TAA E…Наде Молеровиќ: „ДОБРИТЕ НАСТАВНИЦИ ПРЕДАВААТ И РАБОТАТ СО СРЦЕ“ (втор дел)

Продолжение на интервјуто со Наде Молеровиќ

Наде е жена со која веднаш имате КЛИК уште на првиот збор. Секогаш насмеана, со енергија која ве поткрева, со широки сфаќања и желба секогаш да учи и да се менува. На моја огромна радост прифати да разговараме за тема која е секогаш актуелна, образованието и развојот на децата..

Како да ги насочиме децата, не само дома туку и на училиште? Што е она што од нашите поколенија ќе го извади најдоброто и ќе бидат успешни? И кога велам успешни, најмалку мислам на финансиска моќ. Успешноста повеќе ја дискутиравме од аспект на создавање креативни, задоволни и среќни луѓе, кои ќе бидат најдобрата верзија од себе.

Не треба посебно да ви ја претставувам оваа жена-змеј, која има завидно искуство зад себе како наставник, но и мотивациски говорник. Само ќе ве оставам да го изголтате секој нејзин збор кој има тежина како планина.


*  ЕДУКАЦИЈАТА Е НАЈВАЖНА НЕ САМО ЗА ДЕЦАТА, ТУКУ И ЗА НАС ВОЗРАСНИТЕ. ТВРДОГЛАВОТО НАСТОЈУВАЊЕ ДЕКА ЗНАЕМЕ СЕ САМО ЗАТОА ШТО СМЕ ГОЛЕМИ Е ВО НАЈМАЛА РАКА СМЕШНО И НОСИ ГОЛЕМА ШТЕТА. ШТО НАМ (НА ВОЗРАСНИТЕ) НИ Е ПОТРЕБНО ДА НАУЧИМЕ?

Велат дека ние сме генерација на човечки суштества кои живеат во време на најголемите научни, технолошки и информациски достигнувања во историјата на човештовото. И се’ уште сме незадоволни, несреќни, фрустрирани, анксиозни, збунети. Целото човечко знаење, достигнување, различни животни искуства ги имаме на дофат. Со еден клик и Гугл има одговори на сите наши поставени прашања. Секако дека се’ што е на интернет не е вистина, но еден просечно интелектуален ум може да направи разлика, да процени и да си земе од информации кои можат да му бидат од корист. И покрај се велат дека најголемото зло денес на планетава е незнаењето. Да си признаеш дека нешто не знаеш е многу разумно и логично. Доблесно е да кажеш “не знам”.Прашање на личен избор, свесност и желба е дали сакаш да си признаеш што не знаеш,дали сакаш да научиш нешто повеќе за новитетите и напредокот во професијата и за животниот стил. Можеби ќе сакаш да ги зајакнеш родителските компетенции, да учиш од искусните и успешни родители како го постигнале тоа со своите деца. Можеби ќе сакаш да стекнеш и научиш нови вештини кои ќе ти го олеснат секојдневното живеење, или пак за подобрување и справување со здравствените предизвици, здрава храна, учење на нов јазик, ново хоби. Има избор.

Една реченица мене ми го промени светогледот за себе и за животот. Вели: Ако не знаеш што да работиш, работи на себе зошто единствената личност со која најдолго ќе бидеш на земјава си ТИ. Затоа откри кој си, со каков човек ќе ги минуваш деновите, кои се твоите верувања, зошто какви ти се верувањата таков ќе ти е и животот. Има верувања кои се штетни и те држат во место, не можеш одиш напред. Ако веруваш дека си стар за да си зададеш нови цели и да учиш нови нешта, навистина ќе се чувствуваш стар. Верувај дека можеш да си поставиш цели и да учиш и на 50, 60, 70 години. Нема граница, границите се само во нашите умови и погрешните верувања кои сме ги научиле низ животот од нашите родители, од наставниците, средината, заедницата или медиумите. Кои верувања ти користат? Зошто некои верувања сме ги прифатиле како вистина без да се посомневаме и да истражуваме? Кои верувања ти штетат да живееш со полн капацитет? Каква личност сакаш да бидеш? Што сакаш кај себе? Што те лути кај себе? Во што си добар? Во што не си толку добар? На што и на кои луѓе највеќе го поминуваш времето? Велат ако сакаш да се видиш од друга перспектива наброј 5 личности со кои најмногу го поминуваш времето. Епа, таков си . Ако не ти се допаѓа менувај се ти, не другите. Уште мал милион рефлектирачки прашања за себе. Откривај. Многу е забавен процесот на личен и духовен развој. Се откриваш секојдневно и постојано си имаш работа. Работа на себе има да живееме и илјада години нема да стасаме. Затоа времето изгубено во неважни, мали и банални работи и разговори не се враќа, туку треба да се троши паметно, корисно и со ум.

КАДЕ ЛЕЖАТ НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И ШТО ТРЕБА МОЖЕБИ ДА СЕ СМЕНИ ОД КОРЕН ЗА ДА ИМАМЕ ОБРАЗОВАНИЕ КОЕ ЌЕ ДОНЕСЕ ПОГОЛЕМИ И ПОДОБРИ РЕЗУЛТАТИ?

Најголемите проблеми во нашето образование се во обидите да се менуваат, реформираат програми и учебници без јасна визија, без концепт, без компас и без цел. Сигурна сум дека сите надлежни и одговорни за креирање на образовните политики се воделе само од желбата да тие да сменат нешто. Ним им требаат политички поени и жртвуваат генерции само заради нивните хирови. Ете, барем имале добра намера. Штетата ја чувствуваме сите, најмногу нашите деца кои се збунети, обескнижени и натоварени со теми, многу домашни задачи, тестови, содржини, поими кои тешко се разбираат, уште потешко се учат и многу брзо се забораваат. Ни наставниците не се поштедени од големите барања  на надлежните без да им помогнат за возврат во дополнителни тренинзи, обуки, семинари, учебни помагала, компјутери итн. “Знаењето” факти, глупави и бескорисни информации не се образование од 21 век. Ова се нови генерации деца родени со технологии кои умеат да ги пронајдат информациите од своите компјутери и паметни телефони. Ова се навистина паметни генерации кои кога одат во училиште сакаат да знаат тоа што го учат каде можат веднаш да го искористат. Инстант генерации кои бараат инстант решенија и логика во работите што ги прават. Образованието во Македонија треба да се ресетира од почеток и да им се препушти на образованите луѓе, искусните наставници практичари кои разбираат, знаат и секојдневно се соочуваат со небулозните, погрешните и неподготвените реформи кои веќе не чинат празна Македонија. Скоро стана пракса министри да стануваат луѓе со малку искуство во образовние. Како да се очекува од такви луѓе да донесуваат клучни, паметни и важни одлуки за реформи со кои се ветува ренесанса?

Како да се промени образованието во Македонија? Да си поставиме јасна, разбирлива и остварлива државна визија какво образование им треба на децата? Кои вредности ќе ги промовираме? Како ќе го спроведеме тоа? Да веруваме дека само среќно дете ќе биде успешно. Да бидеме посветени во обезбедување на безбедна средина, позитивна каде сите ќе можат да учат. Децата треба процесот на учење да го сфатат како процес кој ќе им носи радост, задоволство во кој ќе го постигнат сопствениот емоционално, когнитивен(мисла, помнење, решавање проблеми, донесување одлуки) и физички развој.

Реформа и промена на политиките за обезбедување наставен кадар. Не може секој да биде наставник. Потребни се изградени карактерни ликови кои во својата професија ќе се остварат со помош и подршка на учениците и родителите. Да ја сфатат одговорноста и клучната улога во животот на детето. Единствената професија која допира човечки животи е токму наставничката. Затоа државата треба најпрво да инвестира во едукација и тренинзи од експерти на наставниците. Да поминуваат психолошки тестови, да стажираат, волонтираат една година до своето вработување. Доколку добијат позитивни препораки од колегите, децата, родителите да се вработат. Бројчани оценки до 9 то одделение да нема за да се избегне негативната компетиција меѓу децата зошто тоа ги фрустрира и ги прави да се чувствуваат помалку вредни или пак да бидат завидливи и љубоморни ако другарчето има подобри оценки. Да се оценуваат наративно со што јасно ќе знаат во што биле најдобри, добри и за што треба повеќе да вложуваат труд, работа и вежба.

*  КОЛКУ Е ЉУБЕЗНОСТА ВАЖНА?

