На 152 семејства досега им се платени сметки за струја и вода: Моника Ризовска од Ways2help - светлата точка во тунелот за социјално загрозените семејства

Добивај вести на Viber

Моника Ризовска е ко-основач на платформата Ways2help и амбасадор на Women in Tech Македонија, со неа ве водиме низ една успешна приказна од хуманитарен карактер која е светла точка во тунелот за социјално загрозените, во ова време на пандемија, кога огромен е растот на невработеноста, и бројот на индивидуи и семејства на кои им е потребна помош.

Приказната Ways2help започнува така што, по согледување на потребата и околностите, тим од млади луѓе сфаќа дека има начини како дигитално може да се делува здружено и да се придонесе за подобрување на ситуацијата во која се наоѓаат овие семејства и деца. Така го вложуваат слободното време и стекнатото знаење во изградба на платформа за спојување и приказ на сите начини за помош. 

Ways2Help е победничко решение на онлајн натпреварот “StartUp Weekend Covid-19 edition”, посветен за дигитални решенија на проблеми предизвикани од пандемијата

- Како предходни долгогодишни волонтери во различни организации за подобрување на општеството, бевме свесни за предизвиците на организациите внатрешно како и на донаторите и компаниите. По направеното истражување решивме да креираме веб страна во која ќе ги вклучиме сите иницијативи, организации, компании и индивидуалци донатори. Одлучивме да го промениме донаторското искуство и да го направиме попривлечно, но и поедноставно.

Иако тимот за време на натпреварот не се имаше запознаено и видено во живо, мотивот и целосната вложеност предизвика атмосфера во која сите се чувствувавме како веќе подолг период да работиме заедно. Гледајќи наназад како да заборавивме дека станува збор за натправар, фокусот го ставивме на решението на предизвикот и промената што можевме да ја направиме. И покрај тоа што настанот се случуваше во виртуелна средина ја чувствувавме поддршката и заинтересираноста за нашата идеја и тоа ни овозможи да бидеме упорни во реализацијата тогаш а и до ден денеска сè уште.

Ways2Help денес е платформа која ги поврзува организациите, компаниите и индивидуалните донатори со цел да се помогне на социјално загрозени семејства, деца без родители и деца на самохрани мајки. Покрај можностите за онлајн донирање, платформата нуди и опции за редовно плаќање на режиски сметки за струја и вода, донации на училишен прибор, храна и санитарни производи.

- На почетокот, зад ова решение првично стоеше тим од петмина луѓе, додека денес сме веќе единаесетмина: Марта Толевска, Дина Дамјановиќ, Адриан Џумкар, Моника Ризовска, Георге Богдановски, Александра Манолчева, Бојан Ангелески, Андриана Илиевска, Џево Ибраими, Селвир Османовиќ и Ана Секуловска. Денес имаме и над 800 волонтери низ цела Македонија кои своеволно ни се приклучија и со сето срце сакаат да помогнат и да се вклучат во акциите.

Со секоја акција се зголеми потребата од ажурирање, проверка и развој и доусовршување на секоја функционалност. Секој член од тимот си има своја функција и свој тим, а меѓусебно се заменуваме по потреба. Имаме голема поддршка и од нашите организации соработници кои неминовно ги гледаме и како дел од тимот.

*Почетниот тим на Ways2help 

Визијата на Ways2help е активно и здружено да се решат сите локални и глобални предизвици

- Она што секојдневно нè мотивира, е чувството дека слободното време го посветуваме на нешто кое предизвикува неизмерна среќа и исполнетост кај донаторот, но и враќа желба за живот и претставува светла точка во тунелот за социјално загрозените семејства и индивидуи. Дополнително, желбата да обезбедиме еден транспарентен процес на донирање за донаторите и дека ќе успееме да овозможиме повеќе начини да се помогне преку дигитални решенија и поддршка на организациите.

Семејствата кои се дел од акцијата Ways2help #ПлатиСметка се избрани според нивните месечни примања, работоспособност на членовите во семејството како и нивната здравствена состојба при што се гледа нивната финансиска можност да ги покријат своите трошоци на месечно ниво како и дали припаѓаат во категоријата на социјално загрозени семејства.

- За нас беше навистина битно секоја донација да оди во правите раце и сето тоа да е транспарентно. Со цел да се осигураме дека оваа акција ќе биде од помош на оние на кои им е навистина најпотребна, започнавме соработка со организација која секојдневно нè известува и гарантира за веродостојноста на сите семејства на кои досега активно помогнавме со „Плати сметка“ но и со донација на храна, лаптопи, облека и училишен прибор. Благодарни сме и задоволни сме од досегашната соработка со нашите соработници - Вистински Дела на љубезност, без кои оваа акција немаше да биде волку успешна.

Донаторите, иако лично не ги знаат семејствата тие сепак се запознаени со нивната приказна, на страната Плати Сметка, до наведеното семејство е испишана и нивната приказна - кратко објаснување за нивната моментална ситуација и причината за потреба на помош. На овој начин, секој што сака да помогне може да се запознае индиректно со семејството на кое директно значајно допринесува.


