,

Српските џез виртуози Душан Јевтовиќ и Васил Хаџиманов во Станица 26

Добивај вести на Viber

Во четврток, на 17 мај, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб Станица 26 настапува гитаристот Душан Јевтовиќ, заедно со миленикот на скопската публика Васил Хаџиманов на клавијатури и Богдан Џурџевиќ на тапани. Концертот на ова џез трио е во организација на 3Гонга и е Градска сесија број 21. 

Душан Јевтовиќ го вбројуваат во најталентираните европски гитаристи од помладата генерација, чиј музички сензибилитет критичарите го споредуваат со оној на Роберт Фрип.  Неговата соработка со исклучителниот Васил Хаџиманов, едно од најголемите џез имиња на овие простори за кој и не е потребна посебна најава е интензивна изминативе години. Тие заедно соработувааат на најновиот албум на Јевтовиќ „No answer“.  Музиката на овие двајца талентирани и успешни музичари е своевиден амалгам од џез импровизации, во кои е вткаен дури и сензибилитетот на големиот Џими Хендрикс. И на сето тоа го додаваат и дискретниот шарм на српскиот етно фолклор. Овие музичари создаваат еклектична фузија од звуци, кои несомнено заслужуваат да бидат слушнати. Нивното брилијатно музицирање публиката без исклучок го прифаќа со голем ентузијазам.

Душан Јевтовиќ е српски музичар кој своето образование го има заокружено во Барселона, Шпанија, на академија за музика која е огранок на прочуениот Беркли колеџ за музика во Бостон, каде пак има завршено Васил Хаџиманов. Досега, Јевтовиќ има издадено неколку албуми за прочуената њујоршка дискографска куќа „Moonjune Records“и ова значеше негово катапултирање на светската џез и прогресив рок сцена.

Неговата музика е препознатлива по импровизациите и разноликоста на жанровите со кои вешто си поигрува и одлучен е својата музика да ја претстави на светот како порака за креативниот дух и добрата воља.