СОС Детско село ми овозможи да си го остварам сонот: Животната приказна на младиот уметник Мартин Буровски

Речиси десет години од својот живот, заедно со својот постар брат, Мартин Буровски ги поминал во СОС детското село. Растењето во оваа средина, го зајакнало Мартин и му помогнало уште повеќе да се бори за својот сон, да стане ликовен уметник.

Мартин минатата недела ја имаше својата втора самостојна изложба, на настанот „Едно семејство“, кој го организираше СОС детското село, а се одржа во едукативниот центар М6.

-Ова е мојата втора самостојна изложба која ја правам под менторство на мојот учител во сликарството академскиот сликар Ставре Димитров-Стадим и поддршка на СОС Детско село. Беа изложени 12 продажни дела и 4 експонати кои ми се премногу драги и сакам да си ги чувам целиот мој живот. Во моите дела најчесто доминира реализмот, импресионизмот и експресионизмот. Тоа се моите омилени правци, особено рускиот реализам. Инспирацијата за создавање на едно дело најчесто ја земам од класичната музика и композиторите како Густав Малер, Вагнер, Чајковски и мојот омилен Јоханес Брамс“, раскажа младиот уметник на Женски магазин.

Креативноста, Мартин почнал да ја изразува уште како многу мал, но на друг начин. Со сликарството почнал да занимава во 2013 година кога го запознал неговиот учител Стадим. Тој го вовел во техниката и му го пренел целото негово долгогодишно искуство. Првиоте дела на Мартин биле апстракции, што е  основата на сликарството. Мартин вели дека има направено бројни апстракции со цел да се ослободи во мешањето на боите.

- СОС Детско село ми овозможи многу. Како мал, кога почнав да ги покажувам моите интереси кон уметноста, со поддршка од СОС Детско село  учествував на многу креативни работилници организирани во кругот на селото и надвор од него. Најчесто изработував новогодишни честитки и цртав мотиви на глинени садови. Мојот талент особено дојде до израз кога го започнав средното образование и се преселив во младинската куќа на СОС Детско село. Додека живеев таму, селото  ми даде можност да добивам часови од академскиот сликар Стадим, како и многу материјали (платна, четки, бои) кои ми беа неопходни“, раскажува Мартин за својот дом во детството и во тинејџерските денови. Тие денови, го челичеле и го направиле подобар човек. 

- Животот и детството во СОС Детско село ми поминаа премногу брзо што значи дека ми било премногу убаво. Во СОС Детско село поминав речиси 10 години. Растев со многу деца од целата наша земја. Заедно игравме многу игри надвор во дворот. Тие моменти засекогаш ќе останат во мене. За мене и за мојот постар брат се грижеше СОС мајка Габриела, која нè прими уште на самиот почеток на нашето доаѓање. Таа се грижеше за нас како вистинска мајка и ме поддржуваше да ги развивам моите таленти“, вели Мартин.

Најдрагите спомени од растењето во СОС селото, Мартин ги сподели со нас, а за најтажните рече дека би сакал да останат само за него.

- Најдраги спомени ми се заедничките игри со другите деца, потоа запознавањето со новите деца кои доаѓаа по мене и да не заборавам на најважното, а тоа се зимувањата на кои нè носеа и одморите во летниот камп на СОС Детските села во Калдонацо, Италија кои никогаш нема да ги заборавам. Во овој летен камп запознав многу деца од други европски СОС Детски села со кои се дружевме, си игравме, се натпреварувавме и едноставно прекрасно си поминувавме“, ни раскажа овој талентиран уметник.

На напуштањето на селото и почетокот на новото животно поглавје, на моментот кога дошло време самиот да се грижи за себе, Мартин не гледал со страв ниту чувствувал неизвесност.

- Воопшто не се плашев бидејќи знам дека сè уште има некој зад мене кој ќе ме поддржува и помага во било која ситуација. Тука е СОС Детско село и секако, тука е и мојот постар брат кој премногу ми помогна при моето напуштање на грижата на СОС Детско село.Искрено, ми беа потребни неколку месеци за да се прилагодам кон новата средина по напуштањето на грижата што ја имав во селото“, ни раскажа Мартин.

Сега, тој е студент во прва година на катедрата по сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професор Слободанка Стевческа од која вели дека е премногу задоволен.

- Најмногу сакам да работам икони во византиски стил, но да не ја заборавам, тука е и класичната уметност.Мојата најголема желба и сон е да станам иконописец, да сликам икони и фрески во храмовите во нашата земја и пошироко. Силно верувам дека овој сон ќе ми се оствари и напорно работам за да го постигнам тоа“, вели Мартин и додава дека тој е вљубен целиот свој живот.

- Вљубен сум во уметноста. Таа е мојата најголема љубов и мојата најсилна страст. Најголема поддршка добивам од мојот постар брат и од многуте пријатели кои ги стекнав низ годините на растење и оформување во СОС Детско село и кои многу ме исполнуваат.

Со надеж дека планот во кој толку силно верува ќе му се оствари, го оставаме Мартин во своето царство, пред сликарското платно, успешно да го продолжи да го слика животот за кој сонувал уште во СОС Детско селото.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски