ТАА Е...Сузана Турунџиева: Да кажам гласно НЕ кога е НЕ и да не бидам рамнодушна по ниедно прашање
Отсекогаш ми оставаше силен впечаток со раскошната коса, држењето, тенката фигура, смирениот глас и таа нејзина препознатлива и широка насмевка како на дете кое му се радува на животот. Мајка ми многу ја сака, оти ѝ е олицетворение на вистинска дама од Битола (град, вода не е). Сузе ја запознав пред неколку години, во кафулето Umbrella, првиот локал кај нас во кој беа вработени лица со попреченост, кој ги сруши стереотипите за лицата со попреченост. И двете гостувавме таму, таа на клавир, со нејзиниот карактеристичен глас, а јас со читање поезија. Беше токму онаква каква што очекував дека ќе биде. Топла, насмеана, од неа се ширеше спокој кој веднаш се чувствуваше кога ѝ се доближив. Не знам колку знаете за Сузе (јас си ја викам Сузи), па кога ја пребарував нејзината биографија сфатив колку има постигнато во својата кариера. Скромноста која ја краси е само една од особините кои ги има, а кои се вистински благослов. Хумана и нежна со сите, жена која прва ќе подаде рака некому, ненаметлива и која си го тера својот филм без да си го арчи времето на мудрување за туѓите животи и одлуки.
Уште од шест годишна возраст свири на клавир, а на дванаесет години без знаење на родителите, со заштедени пари си купува гитара, на која почнува да учи да свири. Средно музичко училиште завршува во Битола и во текот на четирите години освојува вредни награди на републичките и сојузните натпревари по соло пеење: прва награда на републичкиот натпревар по соло пеење во Скопје, во 1985 година, како и прва награда на сојузниот натпревар (на ниво на СФРЈ) во Белград по соло пеење, во текот на истата година. Во 1987 година се запишува на ФМУ во Скопје, на отсекот по соло пеење во класата на професор Благоја Николовски. Во годините кои следат добитник е на вредни награди, и тоа: прва награда на Републичкиот натпревар по соло пеење во Скопје во 1988 година и трета награда на Сојузниот натпревар (на ниво на СФРЈ) во Љубљана истата година; прва награда на Републичкиот натпревар по соло пеење во Скопје во 1991 година, како и прва награда на Сојузниот натпревар (на ниво на СФРЈ) во Херцег Нови. После дипломирањето на ФМУ, заминува во Австралија, на покана од КУД „Александро Турунџев“ од Мелбурн. Покрај неколкуте успешни концерти низ Викторија, во ноември истата година учествува и на еден натпревар за пеење „Да пеам, да те натпеам“, каде ја освојува првата награда. По враќањето од Австралија, се запишува на постдипломски студии по соло пеење на ФМУ Скопје, и започнува да работи како професор по соло пеење и камерна музика во средното музичко училиште, Илија Николовски Луј. На покана од А1 телевизија работи на музички проект, насловен како „Мелодија“. Има учествувано во мјузикли, ТВ драми и детски претстави.
Во 1999 го издава својот прв албум со евергрини. Вториот албум со македонски поп хитови, насловен „За тебе“, излегува во 2001 година. Има работено на многу ТВ проекти: „Дом и дизајн“, „Недела во 11“, „Сузе“, „Помеѓу вчера и утре“, „Браво шоу“, „Македонски идол“, „Ѕвезди и приказни“, „Втора смена“, „Трета смена“, „Недела во 3“.