Не ја губи љубезноста поради лоши луѓе. Кога луѓето макар малку би биле пољубезни и повеќе од нив би ја поседувале оваа особина сите ние би живееле во поубав свет. Дали да се бориме да бидеме во право или да бидеме љубезни? Сепак јас ја избирам љубезноста. Но, многумина ниту малку не ја разбираат моќта на љубезноста. Одбираат да бидат насилни, да ги решаваат или добиваат нештата со користење на груби, грди зборови, навреди или пак се дволични. Тоа најчесто и секојдневно го гледаме на социјалните мрежи. Луѓето се умилкуваат со единствена цел да го добијат тоа што го замислиле. Така го губат сопствениот интегритет. Да се мисли, да се зборува и да се дејствува согласно вашите убедувања е личен интегритет кој никогаш не би требало да го доведеме во прашање. Така се постигнува внатрешниот мир кој пак придонесува за вашето физичко и ментално здравје. Дали е за некоја оценка, за учество на некој настан, за позиција, за ред во пошта или било што друго интегритетот и љубезноста, чесноста, искреноста,работливоста се трајни вредности кои ве прават човек во вистинска смисла на зборот. Децата во овој свет на лаги,манипулации, полтронство, лицемерие ќе ве прашаат дали вреди да се отворени, искрени и вредни. Кажете им никогаш да не се изгубат себе, својата посебност и автентичност поради однесувањето на другите. Секогаш во секоја задача да се обидат да го дадат најдоброто од себе, со работа и посветеност, со вежбање и тренинг. И да не успеат во дадениот момент, ќе си одговорат сами на себе дека “Јас го направив најдоброто!”, атоа е најважно. Утре да не си кажете можев, а не направив. Тоа ќе ве навраќа постојано да си водите негативни разговори со самите себе, да се прекорувате и да се лутите. Кога сте доследни на своите вредности, принципи кои сте ги стекнале со текот на растењето ќе бидете горди на себе дека поради ситни добивки не сте морале да бидете некој кој не сте. Барем јас така се однесувам и ми користи во животот. Како? Поубаво ми е на душава. Среќна сум. Не жалам за ништо. Не се каам за ништо. Секогаш сум се однесувала љубезно дури и кон оние кои ме повредувале.

* ЖИВЕЕМЕ ВО (НЕ)ВРЕМЕ ВО КОЕ СТАТУСНИТЕ СИМБОЛИ СТАНУВААТ МНОГУ ВАЖНИ И ЗА МЛАДИТЕ. СКАПИ АВТОМОБИЛИ, БРЕНДИРАНА ОБЛЕКА, РАСФРЛАЊЕ СО ПАРИ, НАТПРЕВАРУВАЊЕ ВО ОДНОС НА ТОА КОЈ Е ПОИМАШЕН. КОГА И КАКО СЕ СТАВА ГРАНИЦАТА МЕЃУ ДОВОЛНО И ПРЕМНОГУ ВО РАЗВОЈОТ НА ДЕТЕТО?

Добрите финансиски навики, како да се почитува вредноста на парите и времето кое е потребно за да се заработат, се важни нешта кои децата треба да ги сфатат уште во детството. Една од добрите финансиски навики кои родителите треба да ги научат децата е да се живее согласно можностите. Не е добро да им се удоволува постојано на нивните незаситни желби да го имаат овој или оној бренд, само затоа што нивната другарка од класот ги има. Велат дека ќе успееме од нив да изградиме финансиски писмени луѓе кога рано ќе научат рационално да ги трошат парите. Да ја согледаат разликата помеѓу желба и потреба. Доколку од соодветна возраст почнете да им доделувате месечен џепарлак со цел да умеат да планираат и да издржат со таа сума во одредена временска дистанца, на добар пат сте. Многу корисна практика може да биде ако им предложите на децата тие да одлучуваат еден месец на што и  колку би потрошиле од вашата семејна месечна заработка. Тогаш тие би се соочиле со одговорност, би имале претстава како се трошат парите за кои мислат дека лесно се заработуваат. Така ќе ги почитуваат повеќе. Да се троши повеќе од можноста е лоша финансиска навика. Уште полошо е ако родителите земаат кредити само за да ги задоволат желбите на своите деца кои секојдневно се под силно влијание на социјалните мрежи каде многу нивни врсници, познаници, славни личности демонстрираат раскош, луксуз, брендирани и скапи часовници и многу други дребулии кои светкаат. А, тоа е една од предусловите колку тие ќе бидат успешни во обезбедувањето на лагоден и безгрижен живот.

