TAA E…Сузана Јошевска Анастасовска: Посакувам како жени почесто да си ги местиме круните една на друга кога ни се паднати
Насловно фото: Виктор Поповски
Имав голема дилема за тоа како да ја најавам денешната гостинка на ТАА Е... Ако почнев со тоа дека е силна жена, знам дека додека ќе го чита воведов ќе превртува со очи, бидејќи е противник на дефинирање на жените. Башка, за неа не постои жена која не е силна, туку само жена која не ги искористила до крај своите можности и капацитети, за што мора веднаш да се сложам. Ја запознав кога пред 7-8 години имав една непријатна случка кога си најдов своја песна во нечија туѓа збирка. Очигледен плагијат, со неколку сменети зборови што ме остави без текст и ме исполни со гнев. Веднаш ми напиша дека имам добар материјал за тужба и дека ми стои на располагање со својата стручност. Од причина што знаев колку емотивно ќе го преживеам тоа, се откажав од законското право да тужам, но нашата комуникација продолжи. Низ годините ги запознав сите нејзини страни, од жена-борец за правата на жените, мајка на две прекрасни деца (мора да ви кажам дека со нејзината ќерка Михаела имавме неверојатен “клик” на една промоција во Охрид и веднаш знаев дека детето си има афинитет кон уметност), потоа ја открив Сузана која навидум е кревка и нежна а знае да истрча маратон и да ги поместува сопствените граници на издржливост, па следеше една нова Сузи која е љубител на музика со истенчен вкус за истата, а притоа е брилијантна во својата професија.
Сигурна сум дека сте имале можност да ја гледате на ТВ екраните. Таа е онаа елоквентна адвокатка со остар ум која има одговор на секое прашање и која воопшто нема дилема да си го каже мислењето без да се грижи дали тоа некому ќе му се допадне или не. Дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, а заедно со Снежана Станковиќ ја основаа адвокатската канцеларија СТАНКОВИЌ И ЈОШЕВСКА во 2008 година. Ако некогаш се најдете со неа во судница, искрено ви посакувам да биде на ваша страна (се смее).
Чест ми е што можам да ја наречам пријателка, столб, жена од која учам и инспирација.
Ladies and gentlemen… Сузана Јошевска Анастасовска
•ДАЛИ СЀ УШТЕ РААТОТ ТИ Е НАЈСКАП (ФБ СТАТУС ОД 2020 ГОДИНА)? ШТО Е ЗА ТЕБЕ РААТ И КОЛКУ УСПЕВАШ ДА ГО ИМАШ СО ОГЛЕД НА ТВОИТЕ ПРОФЕСИНАЛНИ АНГАЖМАНИ КОИ НЕКОГАШ НЕМААТ РАБОТНО ВРЕМЕ?
- Раатот е скапоцена работа која е често потценета, но како што човек созрева ја сфаќа и цени неговата вредност. Низ годините често дозволував да ми избега, дури понекогаш и свесно, мислејќи дека тоа по кое што трагам е повредно, па го жртвував раатот. Така се испитуваме, се бараме себеси меѓу реалноста и искушенијата, учиме. После некое време, ги подредуваме работите по приоритет. Сега раатот ми е многу погоре на списокот од порано, а и логично е- сигурно како дваесет или триесетгодишна немаше вака да одговорам.
•ДА ИМАШ МОЌ ДРАСТИЧНО ДА СМЕНИШ ЗАКОНИ, КОИ БИ БИЛЕ И ЗОШТО ТОКМУ ТИЕ?
- Немам проблем со законите, имам проблем со злоупотребата и неприменување на законите. Ајде прво да ги почитуваме постоечките за да знаеме што би сакале да промениме.
•КОЛКУ ТЕ ИМА СМЕНЕТО МАЈЧИНСТВОТО? АКО НАПРАВИШ ПАРАЛЕЛА МЕЃУ СУЗАНА ПРЕД МИХАЕЛА И ДАРОН И СУЗАНА СЕГА, КОЛКАВА Е РАЗЛИКАТА?
- Првата промена што ја забележав беше дека e возможно некој речиси насилно да ме разбуди во сред сон и да не сакам да го убијам. Потоа сфатив дека можам и да станувам рано недоволно наспана и дека нема да пропадне светот. Потоа станав потрпелива, посмирена, помалку себична и со поголема емпатија и разбирање кон другите. Другото сè си е исто.
•КОЈА Е СУЗАНА КОГА НЕ Е ВО КАНЦЕЛАРИЈА ИЛИ НА СУД? КАКО ГО ПОМИНУВАШ СЛОБОДНОТО ВРЕМЕ?
