Свадба со ќерката како главна гостинка: Наташа Мерсовска се омажи во нетипична креација

Новинарката Нашата Мерсовска и нејзиниот партнер Александар Ристовски минатиот викенд направија свадба и црковна венчавка. Главна гостинка на забавата беше нивната ќерка Каја, која има девет месеци. 

Уште еден убав повод за веселбата била крштевката на Каја, која Мерсовска и нејзиниот партнер решиле да ја направат на истиот ден со свадбата. 

„Заврши свадбата, а ние два дена се „опоравуваме“. Забавата беше во „Ла Тана- Камник“, мислам дека беше одлична журка, музиката и коктелите ептен завршија работа. Гостите си поминале добро, а ние уште подобро. На почетокок сакавме да биде само крштевка, но бидејќи и ние не бевме венчани, решивме бракот да го озваничиме и пред Бога па потоа да се собереме со најблиските и да прославиме“, ни раскажа уредничката на бизнис вестите на „Сител“.

Она што со што таа привлече вмимание на свадбата е уникатната и нетипична креација, блуза со цветови и пантолони. 

„ Не сакав класична венчаница, сакав пантолони, но немав идеја како да изгледам. Затоа побарав совет кај Олгица Георгиева, за која бев сигурна дека ќе смисли креација и модерна  и елегентна. Ме разубави студио Vogue и Шурбевски, така што, јас лично сум задоволна“, ни изјави Мерсовска. 

Наташа со колегите и со пријателите 

За нејзината ќерка, Наташа вели дека била херој на вечерта. 

„ Херој на вечерта беше Каја, која ја издржа и бучавата и музиката, а и лично се забавуваше и играше“, додаде новинарката за својата ќерка.  Пред неколку месеци, за Женски магазин таа отворено зборуваше за ризичната бременост. 

Првиот танц со Каја 

„ Веднаш штом дознав дека сум бремена заминав  во Битола, за да им ја кажам на родителите убавата вест. Но, дента пред да се вратам во Скопје обилно искрварив и ме хоспитализираа на неколку дена. Крварењето го предизвика хематом, кој беше поголем од плодот и  според обајснувањето на докторите се јавува и без некоја причина. Ми беше строго забрането движење. Кога крварењето се намали, по два месеци се вратив во Скопје, каде што ми ја водеа бременоста и продолжив со контролите . Имам и вредена тромбоцитопенија, односно помалку тромбоцити од нормално, па колку што одев кај гинеколог, толку посетував и трансфузиолог и хематолог. Голема благодарност до др. Седула Усеини и Лазе Чадиевски, Чочоровска и Бојаџиев, кои постојано следеа како се движат вредностите и дали е неопходна терапија.  Среќа, бев во сигурни раце, најдобрите стручњаци се грижеа за мене и на крајот на ноември се роди Каја“, сподели Наташа за тешкиот и неизвесен период.   

На крајот на август, таа ќе им се врати на работните обврски. 

Милица Џаровска