СОЗДАВАЈТЕ УБАВО ТЕЛО ЗАБАВУВАЈЌИ СЕ

Добивај вести на Viber

Телото почнува да ви трепери, возбудата расте, време е за тренинг...

  Одлучивте дека е време да го средите вашето тело. Кај секој од вас мотивите се различни (здравје, обликување на телото, намалување на телесно масно ткиво, зголемување и обликување нa мускулатурата, рекреација, опоравување после повредa, намалување на болките во вратот, дружење, итн). Едниот од тие мотиви е и ЗГОДНО ТЕЛО за претстојното лето. Уште само неколку месеци до летниот одмор. Имате нова цел, за неколку месеци телото да си го направите ТОП за на плажа. Купувате супер опрема за вежбање, маичка, патичиња, тренерки...  Одбирате добар и стручен тренер, познат фитнес клуб и им најавувате на најблиските, но и на пријателите кои ве следат на социјалните мрежи дека почнувате со промените.
  И доаѓа денот, време е за првиот тренинг. Возбудата е на највисоко ниво. За кратко ќе бидете фит J Тренерот ви ги демонстрира и објаснува вежбите и почнувате. Некако тешко ви оди со првата, но и со следните вежби. Ајде, прв тренинг, може следниот ќе биде подобро. Следниот ден ве боли секое делче од телото. Уфф, дали е вака секогаш после тренинг? Тренерот ви објаснува дека сега сте во период на адаптација и нормално е после првите тренинзи малку да боли. Но ова не боли малку, ова боли многу.
  Доаѓа време за следниот тренинг. Сé уште сте дома и треба да почнете да се подготвувате, ама некако не ви се оди, нозете ви се враќаат назад. Па кој сега ќе оди, ајде ќе одложам за утре. Следниот ден истото чувство, истата приказна. Безволно или одлучувате да го одложите тренингот за следното утре или некако ќе се одвлечкате до салата за вежбање и ќе го извежбате предвиденото за тој ден.
   Некако станува досадно, мачно ви е секој ден истото, тренинг, тренинг, тренинг, ваква исхрана, онаква исхрана. Сите на забава, вие на тренинг, па на спиење. Се наоѓате на крстопат, дали да продолжите со агонијата или да прекинете и да продолжите да уживате во животот како сите нормални луѓе кои не мора да внимаваат што јадат, си легнуваат кога сакаат, не мора да губат време на вежбање, итн. Сепак, се зезнавте - плативте однапред членарина за три месеци, па одлучувате да го извежбате платеното, да не ви пропаднат парите.
   Поминаа првите тренинзи, поминаа и првите три месеци, нема веќе болка, научивте како се изведуваат вежбите, чувствувате дека телото веќе ви е тонирано (затегнато), а имате промени и во обемот на струкот, колковите и во останатите делови од телото. Имате и минимални промени во однос на тежината и можеби малку се разочаравте во однос на тоа, но тренерот ви објасни дека имате намалено масно ткиво, но сте додале мускулно ткиво и затоа вагата покажува само мала промена.
  Формата ви се подобрува, линијата на телото исто така. Почнувате некако да уживате и во самите вежби и во она што го гледате во огледалото. Чувствувате полетност, повеќе сте енергични, позитивни и сéнекако ви оди лесно. И најинтересното, секој ден во исто време, како се наближува времето за тренинг, почнува да се случува нешто длабоко во вас. Телото почнува да ви трепери, возбудата расте, ВРЕМЕ Е ЗА ТРЕНИНГ J . Нестрпливи сте, едвај чекате да почнете со вежбање...
А тренингот - вистинско уживање! Убаво ви е во секоја секунда, во секоја минута, со секоја следна вежба. Веќе се собрала и поголема група вежбачи, вежбате во ритамот на високомотивирачка музика, а тешките вежби е полесно да се прават во друштво без разлика дали е тоа онлајн, на отворено или во сала, со супер музика и ужасно позитивен тренер кој ве мотвира до небо, притоа посочувајќи да бидете НАСМЕАНИ во секој момент од тренингот и така полесно ќе издржите и ќе успеете да ја направите и најтешката вежба и да го извежбате и најтешкиот тренинг од почеток до крај. СО НАСМЕВКА СЕ Е ПОЛЕСНО!
  Преку вежбањето небаре сте си нашле свој ИЗДУВЕН ВЕНТИЛ преку кој ја испуштате целата ваша негативна енерија. Забележавте дека додека трае тренинот, мислите ви се чисти, не мислите на секојдневните проблеми, нема негативна енерија, нема грижи...
Се ближи крајот на тренингот, но се чувствувате преубаво, не сакате да прекине, не сакате да заврши.
  Помина мошне долго време. Чудно, си поставивте цел, ја постигнавте целта и сега би требало да се опуштите и да уживате во придобивките од сета таа тортура која ја издржавте, посебно првите неколку тренинзи, првите неколку недели. Но, некако не ви се враќа на стариот начин на живот. Преку „новиот“ начин на живот се спознавте самите себе на поинаков начин. Ви се допаѓа новата ЈАС. Осознавте дека ТЕЛОТО Е ХРАМ НА ДУШАТА, дека треба да го негувате не сега, не додека постигнете некоја површна цел. Телото, здравјето, треба да го негувате постојано, до крајот на животот! И секако, најважно еда уживате во самиот процес. Така ќе ја остварувате дневната цел, да бидете расположени, исполнети и среќни во секој момент од денот, а со тоа и во СЕКОЈ МОМЕНТ ОД ЖИВОТОТ!
И најголемата придобивка од вежбањето не е ЗГОДНО ТЕЛО ЗА ЛЕТО, туку ЗДРАВО И ВИТАНО ТЕЛО ТЕЛО кое ќе ви служи и ќе му служите целиот ваш живот. А ФИТ ФИГУРАТА е само ФИТ БОНУС!

„РАЗВЕДЕТЕ СЕ ОД РЕЗУЛТАТОТ И ВЕНЧАЈТЕ СЕ ЗА ПРОЦЕСОТ“ -  СОЗДАВАЈТЕ УБАВО ТЕЛО ЗАБАВУВАЈЌИ СЕ!

  Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.

*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежба-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото.


Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес


Сите права се задржани