- Под слободно време го сметам само времето посветено исклучиво на себеси и на моите желби и потреби. Тоа значи дека тоа не е целосно времето кога не сум на работа, туку тоа е едно многу кратко и ограничено време во неделата. Времето поминато во обврски надвор од работата и времето посветено на туѓите потреби, па и поминато со семејството, иако ми причинува големо задоволство и ме полни со љубов, не е мое слободно време. Порано речиси го немав. Сега го имам се повеќе па можам и да правам повеќе и поразлични работи. Јас уживам кога сум сама. И немам проблем да си го побарам тоа кога ми треба.
•СВЕДОЦИ СМЕ НА МНОГУ ПРИМЕРИ ВО КОИ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО Е ПРЕМОЛЧУВАНО. КОЛКУ СЕ ДЕНЕС ЖЕНИТЕ СПРЕМНИ ДА ЈА ИСТЕРААТ ПРАВДАТА ПО СУДСКИ ПАТ И ДАЛИ СПОРЕД ТЕБЕ НАШИОТ ПРАВЕН СИСТЕМ ИМА ДОБРО РАЗРАБОТЕНИ МЕХАНИЗМИ ЗА РАЗРЕШНИЦА КОЈА НЕМА ДА ЕСКАЛИРА ВО ЦРНА ХРОНИКА?
- За жал далеку сме од разработени механизми. Во зародиш се протоколите за работа со жртвите од моментот на пријавување до рехабилитација и сеуште учиме како систем и општество. Поместени се работите од мртва точка, особено во Скопје, но за жал, Македонија не е Скопје и во другите помали места состојбата е очајна. Сите испитувања покажуваат дека жените не веруваат на системот и дека трпат во безизлезност. А проблемот е уште поголем кога жена, особено мајка, која не е економски независна, треба да пријави насилник. Ќе се соочи со недоволно организирана мрежа на засолништа, немање психолошка помош и механизми за стекнување нејзина економска независност (работа или парична помош) заедно со системски проблем за згрижување на нејзините деца (градинка и училиште), па дури и да најде работа можно е да не успее. Особено ако е сама, без поддршка од семејството, родителите. Ужасно тешко е и тоа е една од причините зошто жртвите многу често се повлекуваат од пријавите и се враќаат кај насилниците.
Но, знам и инспиративни и херојски приказни. Кога постои солидарност, нема што не може да се постигне.
•КАКО СТОИМЕ РОДОВО ВО ОБЛАСТА НА ПРАВОТО? И ПО НЕКОЈА ТВОЈА ГРУБА ПРОЦЕНКА, ЗА КОЈА ОБЛАСТ ОД ПРАВОТО ЖЕНИТЕ ПОВЕЌЕ СЕ ИНТЕРЕСИРААТ?
- Мене секогаш ми бил интересен фактот дека жените почесто носат судски тоги од мажите. Значи, имаме значително поголем број судијки од судии. Во сите степени, од основните судови до Врховниот и Управниот суд и низ целата држава. Што се однесува до родовата застапеност во адвокатурата, впечатокот е дека во кривично-правната област и во постапките за надомест на штети (сообраќајки најчесто) мажите се позастапени.
•ИМАШ ДВЕ ДЕЦА, МИХАЕЛА И ДАРОН. ЗА МИХАЕЛА ЗНАМ ДЕКА ВЛЕЧЕ КОН УМЕТНОСТА (ЗА ЧИТАТЕЛИТЕ: ЌЕРКАТА НА СУЗАНА ИЗВОНРЕДНО ЦРТА), ИАКО ОСВОЈУВАШЕ МЕДАЛИ И ЗА ДЕБАТИРАЊЕ. ДАЛИ НЕКОЈ ОД НИВ ЌЕ ТЕ НАСЛЕДИ ИЛИ ВЕЌЕ ПОКАЖУВААТ ДРУГИ АФИНИТЕТИ?
- Рано е, но не верувам дека било кое од моите деца ќе сака да биде адвокат. Михаела има предиспозиции бидејќи одлично пишува и одлично аргументира, чита и има чувство за правото, но нејзиниот талент за уметност и нејзината посебност и специфичност, се надевам дека ќе ја однесат во друг правец. Јас на никаков начин ниту сугерирам, ниту очекувам било кој да ме наследи. Всушност, ние како родители немаме никакви очекувања за нив освен да бидат пристојни личности.
•КОМЕНТИРАШ ЗА АКТУЕЛНИ СЛУЧУВАЊА ОД ОБЛАСТА НА ПОЛИТИКАТА И ПРАВОТО. ДАЛИ СЕ СЛУЧУВА ДА БИДЕШ АТАКУВАНА ЗАРАДИ ТОА ДЕКА ИМАШ СВОЕ МИСЛЕЊЕ, КОЕ ГО КАЖУВАШ ЈАСНО И ГЛАСНО?
