ТАА Е...Тања БАХ
Тања е родена во Струга. Жена која се бави со уметност, мајка, секогаш жедна за нови искуства и предизвици. Кога го спремавме интервјуто, едно утро во 9 часот и’ го пишувам концептот и после половина час молк, на шега и’ допишав “станувај спанке”. За некое време добивам назад насмевки и текст од кој ми светна дека (како што имаше напишано) ако стасала да стане, да појадува, да извежба и да се истушира, тогаш јас сум спанката со моето станување во 06.30 часот. Јас ја знам Тања од еден поинаков агол, приватен и другарски и мора да сум искрена и да ви напоменам дека се изгубив во нејзината биографија со сите достигнувања, награди и концерти. Дури и за време на пандемијата, Тања и нејзиното студио за танц БАХ со почитување на сите мерки за заштита и протоколи кои важеа тогаш, колку-толку останаа активни на голема радост на најмладите. И за да ви дадам вовед во интервјуто, еве го накратко (колку што можеше кратко да биде) нејзиното резиме на досегашната работа на студиото БАХ.
Тања има поминато повеќе обуки за танц (шоу и модерен танц), од кои може да издвои како посебна, обуката од колектив “Бригантина” и дипломата од професор Викторија Горожанкина и професор Виктор Јорошенко. Од многуте сертификати, награди и признанија исклучително драго и’ е признанието за особен придонес за драмскиот живот во Струга. Има работено на кореографија во драмата „Njerez dhe minj “, театар „Софра“-Струга и театар „Кемал Ајдини“-Дебар 2007. Со своето студио и членовите, ги има освоено следните награди: најдобар сценски впечаток на државен натпревар по танц „Макденс“-Куманово во 1997, 2000 и 2003 година, меѓународен арт фестивал „Езерски бисери“ (второ место, лауреат, естраден танц во 2007 година, прво место- современ балет во 2008 година, трето место- шоу денс во 2008 година, прво место, лауреат-современ балет сениори во 2009 година, трето место=современ балет, јуниори во 2009 година, прво место-современ балет, сениори во 2010 година), интернационален натпревар за модерен танц „Ребис“ прво место и награда за најдобар перформанс во 2010 година, најдобар шоу денс перфоманс на интернационален фестивал „Скопје опен“ во 2011 година, прво место за Шоу Денс формација на интернационален натпревар „Скопје Опен“ во 2015 година, прво место шоу денс дуо возрасни на интернационалниот натпревар „Скопје Опен“ во 2015 година, прво место шоу денс формација возрасни на интернационален натпревар „Скопје Опен“ во 2016 година, прво место хип хоп формација јуниори на интернационалниот натпревар „Скопје Опен“ во 2016 година, прво место хип-хоп група возрасни на интернационален натпревар „Скопје Опен“ во 2017 година, две први места и едно второ на интернационален виртуелен танцов натпревар Стејџ-Скопје во ноември 2020 година, две први и две втори места на Виртуелниот новогодишен државен танц натпревар во Велес во декември 2020 година, сертификат на благодарност на Втората ЕДУ Конференција за професори и ИТ експерти, учесници на мултиетнички детски фестивал Струга во 2015, 2016, 2018, 2019 година, интернационален натпревар Stage 2021 каде настапи со 6 кореографии од кои сите 6 први места, како и специјална награда на најдобри костими на цел натпревар и три ваучери за натпревар во Словенија. Награди на Макфест Македонија: награда за најдобар сценски настап, Дарко Илиевски во 2010 година, награда за најдобар сценски настап, Дарко Илиевски и Никола Паунович во 2011 година. Охрид фест-Македонија: награда за најдобар сценски настап, Ивица Велоски 2012 година, Христијан Тодоровски 2013 година, Викторија Лоба 2014 година). Нота фест-Македонија: награда за најдобар сценски настап, Аурел Амзаи во 2008 година. Кореограф на отворањето на Струшките вечери на поезијата во 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година.
