Струмичкиот „Мулен Руж“ ве води во „Загаденото кралство“

Четврт век карневалската група „Мулен Руж“ подготвува свои маски за Струмичкиот карневал. Нивните беспрекорни, впечатливи и уникатни маски претставуваат вистински времеплов. Со необична креативност  патуваат низ времето, по мориња и океани, вон вселенски и подземни.

Годинава „Мулен Руж“ ќе се претстави со маската „Загаденото кралство“. Идејата е целосно остварена од подмладокот на оваа карневалска група. Името може да ви поткажува нешто, може и да не ви е баш лесно да претпоставивте од каде се сетиле токму за тоа име. Нина Хаџи-Котарова, член на „Мулен Руж“, вели дека оваа година следејќи ја ситуација во светот решиле да испратат порака дека сите патат од тоа без разлика на статусот во општестото. За читателите на Женски магазин, Нина открива дека песната и подготвената точка ќе допринесат за целосно претставување на пораката која сакаат да ја пренесат на Струмичкиот карневал, но и пред целиот свет.


Ја прашавме Нина, како успеваат да ја сокријат својата идеја, а таа ни откри дека секогаш заеднички се трудат да не дознаат луѓето во што ќе бидат маскирани, што ќе биде нивната маска и што користат како материјал за изработка.

Години наназад, „Мулен Руж“ има изработено многу маски, дел од нивните уникатни и креативни маски прошетале низ многу места во светот. Претставувајќи се себе си како карневалска група, но исто така претставувајќи го Струмичкиот карневал пред светот, но и нашата земја.


„ Со маската „Адам и Ева“, одејќи кон „Моцарт“, ја однесовме Струмица и на пат кон „Индија“ a потоа и на „Карибите“ и „Рио“ со „Strumica Airlines“, во меѓувреме застанавме и во „Африка“ и уживавме со „Вино, љубов и музика“, го најдовме „Скриеното богатство“ во морето, отидовме на „Пат кон вселената“, се преродивме како „Феникс“ и ги донесовме „Фламингата“ на карневал“, се навраќа низ годините на карневало Хаџи-Котарова.

Со истите маски се претставиле на карневалите во Хрватска, Белгија, Црна Гора, Србија, Албанија, Бугарија и Германија.


„Струмичкиот карневал за нас претставува еден настан со долгогодишна и богата традиција .Горди сме што ја наследивме традицијата од нашите постари и чест ни е што ќе ја продолжиме“, истакнува Нина.

За Женски магазин, Хаџи-Котарова вели дека порано имале поддршка од спонзори, но последните три години максите ги работеле без спонзорство со сопствено учество на членовите, меѓутоа им помогала и стимулативната подршка од општина Струмица.

Прашавме како група од десетици луѓе се договара за идејата на маската, за тоа како ќе изгледаат членовите, како ќе изгледа возилото, танцот, а Нина ни откри дека, идејата секоја година се презентира од неколку членови, потоа се гласа и се избира темата, се прави првична замисла за реализација, а се доработува до последниот ден се до настапот на карневалот. Со работа започнувале, околу два месеци пред почнувањето на карневалот.


Струмичкиот карневал годинава одбележува јубилеј 30 години организирана форма на оваа манифестација,  а сите оние кои сакат да го проследат може да очекуваат збогатени карневалски денови со ретроспективна изложба од изминатите 30 години, одбележување на јубилејот под мотото 30 години Звезда под небото, со доделување признанија и презентација на Монографијата Струмичко чудо како и јубилеен концерт под маски и збогатена традиционална програма во сите сегменти .


Наталија Миланова