Свирев гитара за да преживеам, а сега луѓето ме плаќаат за луксузни парфеми: Интервју со Паоло Терензи

Ова беше мој избор, никој не ме принуди. Почнав да го работам ова кога станав доволно зрел и искусив многу други нешта во животот. Јас сум единствен креатор на парфеми кој го прави ова во живо, бидејќи е многу опасно и ризикувате многу нешта

Славниот италијански креатор на парфеми Паоло Терензи, со својот шарм и харизма ги освои симпатиите на присутните на промоцијата на неговите нови парфеми во Скопје. 

„Носот“ на компанијата „Tiziana Terenzi“ дозволи да бидеме сведоци во процесот на креирање парфеми, а раскажа и дел од своето интересно и бурно животно патување, специјално за Женски Магазин. 

* Вашата фамилија има историја во правење парфеми. Вашата компанија е стара повеќе од 50 години и тоа е фасцинантно. Која е приказната позади овој бренд, што го натера Вашиот дедо да почне да создава парфеми?

- Мојот дедо беше многу талентирана личност. Беше музичар, офицер во Италијанска армија и има животна приказна од која ќе се фасцинирате. Знаете јас сум Италијанец, а Италијанците имаат многу силно влијание од папата и католичката религија. Ние ги сакаме црквите и катедралите. Дедо ми со неговиот брат основаа компанија во која правеа свеќи за Ватикан. Тоа беше негова професија во втората половина од неговиот живот. Но тој беше многу талентиран за парфеми, си направи негова сопствена колонска вода. По Втората светска војна, не постоеа парфимерии како овие сега, парфемот беше повеќе во мали продавнички за малку луѓе, така дедо ми правеше парфеми за своја душа, за нашето семејство и пријатели, и за неколку клиенти. Парфемот беше скап, се правеше по италијанска традиција и природни состојки што е комплетно различно од француската традиција што за мене е досадна. 

Дедо ми и татко ми ја направија првата миризлива свеќа во светот. Комбинираа елементи како парфем со восок, што е компарација на ангел и ѓавол кои мора да останат заедно. Мојот татко имаше различна визија, отвори наша компанија за производство на свеќи, а дедо ми со целото свое искуство во парфеми дојде да работи таму. 

Јас бев дете и поминував многу време со него, тој ме израсна, поминував време во неговата лабараторија и си играв со молекулите, правев експерименти. Тој ме виде и ми дозволи да го следам неговото магично патување во светот на состојките. И со текот на времето не сфатив дека ова може да биде моја професија и сѐ уште се мислам зошто луѓето ме плаќаат за да го правам тоа што го сакам.

* Она што е интересно за Вашата професионална позадина е дека сте музичар, со завршени студии по право и филозофија, студии по хемија и физика, и поет. Зошто покрај сето ова избравте да сте професионален креатор на парфеми? Дали можеби Вашето семејство Ве натера на тоа?

- Јас сум многу љубопитен човек и се трудев да најдам свој сопствен пат и начин. Мојот ден не може да помине без книга која ме држи буден во животот. Кога бев помлад бев музичар, свирев гитара за да соберам пари низ Европа. Тогаш немавме мобилни, беше друго време, се качував на воз, имав студентска карта со која можев да патувам низ сите главни градови во Европа и патував со мојата гитара без пари. Свирев гитара за да соберам пари и да соберам искуство од светот. Музиката беше дел од мојот живот, а целото знаење го донесов во светот на парфемите. Зошто и парфемите имаат ноти, курс, пентаграм како во музиката. Па мојата гитара, мојот инструмент се молекулите. Перфемот е тип на јазик кој може да го искористите со било која нација и да ве разберат.

Ова беше мој избор, никој не ме принуди. Почнав да го работам ова кога станав доволно зрел и искусив многу други нешта во животот.

Јас сум единствен креатор на парфеми кој го прави ова во живо, бидеќи е многу опасно и ризикувате многу нешта. Едноставно сакам да ја споделувам мојата пасија со луѓето, не ми е грижа, јас веќе ја изгубив репутацијата.

* Како ги избирате имињата на Вашите парфеми? Дали имате некој омилен?

- Ова е тешко прашање. Сите парфеми се мои деца, па не може да ме прашате кое дете го сакам повеќе. Ги сакам сите подеднакво, но мојата љубов е различна, како и за моите деца. Им треба различна љубов од мене. На мојот син му треба заштита и стимулација, што е сосема различно за мојата ќерка. Значи имам иста љубов, но дистрибуирана на различен начин. И за парфемите е исто. Има парфеми кои се повеќе јас, мој стил и сакам да ги носам, но има и парфеми кои сум ги направил и многу сум горд на нив, но не ги користам бидејќи не го репрезентираат моето расположение и стил.

* Како се чувствувате на македонско тло?

- Ова ми е првпат во Македонија, првпат во Скопје, па откирвам нешто ново. А секој пат кога правите ново патување, се враќате со нови искуства, нови пријатели. Па многу сум возбуден за оваа посета.

* Што сте слушнале претходно за нашата земја?

- Знам нешто од историјата, баш пред некој ден разговарав за тоа со моето семејство. Знам дека има натпревар меѓу Македонија и Грција. Мојата жена се интересира за тој дел, бидејќи е археолог и многу чита за историјата. Знам и чувствувам дека е економски мудра земја, која се базира на земјоделие. Имав неверојатно искуство во една винарија блиску Скопје, бидејќи јас обожавам вино. Пробав различна сорта на вино од она што го сакам и пијам вообичаено и сум воодушевен.

* Работите само со свежи материјали, кои лично ги собирате во Вашите патувања низ светот. Што ќе понесете од Македонија?

- Досега најдов само добро вино и убави жени. Тоа ќе земам овојпат, а следниот пат ќе се вратам по состојки. (хахаха) Она што ме воодушеви тука е храната.

Навистина патувам и барам материјали, но истотака имам и тим кој работи за мене за да избереме парфеми. 

* Доколку Македонија би била парфем како би мирисала?

- Сѐ уште не сум размислувал за тоа. Но ова утро кога се разбудив, си мислев дека сакам да направам парфем инспириран од Македонија. Ова е навистина интересно место, како раскрсница на култури и место каде што има дух, енергија и вибрации кои се слични на мојата сторија. Ми се чини дека би играл доста со дрвја, нешто што ќе биде важно, но исто така и свежи состојки, со главна нота на овошно како круша, праска и допир на заводливост за убавите нешта кои ги видов , со килибар и мошус.

* Која мотивација Ве води низ животот?

- Да се докажам себеси секој ден, да научам нешто ново секој ден.

* Што беше потребно за да станете успешни?

- Фактот дека не ми е гајле, не се грижам. Никогаш не сум мислел на успех и пари, секогаш сум го живеел животот интензивно. Тоа им го кажувам и на моите деца, дека треба да го живеете својот живот како тоа да е последната секунда, не правете далечни планови бидејќи животот може да се смени во еден драматичен момент. Живејте ја својата иднина сега, вашиот живот е сега. Понекогаш имам проблеми со мојата сопруга бидејќи сум тип на човек што може да го потроши целото богаство во една секунда и да не зажали. Тоа е ака бидејќи не знам што ќе се случи утре.

* Тоа значи дека немате идни планови? Или пак сепак постои нешто кое го посакувате за Вашата иднина?

- Имам убав брод и обожавам да пловам. Ако размислувам далеку за животот, идејата ми е да се пензионирам на бродот, со многу стара и секси жена, да пловам по Медитеранот до крајот на мојот живот.


Даница Караташова