Велат дека уметниците секогаш имаат повеќе таленти, а Сузе тоа го докажа и со пишаниот збор. Во 2007 година излегува од печат нејзиниот прв автобиографски роман „Куфер со соништа“. Во декември 2014 година ја издава првата збирка со мисли и цитати „Моите зборови – мој живот“, а пет месеци подоцна излегува и второто продолжение од истоимената збирка. Во јуни 2015 година, излегува од печат нејзиниот втор роман „Животот не е бајка“ – посветен на нејзината мајка Блага. Во декември 2015 излегува од печат третиот дел од збирката „Моите зборови - мој живот“. Во февруари 2016 излегува од печат романот „5 минути„. Во мај 2016 ја промовира книгата „Љубов и грев“, а во август истата година го издава нејзиното најтешко четиво, романот „Не вели збогум“, посветен на љубовта на нејзиниот живот. Во октомври 2016 излегува од печат „Фејсбучарење“, а во март 2017 го промовира прирачникот за среќа Среќометар. Во октомври 2018 го промовира романот Реставратор, а само еден месец подоцна ја промовира збирка со мудрости на нејзината помала ќерка Матеа „Мудрологија“.
И покрај сите загуби, таа цврсто чекори по својот пат без да потклекне и продолжува да биде жена која никого не остава рамнодушен, а најмалку заради својата убавина и изглед. Силата на една жена, нејзината приказна, нејзините падови и подеми...и сето тоа со насмев на лицето и верба во животот.
Ladies and gentlemen, Сузана Турунџиева!
ЖИВОТОТ ТЕ ИМА ДАРЕНО СО НЕПОВТОРЛИВ ГЛАС, МАЈКА-СТОЛБ, ДВЕ ЌЕРКИ КОИ СЕ ТВОЈАТА СВЕТЛИНА И ТАЛЕНТ ДА ПРЕТОЧИШ ЕМОЦИИ НА ХАРТИЈА. НО, ОД ДРУГА СТРАНА ТИ ИМА И ЗЕМЕНО МНОГУ, НАЈВАЖНИТЕ ТРОЈЦА МАЖИ ВО БИТИСУВАЊЕТО НА ЕДНА ЖЕНА: ТАТКОТО, БРАТОТ И СОПРУГОТ. ДАЛИ СИ МУ ЛУТА, ДАЛИ СЕ ЧУВСТВУВАШ ОБЕСПРАВЕНО ИЛИ ВЕРУВАШ ДЕКА СЀ СЕ СЛУЧУВА СУДБИНСКИ?
Признавам дека имаше години во кои водев борба со себе, со животот, со судбината, со сите мои таленти и бев лута на сѐ, буквално на сѐ, но како поминуваа годините, сфатив дека не смеам да останам лута и дека веројатно сѐ што ми се случило и не ми се случило е со некаква причина. Така решив да склучам примирје со животот и да почнам да работам на себе, да се самоисцелувам, да се составувам, да си ги разбудам повторно талентите кои несвесно ги затворив во „фрижидерот за длабоко“. Така започна мојата потрага по одговорите на некои вечни прашања и сѐ уште трае. Оттогаш, една по една во раце ми доаѓаат вистинските книги во вистинско време, запознавам токму такви личности какви што знам дека ми се потребни, за да откријам уште некоја нова вистина и да одговорам на уште некое прашање и така.
ПО ПРЕЖИВЕАНИТЕ СЕМЕЈНИ ТРАГЕДИИ, ВЕРУВАМ ДЕКА ТИ ТРЕБАШЕ МНОГУ ХРАБРОСТ И СИЛА ЗА ДА ПРОДОЛЖИШ (НЕ САМО) НАПРЕД, НО И СО НАСМЕВКА НА ЛИЦЕТО. ЛИКОТ НЕ СЕКОГАШ Е ОДРАЗ НА ТОА ШТО НИ СЕ СЛУЧУВА ВО СРЦАТА. ШТО ТИ ЈА ДРЖЕШЕ ГЛАВАТА ГОРЕ СИТЕ ОВИЕ ГОДИНИ? ДАЛИ ГИ ДОБИ ОДГОВОРИТЕ КОИ ТИ ТРЕБАА ЗА ДА ТИ СЕ СМИРИ ДУШАТА?