- Секако дека се случува, но тоа најчесто се пакува во наводно сугерирање за мое добро, ако ме разбираш. Никој грубо не ме нападнал лично. Нападите од профили на социјални мрежи кои ниту ги познавам ниту ме познаваат не ги сметам за релевантни ниту пак ме засегаат, иако знаат да бидат доста непријатни. Но, како вели Дејв Шапел, тоа не е реален свет, зошто би се грижела?!
•ПРЕД НЕКОЕ ВРЕМЕ ЈА ЦИТИРАШЕ ПОЗНАТАТА МЕРИЛ СТРИП И НЕЈЗИНОТО ВИДУВАЊЕ НА ЉУБОВТА КОН СЕБЕ, КОЈА (МЕЃУ ДРУГОТО) ВЕЛИ “ПОВЕЌЕ НЕ ТОЛЕРИРАМ АРОГАНЦИЈА И НЕ ЈА ПРИФАЌАМ ТРИВИЈАЛНОСТА КАКО НОРМА”. СО КАКВИ НОРМИ ЖИВЕЕМЕ И ДАЛИ МИСЛИШ ДЕКА ГЕНЕРАЛНО СМЕ АРОГАНТНИ КОГА СЕ РАБОТИ ЗА ЉУБОВ?
- Термините ароганција и љубов не треба да бидат во иста реченица, не пак да егзистираат заедно. Ароганцијата ја смалува, снеможува љубовта, не ѝ дава простор, ја гуши. Арогантен човек остава помалку простор за да сака и да биде сакан.
Што се однесува до тривијалноста како норма, тоа е слично како раатот- ти треба време за да ја научиш лекцијата и сфаќаш дека немаш време за тривијалности. Тоа само ти ја цица енергијата и те спречува да уживаш и да ги согледуваш и вреднуваш важните работи.
•ЧИНАМ ДЕКА НИТУ ЕДЕН МАРАТОН НИЗ ГОДИНИВЕ НЕ ПОМИНАЛ БЕЗ ТВОЕ УЧЕСТВО. ШТО Е ТОА ШТО ГО ЖИВЕЕШ ПРЕКУ ТРЧАЊЕТО, ДАЛИ Е НАТПРЕВАР СО СЕБЕ ИЛИ УЖИВАШ ВО ТОА ДА СИ ГИ ИСПИТУВАШ ГРАНИЦИТЕ?
- На Скопскиот маратон, со исклучок во ковид годината 2020, учествувам сите години од 2013. Последниве години се организираат многу настани каде што се трчаат различни дистанци, а јас не сум ни од далеку активна како некои, ниту пак постигнувам значајни спортски резултати. Но, тоа не ме спречува секогаш кога имам можност јавно да ја ширам љубовта кон трчањето за да инспирирам.
Трчањето за мене е градење на карактер- што има посилно за една личност од остварување на поставена цел која зависи исклучиво од тебе и твојата посветеност? Јас по природа сум „кампањец“, тоа го сметам за маана, низ животот се’ што сум постигнала било со трчање кратки исцрпувачки спринтови. Со трчањето долги дистанци се обидувам тој дел од карактерот да го подобрам, си замислувам дека ако се посветам на нешто подолго време, да градам нешто пополека, постапно и одлучно, без изговори, и ако потоа успеам, ќе се сменам и на други полиња. Кога тоа ми успеа првиот пат, еуфоријата беше идентична како кога го положив правосудниот испит. После тоа се навлекуваш и се изненадуваш колку многу сила има во волјата и мозокот. Трчањето ме прави да се чувствувам моќно бидејќи победата над себе, кога цело тело ти вреска да застанеш а ти продолжуваш до целта, е триумф кој влијае на самодовербата и чувството дека нема проблем кој не може да се реши.
•ТЕ ЗНАМ КАКО РОКЕРКА КОЈА САКА ДОБРИ ЖИВИ СВИРКИ И КОЈА УЖИВА ВО МУЗИКАТА. КОЈА МУЗИКА МОЖЕШ ДА ЈА НАРЕЧЕШ СВОЈА И ЗОШТО ТОКМУ ТАА?
- Живите свирки и концертите се најубава забава за мене. Најверојатно тајната е во енергијата. За жал, ги има премалку и преретко за град кој сака да се нарече метропола. Затоа ги ловиме и надвор од државата колку можеме. Секоја музика која ме допира е моја, музичкиот правец нема врска. Освен турбо фолк и разните турбо фолк деривати. Тие не можам ни на пијано.
•АДВОКАТУРАТА Е ТВОЈОТ ПРОФЕСИОНАЛЕН ИЗБОР. ДОКОЛКУ БИ МОЖЕЛА ПОВТОРНО ДА СЕ ВРАТИШ НА КРСТОСНИЦАТА НАРЕЧЕНА “ШТО САКАМ ДА БИДАМ КОГА ЌЕ ПОРАСНАМ”, БИ ОДБРАЛА ДРУГА ПРОФЕСИЈА ИЛИ ПОВТОРНО ЌЕ ПОБЕДИ ПРАВОТО?
