Свечено доделена наградата „ПЕГАЗ“ и промовиран победничкиот роман „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук
На свечена церемонија во Музеј на Град Скопје вчеравечер (17 декември) на авторката Соња Манџук ѝ беше врачена наградата за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“. На настанот беше промовиран и нејзиниот роман „Насон прочитана книга“, кој победи на конкурсот за 2019 година.
На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ пристигнаа 77 ракописи. За победникот, кој беше соопштен во септември 2019 г., одлучи тричлената стручна жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател и издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).
Од име на жири-комисија пред присутните се обрати реномираниот писател Димитар Башевски, кој истакна дека бројката од 77 пристигнати ракописи на конкурсот е импозантна и дека му е драго што меѓу нив имало неколку комплетни дела – меѓу кои и наградениот „Насон прочитана книга“. Тој рече дека „Романот носи приказна за човекот. Во ова време на технолошки и дигитален развој, човекот се чувствува отуѓен, а во романот пронаоѓа приказни каде што се присутни луѓе. Па така, читајќи, човекот никогаш не е сам“.
Башевски ја пренесе одлуката на жирито, во која се вели:
„Напишан во манирот на постмодернистичките книжевни практики, ’Насон прочитана книга‘ претставува онирична авантура чиешто поаѓалиште е една библиотека, како онаа добропознатата на Борхес, инаку во неговиот ’поимник‘ дефинирана како вселена. Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како феномен, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов ’Деца на Луната‘, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост. Авторката Соња Манџук во овој роман, преку заокружена приказна, внимателно осмислена структура и со раскошен стил, го поттикнува интересот за овие прашања на суптилен начин. Важна е и етичката димензија на романот, која сепак не преминува во некаква груба дидактика или морализирање. Манџук умешно го користи капацитетот на романот како жанр во себе да инкорпорира различни дискурси, збогатувајќи го со форми што не се секогаш книжевни, но притоа не се нарушува романескната структура, ниту се доведува во прашање жанровскиот идентитет на ракописот“.
Наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Од име на фондацијата, но и во улога на промотор на книгата, се обрати новинарот и автор Ѕвездан Георгиевски:
„Насловот на книгата на Соња Манџук е убав и симболичен. Ме потсетува на начинот на кој ја создававме оваа награда – како на сон. Овој ракопис долго време седел во фиоката на авторката, чекајќи еден ден да биде објавен. И затоа многу ми е драго што го направивме овој избор и што сега на јаве ќе ја прочитаме ’Насон прочитана книга‘“, рече тој.
За Соња Манџук (родена 1966 г.) ова не е прво објавено дело. Зад себе ги има поетската книга „Воопшто без“ (1989), збирката поезија на српско-хрватски јазик „Земјовање“ (1991), новелата „Деан Кингер: сместен во смешна куќа“ (1993) и збирката раскази „Стилски вежби“ (2013).
„’Насон прочитана книга‘ одлежа долго време во мојата фиока, пред сѐ зашто имав проблем каде да го сместам авторот, односно себеси. Мислев да се сместам во еден ќош, од каде што ќе имам увид на сѐ, кон она што се случувало во далечното минато и кон она што може да се случува во иднината. Но, тоа ми се чинеше претенденциозно. Па така, бидејќи се работи за луциден сон, во којшто станувате свесни дека сонувате, и можете да бидете каде било, кога му се навратив на романот решив да останам во библиотеката и да го избегнам концептот на писател кој е сезнаечки и сеприсутен. Многу добро ми се поврза тоа што го напишав во меѓувреме, како врзивно ткиво... Авторот во романот е анонимен адепт од 19 век, член на Теозофско друштво, човек кој има знаења што се случувало во далечното минато, и што ќе се случи во иднината. Од таа позиција ми беше многу поудобно да ги раскажам нештата што ги има во романот, кои бараат одредени предзнаења. Ликовите не се ликови во класична смисла. Тука и читателите се ликови. Уметноста и книжевноста ги сфаќам како некој вид на отворено дело, па поради тоа во моето дело му наоѓам место на читателот“, рече Манџук.
Романот „Насон прочитана книга“, во издание на „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапен во книжарниците „Литература.мк“, и онлајн на literaturа.mk.