Процесот (како што напишв и погоре) на потрага по одговори, сѐ уште трае, и верувам дека ќе трае сѐ додека очи ми гледаат и уши ми слушаат. Од оваа временска дистанца најодговорно можам да констатирам дека на поголемиот дел од прашањата кои ми предизвикуваа душавна болка, страдање и немир ги пронајдов одговорите. И затоа не ја „убив“ насмевката, туку ѝ дозволив и натаму да живее, да биде мој заштитен знак и да ми го разведрува духот. Што се однесува до ГЛАВАТА ГОРЕ, чинам дека тоа ми е во „фабричка подесеност“ и го имам наследено од татко ми Васко. Секогаш кога ми е тешко и кога ќе се погледнам во огледало, го гледам и слушам него како ми вели: Можеш ти сине и ова ќе го победиш!
ОСТАНАТ МИ Е ВО СЕЌАВАЊЕ ЕДЕН ТВОЈ ФБ СТАТУС (ПОВОДОТ БЕШЕ ТВОЈОТ 50-ТИ РОДЕНДЕН), ВО КОЈ ВЕЛИШ: “Полувреме е… Ми беа потребни 50 години за да сфатам некои работи… Дека животот е вистинско чудо… Дека ниедно утре и задутре не ни е ветено… Дека си (не)среќен онолку колку што ќе одлучиш да бидеш (не)среќен… Дека сите не се грижат за тебе толку колку што ти се грижиш за нив… Дека да си сама не е трагедија, туку е предност… Дека оној што ти суди не може да те љуби… Дека без оглед на многу препреки, разлики или километри, вистинските љубови не умираат, ниту атрофираат… Дека ако нешто силно сакаш не постои пречка која може да те спречи… Дека темнината и несреќите се минлива состојба… И дека главната улога во мојот живот ми е доверена мене…Полувреме е…И конечно светлото е вклучено! Јаков е светлоносецот. Второто полувреме може да почне”. КОЛКУ СМЕ (НЕ)СРЕЌНИ И КОЛКУ ИМ СУДИМЕ НА ДРУГИТЕ ВО ОВА ДЕНЕШНО ВРЕМЕ-НЕВРЕМЕ?
Па за жал, мислам дека повеќемина се сконцентрирани само на туѓите животи и судбини, (чест на исклучоци) немајќи време за своите и од таа причина околу нас еден куп експерти, судии, обвинители, критичари, аналитичари и гајлеберачи кои СЀ знаат за твојот живот како требало, само ти појма немаш. Тоа го потврдува фактот дека сме навистина окружени со многу несреќни, токсични, нереализирани луѓе кои повеќе се радуваат на туѓата несреќа отколку на сопствената среќа, ако воопшто се свесни што треба да ги прави среќни.
ТОА ШТО ГО ПИШУВАШ ВО ТВОИТЕ КНИГИ Е ТОКМУ ОНА ШТО НА СИТЕ НИ СЕ СЛУЧУВА ВО ЖИВОТОТ, ПОЧНУВАЈЌИ ОД ГОЛЕМИ ЉУБОВИ, ПА СЀ ДО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ. ОД ОНА ШТО ГО ЗНАМ ТВОИТЕ КНИГИ ИМААТ ВЕРНА И МНОГУБРОЈНА ПУБЛИКА, А ЈАС ТВРДАМ ДЕКА ЧИТАНОСТА НА ДЕЛОТО ЗАВИСИ НАЈМНОГУ ОД ИСКРЕНОСТА НА АВТОРОТ. КОЛКУ СЕ ИМАШ РАЗГОЛЕНО ВО КНИГИТЕ И ДАЛИ БЕШЕ СПРЕМНА НА ФИДБЕКОТ ОД ЛУЃЕТО?
Во секоја една од моите книги сум била беспоштедно искрена, без задршки, по цена дека таа моја отвореност и искреност нема да биде секогаш прифатена добронамерно од публиката. Но, одлучив да ризикувам па што сака нека биде. Беше тоа еден силен, несопирлив порив, за кој сум убедена дека некоја невидлива сила ми даваше насока, фокус и моќ како да ги движам ситуациите. Бескрајно сум благодарна на Универзумот кој беше и е мој сојузник, водич и поддршка!
