Стефан неочекувано ме побара за жена во Истанбул, името на нашата ќерка има посебно значење за мене: Водителката Ана Николовска Величковски за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Неодамна се оствари во улогата на мајка за прв пат. Таа е една од најшармантните македонски ТВ водителки, а во последниве години ја гледаме на ТВ Алфа како автор, уредник и водител на  емисијата за уредување на просторот, “Квадрат”, Ана Николовска Величковски.

Доколку нејзиното име не ви звучи познато, сигурни сме дека ќе го препознаете нејзиниот сопруг , пејачот и музичар Стефан Величковски кој остави силен впечаток како учесник во најпознатото регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“.

Во денешното интервју зборуваме со водителката, која ни откри интересни работи за нивниот заеднички живот, мајчинството, малата Зорана.


*Неодамна се остваривте во улогата на мајка, какво е чувството за Вас?

-Непроценливо!!! Од моментот кога прв пат ја допрев ќерка ми, животот доби сосема нова смисла, ова е веројатно нешто што секоја мајка би го потврдила. Ниедна среќа на светот не може да се спореди со оваа!

*Какво бебе е вашата ќерка, какво име и дадовте, дали тоа има некое посебно значење за вас – како родители, како ви поминуваат деновите и дали имате помош околу нејзе?

-Името Зорана има посебно значење за мене, го наследи од мојот татко. Од секогаш сакав ако имам ќерка да го носи ова име, па кога дознавме дека ќе станеме родители се договоривме околу имињата: доколку биде девојче ќе се вика Зорана, изборот за машко име ќе му беше препуштен на мојот сопруг.

Веројатно секоја мајка ќе го каже истото за свото дете, но Зорана е навистина прекрасно бебе. Карактерна и храбра уште од првите денови. Весело бебе е, не буди со насмевка, темпераментна е, сака прошетки, сака внимание, плаче многу ретко и тоа само кога има некоја мака.


*Како се запознавте со сопругот Стефан, раскажете ни ја вашата љубовна приказна?

-Со Стефан се запознавме преку наши драги заеднички пријатели, некое време имавме интензивна комуникација на социјалните мрежи и потоа се се одвиваше мнооогу брзо. Три месеци ни беа доволни да сфатиме дека сакаме заедно да го поминеме животот, па во октомври во Истанбул ме изненади со најубавото прашање. Три недели подоцна дознавме дека наскоро ќе го добиеме најубавиот подарок од Бога… И така во неполна година ни се случија најубавите животни моменти, па првата годишнина си ја прославивме со најубавиот плод на нашата љубов .

*Тешко ли е да се биде сопруга на музичар, и зошто, колку Стефан има време да ви помага околу обврските со ќеркичката?

-Имаме компатибилен животен стил, па од мој аспекет бракот со музичар е забавен, динамичен, интересен. Можеби тоа е така затоа што Стефан знае добро да се менаџира, а приоритет секогаш сме ние. Празниците секогаш се резервирани за семејството, тоа се денови кои навистина ми е важно да поминат во семејна атмосфера. Останатите денови одлично се организираме да поминуваме што е можно повеќе време заедно, понекогаш кога условите дозволуваат дури се моја придружба на работа, а знаеме и ние да проследиме некој настап на тато .

Работните обврски на Стефан се претежно навечер, така што имам цел ден на располагање за извршување на моите работни обврски, а тој е прекрасен татко и уште попрекрасен сопруг па обврските за Зорана и за домот ни се одлично поделени и функционираме совршено.


*Колку ти останува време за женски ритуали, посета на козметички салон, кафе со пријателки?

- Во овие два месеца не сум била одвоена од Зорана подолго од десетина минути (се смее) . Шетаме секогаш заедно, така сум и најсреќна и најспокојна. Важно ми е да изгледам добро и наоѓам време за себе и за да се погрижам за својот изглед во домашни услови, но тоа најчесто беше така и пред да се остварам како родител. Приоритет е сега секако Зорана, па се случува да се лакирам или да средувам коса во 3 часот по полноќ (се смее).


*Како ја одржувате линијата, внимавате ли на исхраната ?

-Е ова е сѐуште болна точка (се смее). Бременоста ми донесе над 20 килограми од редовната телесна тежина која ја одржував со години, па сѐ уште се мачам да си ја вратам старата фигура. Внимавам на исхраната, избегнувам оброци доцна навечер, пешачиме редовно, но не оди брзо како што замислував.


*Кажете ни нешто повеќе за вашата професија, што ве мотивира во животот, дали повеќе би прочитала книга или би гледала филм?

Повеќе од една деценија и третина од мојот живот го поминав во оваа професија и сѐ уште не почувствував монотонија, тоа зборува многу за работата како медиумска личност. Јас сум личност која сака постојано да истражува, да се надградува, да учи… а оваа професија дефинитивно го поддржува и бара тоа, затоа и токму тука се пронајдов себе. Да направам добар баланс помеѓу кариерата и семејството било од секогаш најголемиот предизвик за мене, а оваа работа и тоа како ми помага да бидам успешна во тоа.

Книга би бил мојот прв избор пред филм секогаш, но животот со бебе не дозволува да се фокусираш целосно, па затоа сега би одбрала филм. И тоа понекогаш заспивам уште на најавната шпица. Од пишан збор веќе ми се подготвени сликовниците за деца кои нетрпеливо чекам да почнеме да ги читаме (се смее) .


* И двајцата имате јавни професии, како се релаксирате и како го поминувате слободното време?

- Тоа што имаме професии кои имаат допирна точка една со друга веројатно и прави да имаме и слични интереси па многу брзо и лесно се договараме како да го поминеме слободното време. Сакаме да патуваме, сакаме природа, музика, друштво… Времето поминато со семејствата и пријателите ни е дефинитивно време во кое уживаме и се исполнуваме со позитивна енергија!


Ирена Ставрова