*  ПРОЧИТАВ ЕДЕН ВАШ СТАТУС НА ФБ КОЈ ПОЧНУВА ВАКА: ОЦЕНКИТЕ НЕ ГИ ДЕФИНИРААТ ДЕЦАТА КОЛКУ ВРЕДАТ КАКО ЛИЧНОСТИ И ДАЛИ ЌЕ БИДАТ УСПЕШНИ ВО ЖИВОТОТ. КОЛКУ ГИ ИМАМЕ ОПТОВАРЕНО УЧЕНИЦИТЕ ДЕКА ПО СЕКОЈА ЦЕНА МОРА ДА БИДАТ СО СИТЕ ПЕТКИ И ДЕКА ИДНИНАТА ИМ ЗАВИСИ САМО ОД УСПЕХОТ ВО УЧИЛИШТЕ? ДАЛИ Е ТОА ГРЕШКА НА РОДИТЕЛИТЕ, НАСТАВНИЦИТЕ ИЛИ СИТЕ ЗАЕДНО ЈА СНОСИМЕ ОДГОВОРНОСТА ЗА ТОВАРОТ КОЈ ИМ ГО НАМЕТНУВАМЕ?

Децата учат и живеат во услови на секојдневен стрес како ниедна генерација пред нив. Стрес на училиште од секојдневни испрашувања, тестирања, мобинг од другарчињата, понекогаш од наставниците, а и родителите ги држат во состојба на притисок и високи очекувања. Петки, петки….петкииии, само тоа ли важно на училиште? Нашите деца поминаа пандемија, слушаат за заговори, закани од војни и катастрофи. Живеат во услови на дигитална револуција, концепција која ги фрустрира. Неразбирливи учебници, недостаток од истите, закани за бомби и лажни информации секој ден. А ние од нив очекуваме стекнување интелектуални знаења и одлични оценки! Дополнителен стрес  и децата се со се’ повеќе изразени ментални нарушувања, стравови и панични напади дека нешто страшно ќе им се случи. Добиваат оценки изразени со децимален број како најголема глупост која некогаш е измислена. Јас сум за укунување на бројчаното оценување за учениците од основното образование. Да се учат во првите пет години од основното образовани содржини од емоционалната и социјалната интелигенција. За истите содржини и наставниците да  бидат обучени, доучени, тренирани и наградени. Да ги учиме да почитуваат правила,  да комуницираат меѓу себе и да разговараат отворено за своите чувства. Што ги прави среќни, тажни, исплашени, восхитени, возбудени? Да се учи за животни вештини кои ќе им користат кога ќе се вработат, за да можат да напредуваат, да соработуваат, да се организираат и да менаџираат со себе си.

Оценките да бидат описни и да ги искажуваат интересите и силните страни на секое дете. Да се нагласува тоа што во детето е извонредно и во која област, насока да се едуцира. Само така ќе сакаат школо кое ќе им гарантира безбедна, мотивирачка и среќна средина  за учење, дружење и здрав емоционален и социјален развој. А, за тоани треба тренинг на сите. Нов концепт, ресетирање од корен, нови идеи, нови знаења. Ако  немаме, ќе видиме кои земји имаат и како успеале да го унапредат образованието. Учење за наоѓање решенија во животните ситуации и позитивна комуникација на сите нивоа. Задоволни и среќни деца постигнуваат успеси. Среќни и почитувани наставници имаат пристојни плати и награди.Родителите да ја имаат улогата на волонтери кои со почит кон училиштето и вработените ќе се обидат да бидат подршка на сите проекти и активности во кои учествуваат децата. Со позитивен пристап, со желба и чувство на општествена одговорност да се помага во интерес на сите, најмногу на децата.

*  ШТО ПРАВИМЕ СО ОНИЕ НАСТАВНИЦИ И ПРОФЕСОРИ КОИ ЗНААТ ДА ГИ НАВРЕДАТ ИЛИ ОМАЛОВАЖАТ УЧЕНИЦИТЕ, ПРИТОА МИСЛЕЈЌИ ДЕКА ТАКА ЌЕ ГИ МОТИВИРААТ ИАКО ГО ПОСТИГНУВААТ ТОКМУ СПРОТИВНОТО?