*од лево: Александра Манолчева, Дина Дамјановиќ, Engage конференција

За неполна година, 1005 граѓани доброволно платиле 1043 сметки со донации од над 1.960.000 денари, за 152 семејства

- Ние уште сме во “шок” и секако многу среќни. #ПлатиСметка е акција која на сите ни е при срце бидејќи самото решение беше иницирано и инспирирано од лична приказна на девојка од тимот која се соочи со финансиска криза поради пандемијата.

Денес благодарение на ова решение и срдечноста на сите донатори усреќивме и дадовме надеж на над 152 семејства. Броиме скоро 2 милиони или над 30.000 евра вклупно платени сметки и донации на сметки за струја и вода. Исплатата на овие сметки е повеќе од само доказ на хуманоста на нашиот народ туку и причина за поинакво утре за случаи во кои по исплатата на заостанатите сметките за струја на некои семејства повторно им беше приклучена електричната енергија.

Покрај тоа што можат да платат нечија сметка, граѓаните можат и да донираат храна, мебел, облека

Од почетокот па сè до денес Ways2Help има реализирано акции како што се: Донирај Конзервирана Храна на која беа донирани  93,2 кг конзервирана храна, 75.8 кг различни производи на храна, 3,7 кг хигиенски средства, 27кг облека. Овие акции често ги правиме и сме благодарни што сме редовно потпомогнати и од наши компании соработници како Food Hood кои неодамна донираа и над 150 оброци за сиромашни семејства и деца. 

Огромна логистичка помош добиваме од кафе бар Среќа и нивните вработени кои редовно ни помагаат за секоја донација со нивниот простор. Ниедна од овие акции за облека, санитарни производи и храна немаше да биде возможна да не беше помошта и поддршката со логистика.

Моментално активна е акцијата за донирање училишен прибор која е една од акциите која долгорочно помага и ги мотивира децата кон правилен развој и стекнување на образование. Досега се собрани над 150 комплети училишни ранчиња и прибор.  

- Образованието несомнено игра голема улога во тоа како се градиме и како личност, а за децата тоа допрва започнува. Среќни сме што голем дел компании досега ја препознаваат оваа акција и значително потпомогнаа и се вклучија во активно донирање и оваа година. Досега благодарение и на споделувањата за оваа акција, собравме над 150 комплети училишни ранчиња и прибор. 

Секој што сака да донира колку што е во можност може да помине во Скопје во кафе бар Среќа при што со секоја донација ќе добие и бесплатно кафе, и во Струга во кафе бар Блоку.

*Донации за училишен прибор во Скопје во Кафе Бар Среќа

*Донации во Кафе Блоку, Струга

„Досега навистина сме позитивно изненадени што и покрај оваа кризна состојба постојат луѓе кои несебично придонесуваат, донираат, се хумани, добри, и несебично спремни да помогнат без разлика дали со помош преку волонтирање, споделување на акциите, донација на облека, храна, или исплата на сметка“ 

- Акциите Плати Сметка, Донирај училишен прибор, се уште еден доказ дека луѓето сакаат да знаат каде допринесуваат, битна им е довербата, веродостојноста, и транспарентноста, а впрочен се што досега правевме беше и во таа насока, да ја потврдиме довербата и да покажеме дека заедно може многу да помогнеме. Ние навистина не очекувавме дека толку брзо ќе најдеме донатори кои се спремни безусловно да помогнат, без возврат, дури и анонимно. Моменталната ситуација е многу комплексна и треба да се подржуваме еден со друг. Постојат луѓе кои до пред година имаа свои фирми, сега немаат, не се во можност да ги платат своите сметки, луѓе на кои што не им следува помош или не знаат дека им следува помош поради недостатокот на информации во јавноста. Ние се трудиме да допреме до сите тие луѓе и со таа цел во иднина ќе следат и акции од едукативен карактер.

Сакаме да ги охрабриме и другите организации да стапат во контакт со Ways2Help и да најдеме заедно и други начини за помош на сите оние на кои им е најпотребно.

За крај, Моника Ризовска упати и голема благодарност до сите донатори за #ПлатиСметка од самиот почеток досега. 

- Желбата да бидеме максимално транспарентни и доследни на се што сме ветиле и кажале воспостави и доверба кај сите донатори. Ние и ден денес се трудиме и ќе се трудиме сè да биде транспарентно и секој донатор без разлика на тоа колку вложил да добие точна слика каде и како допринесол. 

Благодарни сме и на волонтерите на “Вистински дела на љубезност” кои ги прегледуваат сите семејства, ја утврдуваат нивната состојба и секогаш не развеселуваат како од терен ни пренесуваат реакции од самите семејства кога вклучиле стрјуја и засветила светлина и почнале да плачат од среќа и неверување. 

Ништо од ова немаше да биде без отвореноста и да прифатиме совет, критика и насока за подобрување. Особена благодарност и до нашите ментори. Тие беа значаен дел од дефинирањето и согледувањето на сите можности. Благодарение на нив и понатаму работиме на развојот на самата платформа, денес заедно со новите членови во тимот и волонтери кои од неодамна се дел од нашата приказна која продолжува.


Љ.Иванова