Тања е реализатор,кореограф и режисер на Бах шоу 1999, 2000, 2002, 2003, 2004, 2005, 2006, 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 година, Моден ден Струга 2014, 2015, 2016, 2017, 2019 година, балетска претстава “Dancing Cinderella” во 2015 година, балетски концерт „Улица поинакви 22/22„ во 2016 година, балетска претстава „Убавицата и Ѕверот“ во 2017 година, балетски концерт „Временска машина“ во 2018 година, танц парада за Светскиот ден на танцот 2019-2022 година, балетски концерт „Журка“ во 2019 година, балетска претстава "Светлина" во 2020 година и концерт "Алиса во земјата на танцот " во 2021 година. Во своето 20 годишно искуство како кореограф и танц инструктор, има реализирано многу танц работилници, кореографии за спотови од музички sвезди, гостување на телевизиски емисии и шоуа.
Ladies and gentlemen, Тања Бах!
* СТУДИОТО ЗА ТАНЦ БАХ ФУНКЦИОНИРА ОД 10 ЈУНИ 1994 ГОДИНА, ОДНОСНО, АКТИВНИ СТЕ ВЕЌЕ 28 ГОДИНИ (ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ ОТСЕГА). ОД КАДЕ ИДЕЈАТА ИЛИ ПОТОЧНО ЖЕЛБАТА ДА СЕ ОТВОРИ ЕДНО ВАКВО СТУДИО, СО КОЛКУ ЧЛЕНОВИ ЗАПОЧНАВТЕ, А КОЛКУМИНА СЕ АКТИВНИ ВО МОМЕНТОВ?
Студиото за танц БАХ е формирано благодарение на детски сон да се стане балерина,танчер.Го остварив пред се’ за себе, но и за многу генерации кои поминаа и ќе доаѓаат. Во Струга тогаш немаше училиште за танц, оваа балетска приказна ја започнав заедно со уште три девојки, креиравме и вежбавме. Потоа продолжив сама, бидејќи тие избраа други професии. Направив се’ што можев за да бидам ова што сум денес, со голема желба, упорност,одговорен пристап, многу љубов, многу одржани обуки, едукација, многу жртви и посветеност. Студио за танц БАХ годишно во просек брои околу сто до двесте членови, во моментов активни се околу 130.
* ВЕЛАТ ДЕКА ТАНЦУВАЊЕТО ГО ПОДОБРУВА ФИЗИЧКОТО И МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ. КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ЗА ТЕБЕ ЛИЧНО И ЗА СИТЕ КОИ ЧЛЕНУВААТ ВО СТУДИОТО?
Придобивките од танцот се огромни не само за мене и за моите ученици, туку и за сите кои танцуваат. Кога сме кај физичкото здравје, активниот живот и спортувањето (танцувањето) се најважни предуслови за заштита на нашето здравје. Придобивки од танцот се зголемена координација, флексибилност и агилност на телото, подобрена издржливост, сила и мускулен тонус, подобрена состојба на белите дробови и срцето, зголемување на социјалните вештини. Иако е мал процентот на млади танчери кои ќе продолжат на професионално ниво со нивните кариери како танчери или како кореографи, останатите пак кои долго вежбаат танц ќе научат незаборавни лекции. Танчерите стекнуваат баланс во нивниот живот со тоа што ги распоредуваат нивните обврски кон танцот и образованието. Тие учествуваат кон физичка активност која го подобрува здравјето на нивното тело. Развиваат чувство за самодоверба кога зборуваат или презентираат во јавност, а тоа е голем бенефит кога се работи за училиштата или интервјуа за работа. Танчерите имаат работа со ментори кои се фокусирани на успехот на учениците, внатре и надвор од училницата. Стекнуваат пријателства кои долговечно ќе траат и чувството дека припаѓаат на поголем круг на семејство кои го сочинуваат танчери, кореографи, родители. Откриваат како е да работиш и да бидеш посветен, стекнуваат и доживотна почит кон изведувачките уметности. Танцот не е само уметност туку и начин на живот.
* КАЖИ МИ НЕШТО ПОВЕЌЕ ЗА ТОА КАКО Е КОНЦИПИРАНА РАБОТАТА НА СТУДИОТО, СО ОГЛЕД НА ТОА ШТО ИМАТЕ ЧЛЕНОВИ ОД РАЗЛИЧНИ СТАРОСНИ ГРУПИ.