КОГА НОВА КНИГА, НОВО ЧЕДО?
Ова е прашање кое последнава година многу често ми го поставуваат. Иако во пандемијата ми се промени фокусот и интересот за многу нешта, сепак книгите ги одлагам на некое време, затоа што се плашам да не ја „разбудам“ спондилозата која ја заработив во годините кога интензивно пишував и издавав.
ОТКАКО СЕ РОДИ ЈАКОВ, ЗА ТЕБЕ ЗАПОЧНА ЕДНО НОВО ПОГЛАВЈЕ (ЗЕМАЈЌИ ГО ПРЕДВИД ТВОЈОТ ИЗГЛЕД, ИМАМ ПОТЕШКОТИЈА ДА ТЕ НАРЕЧАМ БАБА) ВО КОЕ ГЛАВНИОТ ЗБОР ГО ИМА НАЈМАЛИОТ ЧЛЕН ВО СЕМЕЈСТВОТО. КАКВО ДЕТЕ Е ЈАКОВ? ШТО ИМА НАСЛЕДЕНО ОД ТУРУНЏИЕВИ?
Да, Јаков внесе една нова светлина и убавина во мојот - нашиот живот. Му благодарам на животот што за мојот 50-ти роденден го добив најубавиот подарок, станав баба и покрај тоа што прилично доцна станав мајка. Значи дека не смеам ни да помислам да му бидам лута на животот!
Јаков е темпераментно детуле, големо гушкало, сака да истражува и многу сака да гледа цртани филмови со хумани пораки, каде се спасуваат човечки животи, каде им се помага на немоќни животни и каде се води грижа за животната околина. Се радувам што тоа од малечок го забележува и често и нас (во игрите) нѐ учи дека треба и ние да спасуваме и да помагаме некому.
“ОД БЕКИРЛИЈА ДО БИТОЛА” БЕШЕ ПРВАТА ПЕСНА, А ВОЕДНО И НАЈАВА ЗА АЛБУМОТ “ИСТА СУДБИНА” КОЈ ГО СПРЕМАТЕ СО АТИЏЕ. ТИ СИ ЕДНА ОД РЕТКИТЕ КОИ АКТИВНО СЕ ДРУЖАТ СО АТИЏЕ ОТКАКО СЕ НАМАЛИ ЦЕЛАТА ЕУФОРИЈА СО ОСКАРИТЕ. ВАШЕТО ПРИЈАТЕЛСТВО НЕ Е САМО ЗА ПРЕД КАМЕРИ И ФОТОАПАРАТИ, ТУКУ Е СУШТИНСКО. ШТО НАУЧИ ОД АТИЏЕ? ШТО Е ОНА ШТО АТИЏЕ ГО ИМА, А НАМ НИ НЕДОСТАСУВА?
Во пандемијата сите по нешто изгубија, кој работа, кој некој свој близок, кој изгуби волја за патување, дружење итн, јас ја добив Атиџе. Таа е мојот подарок. Таа не е ни свесна колку многу за животот јас научив од неа, иако (за жал) немала среќа да посетува училиште и да се описмени. Нејзиното животно училиште вреди повеќе од многу дипломи, магистратури, докторати. Нејзината посветеност, човекољубие, добрина и свесност не се учат на ниеден универзитет и вредат бесценето многу. Штета, огромна штета што нашите институции, државата и останатите фактори во областа на културата и филмската уметност кои можеа, требаа да ја заштитат и да ѝ обезбедат достоинствен живот за во старост, не го направија тоа.
ЗНАМ ДЕКА СИ ПОБОРНИК НА ЈОГАТА И ДЕКА ИМАШ СОВРШЕНА ЛИНИЈА И ПРИРОДНА УБАВИНА БЕЗ ИНТЕРВЕНЦИИ. СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА СИ НОН-СТОП ВО ДВИЖЕЊЕ, КОЛКУ ИМАШ ВРЕМЕ ЗА СЕБЕ И ЗА ХЕДОНИЗАМ?