- Секогаш би го одбрала правото, тоа беше љубов на прво отворање на Уставот и со правото сме сè уште во една хармонична врска. Но, ако прашањето е што би била кога не би била адвокат одговорот е или професор или психолог.
•НА ФБ ВО ЕДЕН ТВОЈ СТАТУС ВЕЛИШ “ТАА Е ПРИМЕР КАКО ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА ВИСТИНСКА ДАМА-МИ Е ЕДНА ОД НАЈОМРАЗЕНИТЕ РЕЧЕНИЦИ”. МИСЛИШ ДЕКА БИЛО КАКВА ДЕФИНИЦИЈА ЗА ДАМА ИЛИ ВООПШТО ИЗРАЗОТ “ВИСТИНСКА” ДАМА/ЖЕНА Е ПОРАЗИТЕЛНА?
- Да, користењето на тие фрази во овој век е поразително. Луѓето сè уште со леснотија ги кажуваат и не се сомневам дека ги мислат како комплимент, несвесни за лошата порака која се праќа - површно дефинирање која жена е повеќе жена од друга. Всушност, дефинирањето на жена како „вистинска дама“ го доживувам како пејоратив бидејќи ме потсетува на сите „невистински дами“ (во кои се вклучувам) кои низ годините се критикувани дека се гласни, емотивни, несредени, “машкуданки”, “лудачи”. Сакам да кажам гласно дека костум, фризура, средени нокти, наштиман глас и замрзната насмевка не те прават вистинска ниту невистинска дама. Сето тоа е толку површно.
•И ЗА КРАЈ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО НЕ ТЕ ПРАШАВ, А САКАШ ДА СПОДЕЛИШ СО ЧИТАТЕЛИТЕ?
- Сакам да ја споделам мојата неизмерна почит кон твојот труд за подобрување на менталното здравје на жените и рушење на стереотипите кои ги оптоваруваат, твојата јавна улога во подигнување на свеста кога се изрекуваат оние навидум безначајни и мали попатни (народни) фрази и етикетирања на жените кои се доживуваат како различни од „нормалните“. Дали тоа биле стари, сами, разведени, немажени, дебели или слаби. Затоа што и јас, како и ти, посакувам како жени почесто да си ги местиме круните една на друга кога ни се паднати до колена и секогаш да ја одбираме солидарноста наместо осудата.
Сузана, ова е песната за тебе...не е за “вистинска” жена, ниту за “дама”. Оваа песна е песна за секоја жена која силата ја црпи од себе.
Има едни жени
Жени-карпи
Кои чинам дека земјава ја крепат
Дека се’ од нив излегло
И се’ во нив се враќа
Едни чудни жени
Кои напати лик нежен имаат
И тело синкир една торба не ќе додржи
Како од воздух праени
Како да не чекорат туку лебдат
Како три прсти над земја да се лелеават
Ама карпи жени
Оти плеќите нивни крепат годиништа
И не се свиваат дури и кога чеда си закопуваат
Кои однатре плачат
И во себе прамени коса си корнат
Од бол
Од јад
А на лицата ништо не им се гледа
Само очите им темнеат
Како црното од душата низ нив да излегува
Има едни жени
Карпи се
За од нив камин в куќа да си направиш
На зиме да те грее
На лето утеха за студот шо ќе дојди да ти дава
За храм од нив да сториш
Во кој и срцето и телото ќе ти спијат
Таквите жени љубов не водат
Таквите жени умираат и се раѓаат во нив дур си
Ете тие
Таквите жени и тебе со нив те носат
Како дете да си им
Како последното нешто што на светов останало
Како последното видело за нив во овој живот
Има едни чудни
Едни многу чудни жени
Карпи жени
Тие со векови можат да стојат пред врата
Да чекаат
Да молчат
Да се надеваат
Стројни и исправени
Тие во матките универзуми носат
И простум живот даваат
За семката да продолжи
За да не се изретчиме
Да не не’ снема
Има едни жени
Карпи жени
А среде карпата
Внатре
Срцето им чука ѓоа за тројца работи
И затоа брзо им се арчи
Со секој здив од себе земаат
За на другиот да дадат
Од секое пумпање крв за тебе
А она малку шо ќе остани таа ќе го земи
Има едни чудни жени
Кои ако ги скршиш
Маж никојпат не ќе бидиш
Оти таквите ко пукаат земјата се треси
И небото плачи
Таквите ко се рушат
Пеплишта остануваат
Ниту дом, ниту храм
Ниту огниште појќе од нив бива
Од тие едни чудни
Многу чудни
Карпи жени
За Женски Магазин, Ана Бунтеска