Студиото за танц БАХ има членови од пет до дваесет и пет годишна возраст, а групите се распоредени со свои термини. Нашите Мини кидс и Кидс тренираат двапати во неделата по час и половина, а Јуниорите и Сениорите три пати неделно по три часа во нормални услови, а тогаш кога спремаме концерти или настани, сите имаат и вонредни проби.
* КАКО ИЗГЛЕДА ЕДЕН ОБИЧЕН ДЕН НА ТАЊА И КОЛКУ ПОСВЕТЕНОСТА КОН РАБОТАТА ДЕЛУВА ПОЗИТИВНО ИЛИ НЕГАТИВНО НА ТВОЈОТ ПРИВАТЕН ЖИВОТ?
Еден мој обичен ден и еден ден на посветен уметник значи работа дваесет и четири часа и затоа секој уметнички труд треба многу да се цени и почитува. Станувам рано, живеам во близина на плажа и секое утро трчам и вежбам, се враќам и завршувам некои домашни обврски . Работниот ден ми почнува околу 11 часот. Обврските се секогаш различни, во зависност од тоа каков проект треба да се подготви најпрво посветувам време на комуникација и договарање со стручни лица околу самиот проект, комуникација и договарање околу обврските кои следуваат со нашите членови и нивните родители, договарање со моите соработници околу костими, сцена, фотографија, средување и миксање музика во студио и слично. Студиото за танц БАХ е приватно студио, задолжителна е работата околу маркетинг на студиото, уредување на инстаграм и фан страницата на нашето студио, информирање на нашите следачи за она што го работиме, организирање семинари и работилници и така натаму. Преферирам повеќето од активностите околу студиото да ги завршувам сама, со оглед на тоа дека имам свои стандарди, а Струга е мал град. ,,Сам свој мајстор“ е супер мото за на крај да бидам задоволна од резултатот. Ова се’ е во првиот дел од денот, а веќе вториот дел од денот е резервиран за во сала, часови и проби со танчарите. Часовите почнуваат од 16:00 и траат до 22:00 часот, додека групите се распоредени секојдневно секој со свој термини. Можам да кажам дека мојата работа има повеќе позитивно отколку негативно влијание врз мојот приватен живот моите блиски се научени да живеат со човек кој има вакво темпо на живеење. Негативните се што немам многу време за посета на роднини и на пријатели, максимално сум посветена на работата и затоа имам само неколку пријатели кои останаа во мое опкружување и кои ме прифаќаат и ме разбираат токму ваква. А во многуте позитивни придобивки е и тоа што запознав прекрасни луѓе, колеги и уметници од Македонија и светот.
* КОРЕОГРАФИЈАТА Е ЗНАЧАЕН ДЕЛ ОД ЕДЕН НАСТАП И НА НЕА СЕ РАБОТИ ДОЛГО ЗА ДА МОЖЕ ПУБЛИКАТА ДА УЖИВА ВО ОНА ШТО СЕ НАРЕКУВА СИНХРОНИЗАЦИЈА ВО ТАНЦУВАЊЕТО. КОЛКУ ЧЛЕНОВИТЕ ВО ГРУПАТА ИМААТ УДЕЛ ВО КРЕИРАЊЕТО НА КОРЕОГРАФИЈАТА, ОСОБЕНО ШТО СЕКОГАШ НАСТОЈУВАТЕ ДА БИДЕТЕ “СВЕЖИ” СО ИДЕИТЕ?
Точно така, на секоја кореографија се работи долго за да се постигне синхронизација и комплетен визуелен изглед за да може публиката да ужива во изведбата. 70% од кореографиите ги работам сама, можам да се пофалам и да бидам горда дека имам помош од возрасните членови во моето студио. Пресреќна сум што креираат и осмислуваат кореографии, следат што се случува на светската танцова сцена за секогаш да бидеме во тек со она што е актуелно, но исто така јас сум една од ретките кои започнаа да соработуваат со колеги и да побараат помош преку работилници да им одржуваат на децата часови со кои ќе се освежи нашиот репертоар и ќе се “избега” од нашиот стил. Колеги со коишто соработувам се Арт Балет Скопје, Eat The Beat Скопје и Break A Leg Скопје.