Да, мојата линија, изглед, па и мојата смиреност и присебност во голема мера и’ ги должам на јогата и медитацијата и на времето кое го поминувам сама со себе. Сето тоа го учев и усовршував преку Уметност на живеење кај моите инструктори Маца и Горан.. Колку и да звучи себично, јас сакам и претпочитам да поминам сама со себе барем 1 час во денот, да измедитирам, да се истегнам, да го смирам телото и да ги „слушнам“ сигналите кои тоа се обидува да ми ги прати. Понекогаш успевам, но понекогаш не. Стресниот начин на живот, сѐ почестата трка со времето, обврските како самохран родител ме оптеретуваат дополнително и затоа од година во година правам тотален СЕЛЕКТ на СЀ што е вишок во мојот живот: вишок предмети, гардероба, обувки, храна, па и луѓе.
ТИ НЕДОСТАСУВА ЛИ БИТОЛА? ОДИШ ЛИ ЧЕСТО И ДАЛИ БИ СЕ ВРАТИЛА ЛИ ДА ЖИВЕЕШ ТАМУ, СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА ВО СКОПЈЕ СИ ОД СВОЈАТА 18-ТА ГОДИНА?
Јас никогаш во мислите не заминав од Битола, многу често сум таму. Сѐ уште ја чувствувам истата возбуда и радост кога влегувам во Битола, кога шетам низ старата чаршија, кога се движам по Широк Сокак и кога се качувам по Тумбе Кафе. Кој еднаш бил во Битола, не може да не ја сака. Ретко одам во текот на годината, со исклучок во летниот период кога останувам подолго. Што се однесува до живеење во Битола не знам, можеби ДА во залезот на животот, иако би сакала моите пензионерски години да ги живеам покрај море, да собирам школки, камчиња и да јадам риба. Со Битола во мислите!
“НЕ ВЕЛИ ЗБОГУМ” Е КНИГА ВО КОЈА ИМА РЕД СОЛЗИ, РЕД БУКВИ. МИСЛИШ ДЕКА НЕКОГАШ МОЖЕМЕ ДА ИМ КАЖЕМЕ ЗБОГУМ НА ЛУЃЕТО КОИ СМЕ ГИ ЉУБЕЛЕ И ИЗГУБИЛЕ?
Па веројатно НЕ, нема такво ЗБОГУМ со луѓе со кои си бил силно конектиран. Поврзаноста само ја менува димензијата и животот сам ти пронаоѓа линк преку кој што и понатаму ќе останеш поврзан, близок и ќе ги сокриеш од заборав драгите луѓе кои по одлука на судбината го напуштиле физички овој свет. Така што, на мислење сум дека успеав да ги препознавам знаците, да ги следам инстинктите и да не дозволувам да страдам поради физичкото отсуство на саканите. Да, ништо не е исто, но Бог дава сила. Наше е да не се откажеме!
ТЕ ИМА НА ТВ ЕКРАНИТЕ, ПРЕД КЛАВИРОТ, ЗАД ТАСТАТУРАТА. ВО КОЈА УЛОГА НАЈМНОГУ СЕ НАОЃАШ СЕБЕСИ?
Секоја една ја правам со радост и се трудам да не поставувам превисоки критериуми, туку да бидам природна, оригинална, без тенденции да станам некоја друга или да копирам туѓа приказна. Секој(а) од нас е препознатлива и уникатна на свој начин, колку тоа не му се допаѓа секому. И водителството и музиката во мене и пишувањето ми служат да се искажам на мој автентичен начин, без оптеретување и без никакви стеги и обврски да им се допаднам на сите.
КОЈА Е СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА ЗАД ЗАТВОРЕНИТЕ ВРАТИ ОД СВОЈОТ ДОМ? ДАЛИ Е ИСТАТА ОНАА СУЗЕ КОЈА СМЕ НАВИКНАЛЕ ДА ЈА ГЛЕДАМЕ, СО ШИРОКА НАСМЕВКА И ВЕДРИНА ВО ЛИКОТ ИЛИ СИ ДОЗВОЛУВАШ НЕКОГАШ ДА СЕ ИСПЛАЧЕШ ГЛАСНО?