Постои една изрека која вели дека  зборовите треба да ги користиме за три цели: да излекуваме, да благословуваме и да охрабруваме. Особено наставниците,бидејќи имаат моќ да влијаат на детските души треба да избираат зборови кои никогаш нема да ја навредат, омаловажат или етикетираат личноста на детето. Навредите наместо пофалбите оставаат тага. Можеби и ќе ви поверуваат ако им кажете дека се глупави, дека ништо не научиле, дека од нив нема ништо да биде во животот. Внимавајте, зборовите можат да “убијат “ нечии соништа и мечти. Но, исто така имаат моќ  да излечат. Доколку го навредите ученикот и постојано го критикувате, бидете сигурни дека не е тоа начинот да ги мотивирате. Децата учат и постигнуваат резулатати само од наставници кои ги почитуваат.

Велат дека децата можеби ќе заборават што сте им предавале, на што сте ги научиле но никогаш нема да заборават како сте направиле да се чувствуваат. Затоа драги наставници, секогаш имајте на ум дека на вашите  ученици треба да им бидете наставник  каков вие би посакале да имаат вашите деца. Тоа нека ви биде водилка колку вистински давате се’ од себе да бидете најдобрата и најуспешната наставничка приказна за која ќе раскажуваат и ќе ве паметат генерации. Клучното прашање, личната и професионална мотивација секогаш да ви биде : Како сакам да бидам запаметен од моите ученици? Што е тоа по што ќе се сеќаваат на мене?

*  ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО САКАТЕ ДА СПОДЕЛИТЕ СО ЧИТАТЕЛИТЕ, А Е РЕЗУЛТАТ НА ВАШЕТО ДОЛГОГОДИШНО ИСКУСТВО КАКО ПРОСВЕТЕН РАБОТНИК (А СЕГА И МОТИВАЦИСКИ ГОВОРНИК)?

Денес кога сум во пензија, имам прекрасни спомени кои секогаш ми измамуваат насмевка, радост, исполнетост и задоволство од себевложувањето во една благородна и одговорна професија. Се’ што сум можела сум правела без задршка и калкулации што ќе добијам за возврат. Уживањето од секоја успешно завршена задача ми носело неописиво чувство на исполнетост,  гордост,  нова мотивација да пробам нови нешта, да учам, да споделувам идеи и знаења за доброто на професијата. Велат, секогаш прави го најдоброто за да не жалиш за пропуштените можности. Како директор на училишта сум се водела од личниот интегритет, авторитет  и принципи. Секогаш сум носела сопствени одлуки за кои сум била одговорна. Вработував и барав наставници кои се вљубени во својата професија, кои имаат разбирање за децата, кои се усовршуваа на сопствена сметка. Денес, тие се омилени наставници и колеги, а јас сум горда на сите нив.

Како  мотивациски говорник за деца поминував часови во разговори, предавања слушајќи ги нивните размислувања и ставови како да се подобриме во училиштето, во комуникацијата, во постигнувањето резултати. Многу од децата по завршувањето на основното образование се навраќаа во училиштето да ми кажат колку од моите мотивациски настани ги мотивирале да размислуваат за себе, за своите соништа, за целите кои си ги поставиле, дека веруваат во себе во убавата иднината, за тоа како да се биде подобар човек.

Мојата мисија успешна, јас задоволна !!!


За крај, ова е песната која го отсликува токму она за што денес говореше нашата Наде. Драга Наде, ми беше чест што те имавме во ТАА Е...

Таа е ѕвезда, треперлива и нежна

Ураган, полн секавици и ветар

Небо, со јата од слободни птици

И дожд, со капки кои чистат од јадови

Таа е љубов, незагадена од тага

Смеа, што гргори во срцето

Сила, што слобода ми дава

И среќа, која солзи радосници ми мами

Таа е јас...

Мојот гласкога својот го губам

Причиназаради која секое утро се будам

Начинна кој учам себе да се љубам

Таа е лето, со сонца кои не заоѓаат

Есенво која дишам со полни гради

Зимасо мирис на печени костени

И пролетво која душава ми се буди

Таа е моја сенка

А под својата нејзе ја чувам

Мојот болод кој бегање нема

Светво кој сум повторно малата Ана

Домкој од себе ме лечи

.......................................................

САМО ВО ОЧИТЕ НА ЌЕРКА МИ

ЈАС СУМ СЕ’ ШТО ПОСАКУВАМ ДА БИДАМ

Фото: Каролина Ди и приватна архива