* СЕКОГАШ ИМА МОЖНОСТ ЗА ОДРЕДЕНИ ГРЕШКИ. МИ СЕ ИМА СЛУЧЕНО ДА СЕ ИЗМЕШАМ ВО РЕДОВИ ОД ПЕСНА ПРИ ЧИТАЊЕ ПРЕД ПУБЛИКА И ЕДВАЈ ДА СЕ СНАЈДАМ. СЕПАК, ВО ЧИТАЊЕТО Е НЕКАКО ПОЛЕСНО ЧОВЕК ДА СЕ ВРАТИ ВО КОЛОСЕК (ТРПИ ИМПРОВИЗАЦИИ) ОТКОЛКУ НА СЦЕНА ВО КОЈА ИМА ПОВЕЌЕ УЧЕСНИЦИ. КОЛКУ ГИ СПРЕМАШ ТВОИТЕ “БАХОВКИ” НА ТАА НЕПОСАКУВАНА, НО РЕАЛНО ПОСТОЕЧКА МОЖНОСТ ЗА ПРАВЕЊЕ ГРЕШКА, НО СО НАЈМАЛКУ ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ЦЕЛАТА ТОЧКА КОЈА СЕ ИЗВЕДУВА?
Нормално е да се случат грешки, посебно на подолги концерти. Од мали нозе со децата работиме да можат да се снајдат доколку се случи грешка и да продолжат со изведбата. Снаоѓањето и покривањето на грешки доаѓа со искуството, што повеќе искуство имаат децата кои изведуваат на сцена толку подобро можат да се снајдат доколку им се случи несакана грешка при изведба на некоја кореографија. Колку што работам на кореографиите, исто толку работам на психолошкиот момент во случај на грешка. Најважно ми е децата да бидат среќни и да знаат дека сите сме луѓе, па грешките ги прифаќаат како лекции и искуство, а не како порази. Овде би додала дека од нашето студио излегле не само деца кои се одлични танчери, туку и деца кои сега се доктори, инженери, економисти, правници, професори, така што, најважно ми е да пораснат во среќни, добри и успешни луѓе.
* НАЈБЛАГОРОДНО Е КОГА СЕ РАБОТИ СО ДЕЦА, СЕКОЕ СИ Е ПРИКАЗНА ЗА СЕБЕ СО СВОЈА АВТЕНТИЧНОСТ. КАКО СЕ ПРИЛАГОДУВААТ ПОМАЛИТЕ НА ДИСЦИПЛИНАТА ЗА ДА СЕ КРЕИРА И ИЗВЕДЕ НЕКОЈ ТАНЦ, БИДЕЈЌИ ЗА ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ ПРЕД ПУБЛИКА (А ПОЗНАВАЈЌИ ЈА ТВОЈАТА ПОСВЕТЕНОСТ) ТРЕБА ДА БИДЕ СЕ’ ПОД КОНЕЦ?
Најубавата работа на светот е работа со деца. Тие се најчистите и најмилите суштества на планетава. Имам свој специјален пристап благодарение на искуството кое го имам стекнато низ сите овие години. Да, јас сум прилично строга и сакам да има ред, дисциплина и да се почитува танцот како уметност затоа што само така ќе се постигнат резултати и ќе се стигне до посакуваната цел. Успевам да ги научам да бидат дисциплинирани, редовни и концентрирани. Нашите часови се интересни и исполнети и децата имаат мотив и со задоволство вежбаат и креираат. Има и такви кои се откажуваат, но и такви кои се борат и со моја помош ги надминуваат кризните моменти. Едноставно, има една точка помеѓу ,,да биде се под конец“ и да имам предвид дека тоа се деца и понекогаш треба да се опуштат. Со љубов и работа, може да се постигнат и двете работи.
