Свирам за пиво, живеам од денес за утре: Тајванец ја пее „Македонско девојче" во Охрид

Стив Ли од Тајван перфектно ја пее „Македонско девојче", и е вистинска атракција во охридската чаршија.  

Тајванскиот музичар патува секаде низ светот со својата гитара. Месецов, Македонија е дел од неговата турнеја. На футролата на гитарата, Стив напишал интересна порака: „За пиво и за хотел". 

Слушајќи го како ја пее „Македонско девојче", со симпатичен акцент, минувачите низ чаршијата му оставаа бакшиш. Го прашавме: „Ќе биде ли ова доволно за пиво и за сместување?" 

Стив низ насмевка одговори дека ако го спои бакшишот од Охрид со оној кој вчера го добил во Скопје, ќе биде доволно. „За утре не знам. Но за вечерва имам сместување. Живеам од денес за утре и среќен сум. Се шегувам, не буквално, но многу слично на тоа", ни раскажа Стив.  

„Кога ја планирав мојата тура летово, и Македонија ми беше на листата на земји кои сакам да ги посетам.  Истражувајќи низ вашата музика, ја најдов „Македонско девојче". Ме фасцинираше веднаш штом ја слушнав и ја научив. Вчера ја свирев во Скопје, сега во Охрид, и не добив лош бакшиш можам да ви речам", додаде Стив.  

Интересна е неговата приказна за тоа како станал уличен свирач. 

„Работев во компјутерска компанија, бев солидно платен, но не бев среќен. Еден ден, земав лист и пенкало и ги напишав осумте работи кои навистина сакам да ги правам. Туристички водич, ТВ водител, уличен свирач беа дел од нив. Интересно е што низ годиниве сите тие желби ми се исполнија откако ја напуштив компанијата во која работев", ни рече Стив. 

Во Скопје и во Охрид, тој дојде по патувањата низ Литванија, Словачка, Естонија, Италија, Германија.. Сликајќи го и снимајќи го, луѓе од целиот свет му ги испраќаат сликите на Инстаграм. Со нив потоа одржува контакти и се сретнува повторно кога ќе ја посети нивната земја. 

„Ќе зборував до утре, но морам да пеам, а и пивото ме чека", ни рече симпатичниот соговорник за крај.  

М.Џаровска