Во минатото умеев почесто да плачам, мислејќи дека така ќе си олеснам. Подоцна увидов дека не ми станува подобро, ниту полесно, туку само се залажувам. Не паметам кога последен пат се имам расплакано, веројатно затоа што јас немам време за плачење, жалење и кукање се додека од мене зависат други на кои сум им потребна здрава, насмеана, ведра и со широка насмевка и прегратка.
“Слободата не се добива, не се купува и не се продава. За слободата ТРЕБА ДА ДОНЕСЕШ ОДЛУКА” (СТАТУС НА ФБ). КОИ СЕ ТВОИТЕ ОДЛУКИ ЗА ПЕРИОДОТ КОЈ СЛЕДИ?
Одамна не правам големи планови, особено не после пандемијата која ни покажа дека многу планови нема да успееме да ги реализираме, но затоа секојдневно се трудам да го следам својот внатрешен глас, да носам мои лични одлуки без оглед дали тоа му се допаѓа некому или не, да не се плашам од промени, да кажам гласно НЕ кога е НЕ и да не бидам рамнодушна по ниедно прашање.
И ЗА КРАЈ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО НИКОГАШ НЕ ТЕ ПРАШАЛЕ ВО НИЕДНО ИНТЕРВЈУ, А СИ САКАЛА ДА КАЖЕШ?
Драга моја, сѐ сум испрашана низ годиниве, дури и тоа што не ми било многу право да одговорам, но ете ги прашувам јас многумина од новинарите : Зошто е потребно да станеш баба, за да забележат дека си била згодна и дека „како за баба“ одлично се држиш? Демек, не сум доволно распадната за моите години?! За жал, само кај нас толку прашина се крева околу тоа дали е некоја жена баба, девојка, мајка или нешто четврто, наместо да се доживува ЖЕНАТА КАКО ЖЕНА – центар на Универзумот!
За крај, песната која Сузе ја има спомнато во еден пост во кој се вели (парафразирам): ако дочекам да остарам, не сакам во меѓувреме да престанам да живеам.
Ко ќе ти
остари младоста
И во неа
само ронки од радост бараш
Та си ја
гледаш раката
Како чепка
по спомени
И знаеш оти
твоја е
Ама не си ја препознаваш
Оти тие старечки пеги не се твои
Оти уште срцето младо ти е
И знае на љубов да потскокне
Ама пуста душа надолу ти оди
Како низ бунар да се лизга
А бунарот без вода исушен
И удолу како без крај ти се чини
И во сета немоќ
Уште надеж во тебе тлее
Оти и на овие години
Можеш да љубиш како мома млада
И цвет во коси да си ставиш
Та нека се кикотат по улици
Оти не ти е гајле
Дур во градите ти цути среќата
Ко ќе ти остари младоста
И кога од неа како спомен
Само очите живи ќе ти останат
Чудно ти е оти никој не ја гледа
Онаа која во тебе уште живее
И која нема пајажини на лицето избраздени
И чие тело е како струна оптегнато
Оти таа
Онаа внатре во секоја од нас што спие
Таа години нема
Ниту за години знае
Таа љуби како првпат да ѝ е
Таа милува како никогаш никој
На раце да не ѝ умрел
Ете таа
Таа внатре што се крие
И која е млада до денот кога
Од овој свет заминува
Та и на 95 да ѝ е пишано
Ете и тогаш срцето ѝ пее
Ко славеј никојпат во кафез ставен
Таа
До тој миг младоста во тебе ја бара
И љубовта кон тебе ликот и’ го измазнува
Оти нема младост без љубов што не ќе остари
Ниту старост која со љубов не ќе се подмлади
За Женски Магазин, Ана Бунтеска