* КОЈА Е ТАЊА ПРИВАТНО? ШТО САКА И ШТО НЕ САКА, ШТО ЈА ПРАВИ СРЕЌНА И ИСПОЛНЕТА?
Излезе дека ова ми е најтешко прашање, затоа што многу малку имам приватност (се смее). Ретко одмарам и скоро секогаш сум во движење, бидејќи се случува и сред ноќ да добијам идеја и до утрото да размислувам како да ја реализирам. Многу размислувам и анализирам, сакам да им помагам на другите, се давам себеси искрено. И покрај суровоста на луѓето, сепак на сите во моето опкружување им давам искрена љубов и колку и да ми е тешко знам да се пошегувам и да се насмеам. Сакам кога луѓето си ги одржуваат ветувањата и не сакам лаги. Среќна ме прават многу мали работи и среќна сум кога ги правам другите среќни. Со оглед на мојот хаотичен живот, ме исполнуваат моменти поминати во мир со мојата најдобра другарка – ќерка.
* ПРЕД НЕКОЛКУ ДЕНОВИ БЕШЕ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТАНЦОТ (29-ТИ АПРИЛ). КАКВИ УБАВИНИ ИМАВТЕ СПРЕМЕНО ЗА ДЕНОТ?
За светскиот ден на танцот за нашите стружани како и секогаш имавме подготвено убавина за очи, оддржавме парада на танцот и мал концерт на кои нашите сограѓани уживаа со воодушевување во програмата што ја имавме подготвено. Парадата на танцот е послободна и понепосредна форма на изразување на нашата уметност каде публиката не е само гледач, туку е и учесник. На годишните концерти што ги организираме секоја година е поинаку. Тогаш одиме во најсофистицираната страна на танцот. Организираме навистина врвни концерти и тоа можам одговорно да го потврдам.
* ТИ СЕ СМАЧУВА ЛИ НЕКОГАШ ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО? БИ ЈА ЗАМЕНИЛА ЛИ СЛОБОДАТА КОЈА ТИ ЈА ДАВА УМЕТНОСТА СО НЕШТО ДРУГО И ДАЛИ ВООПШТО МОЖЕШ СЕБЕ ДА СЕ ВИДИШ ВО НЕКОЈА ДРУГА ПРОФЕСИЈА?
Ми се смачува само кога имам напорни периоди пред концерт, затоа што сама завршувам многу работи и во моментите кога ми е пренапорно посакувам одмор и мир од сите гужви. Но уште првиот ден кога ќе ми се пружи прилика за одмор сфаќам дека не знам да одмарам и дека ми недостасува мојата работа. Искрено, не би ја заменила слободата која што ми ја дава уметноста со ништо друго. Можам да се видам во улога на водител и презентер, мојата втора љубов која што ја работам од мали нозе поради фоничниот глас и начин на изразување. Иако никогаш не го напуштив презентерството (снимам рекламни спотови и плејлисти во нашата локална радио станица Плеј Радио) сепак тоа ми е втора љубов за која имам многу помалку време (кој има еден талент за една уметност секогаш има и за повеќе).
За крај, песната која ме потсетува на Тања и која и’ ја посветив за нејзиниот роденден пред две години.
Таа е...
Дете чии очи
светат
пред продавница за гумени бонбони
Старица уморна од животот
со бразди кои на лицето не и’ се гледаат
Жена со крената глава
која коленичи само пред љубовта
Камен кој од ништо не се крши
во твоите раце во пердув што се престорува
Дожд во есен
кој мириса на црвено и зелено
Зима, студена и бела
која сепак срцето ќе ти го стопли
Ветар во сончево утро
кој мислите ти ги соголува
Заводлива кокона
која се токми за убава да ти биде
Плашлива и нежна
а доволно силна да го покори светот
Ранлива пред тебе
а без бол од сите жилети кои во себе ги носи
Љубовница со стаклени копнежи
со тело кое сосе душата ти го дава
Птица која молчи
а сите песни напишани ги дарува
Таа е..
дете
старица
жена
црно-бело и виножито
отров и лек
луда и обична
таа е се’
таа е твоја
За Женски магазин, Ана Бунтеска