу македонската и германската жена?

Мислам дека не постои ниту „германската“, ниту „македонската“ жена. Во двете општества жените играат значајна улога, меѓутоа во многу области тие сѐ уште се дискриминирани. На „горните катови“ на големите претпријатија, жените се ретко застапени, во работните ешалони често доминираат. Кога се разгледуваат резултатите од образовните процеси, со своите резултати жените често пати се наоѓаат во првите редови, но, што се однесува до примањата, повторно е обратно. Но, тоа најверојатно ќе се промени во иднина и тоа е заедничко: жените се трпеливи, но не попуштат во својот ангажман.

* Имате ли омилен овдешен специјалитет и научивте ли да го готвите?

- Впрочем имам омилено јадење, но не можам сама да го подготвам: рибја чорба, најомилено исклучиво врз основа на пастрмка.

* Дали германските жени се оптеретени со модните трендови и модата,или се повеќе практични и верни на некој свој стил?

- Во Германија, како и овде, има жени, на кои модата им е мошне важна. Но, точно е, навистина е така, голем број жени кај нас – меѓу нив и јас самата – се повеќе практично ориентирано и верни на својот сопствен стил.

* Каде сте патувале низ светот и кое искуство ви останало во најдраго сеќавање?

- Преку мојата работа бев во Африка и Азија, а приватно често пати и во Јужна Европа. Во Африка бев четири години во Мадагаскар, а во Азија во Мијанмар. Највредното искуство, со кое се стекнав, беше дека среќата нема врска со материјалната благосостојба. Сретнав многу луѓе, за кои би рекле дека се повеќе од сиромашни, но имав впечаток дека тие беа посреќни од нас, бидејќи беа задоволни со нивниот скромен живот. Прекрасно културно доживување беше меѓународниот џез фестивал во градскиот парк на Мадагаскар каде делумно се свиреше мошне современ џез. Публиката седеше по тревниците, амбасадори седеа покрај „едноставни“ луѓе, а оние кои најдобро се движеа по невообичаените ритми беа децата од улица...

* Кажете ми нешто повеќе за вас приватно-семејно?

- Родена сум во Хамбург и израснав во околината на тој град. Најважното во градот за мене секогаш беше пристаништето, коe жителите на Хамбург го нарекуваат и „портата кон светот“. Оттука мојата желба како дете да пловам по мориња како морнар. Но, по некое време ми стана јасно дека тоа е малку сложено за девојче, морав да размислувам за нешто друго... Затоа почнав со учење јазици за да можам да комуницирам со други луѓе и дојдов во Министерството за надворешни работи. Од почетокот на мојата кариера сакав да добијам службен ангажман некаде на море, но, за жал, на тоа чекам и ден денес. Во меѓувреме ги препознав предностите и на копно, со мојот сопруг со задоволство планинариме, на пример и на Водно. А во краен случај морето во Грција не е далеку.

Милица Џаровска 

Фото: Вангел Тануровски