TAA E…Ружица Милошеска Брчиоска: Верувам во Бог и верувам дека љубовта секогаш победува
Колку пати ви се има случено да не знаете некого, а да се чувствувате дека го познавате? Мене (да бидам искрена) ретко, но кога ќе ми се случи, се чувствувам како да лебдам, како да излегувам од сопственото тело, како светот околу мене да добива сосем нова димензија. Едноставно, тоа е она возвишено ниво на кое се сретнуваат душите и си се препознаваат, та ви се чини дека тој човек отсекогаш ви бил тука некаде, блиску.
Бев млада, многу млада кога и’ го слушнав гласот додека ја пееше песната која ден-денес ми е дел од репертоарот на песни кои ги слушам кога пишувам, седната некаде и со слушалки на уши. Песната која ме погоди како удар во градите, која ме расплака, која не знам (и сега да ме прашате, не би го знаела одговорот) зошто ја доживеав толку освестувачки и болно, а истовремено и како полетно чувство. “СИТЕ МОИ СЛИКИ” беше ЈАС. И не само јас, туку беше огледало во кое се огледуваше не само мојата генерација, туку и генерации отпосле. Кога и’ ја пуштив на ќерка ми, која расте со сосем други идоли и афинитети, детето ми остана подзинато и не и’се веруваше дека е тоа “толку стара песна” (Ружица, за ќерка ми, се’ што е после 2006 година е старо, вклучувајќи ме и мене).
Да не ви раскажувам колку ја имам пеено, што по дома на само, што под туш, на журки. И ич не сум се секирала што немам слух и што моето пеење веројатно било мачење за другите. Таа песна која ја знам наизуст, дури и да ме станете од најдлабок сон е песна која ќе остане да ме следи низ целиот живот. И со ова чудо наречено ФБ, Ружица ми стана виртуелен пријател. Дури и нејзиниот ФБ профил е онаков како што сум ја замислувала дека е и во приватниот живот. Нема експонирање, нема наметнување...има една тивка и преубава енергија, која обзема, шаренило од музика и фотографии (кои се нејзино дело), спокој. Тоа е како да влегувате во еден свет во кој ќе си ја одморите душата и пред кој си ги оставате сите ваши проблеми и недоумици. Свет кој може да се опише само со два збора...ЉУБОВ Е.
Чест ми е што е дел од ТАА Е...
Ladies and gentlemen…Ружица Милошеска Брчиоска
* СОСЕМ ЕДНОСТАВЕН, А МОЌЕН НАСЛОВ “ЉУБОВ Е” ВО КОМБИНАЦИЈА СО ЗНАКОТ ЗА БЕСКОНЕЧНОСТ. ДАЛИ Е НАВИСТИНА ЉУБОВТА ВЕЧНА И ДАЛИ МИСЛИШ ДЕКА САМО ТАА ЌЕ ГО СПАСИ СВЕТОТ КОЈ ЧИНАМ ДЕКА ВРТОГЛАВО ОДИ УДОЛУ?
- Верувам дека љубовта е вечна, но мислам на космичката, божествената љубов која ние допрва треба да ја откриваме со тоа што ќе се менуваме себеси кон позитивно. Во нашата вистинска суштина ние сме божествени битија и таа љубов постојано зрачи во нас, но ние самите го блокираме нејзиното делување со нашата себичност и така, само повремено доживуваме проблесоци на вистинската љубов. Да, светот кој го познаваме вртоглаво оди надолу, како што велиш, дури се тврди и дека се случува дегенерација на човештвото, се менуваат вредностите, така што она што порано се сметаше како доблест, сега сѐ некако се прикажува како слабост. Меѓутоа од друга страна кај сѐ поголем број луѓе расте духовниот поглед, така што сигурна сум дека на крајот љубовта ќе победи. Мислам дека овој материјалистички свет ќе пропадне, а за сметка на тоа ќе израснат нови генерации – деца на љубовта. Знам дека на многу ваквото мислење им изгледа како утопија, но јас силно верувам во него.
* 1991 (ГОДИНАТА КОЈА Е ФОРМИРАНА АРЕА). СЕДИШ НЕКАДЕ ОТСТРАНА И ЈА ГЛЕДАШ ТОГАШНАТА РУЖИЦА. ШТО БИ И’КАЖАЛА ОД ОВАА ПЕРСПЕКТИВА?
- Би и’ се изнасмеала за несигурноста и за тремата која ја има пред настап, но, би и’ честитала за своеглавоста, упорноста и вербата во самата себе.
* ТВОЈОТ ФБ ПРОФИЛ ИЗОБИЛУВА СО ФОТОГРАФИИ ОД ПРИРОДАТА (ПРИЗНАВАМ ДЕКА НЕКОГАШ ТИ ГО ПОСЕТУВАМ ПРОФИЛОТ ЗА ДА ОДМОРАМ ОЧИ И ДА СЕ НАГЛЕДАМ УБОСТИ). ХОБИ ИЛИ ИМАШ НЕКОИ ПОСЕРИОЗНИ НАМЕРИ ДА ЗАЧЕКОРИШ ВО ДРУГИ, А СЕПАК УМЕТНИЧКИ ВОДИ?
- И јас, како и сите други на мојот фб профил споделувам фотографии, понекогаш од мојот професионален живот со Ареа, а понекогаш фотографии од природа. Од неодамна ме заинтересира снимање и монтажа (со музика) на видеа кои ги снимам во природата, кои најпрво ги снимав со мојот мобилен телефон, а потоа си купив една Sony камера, а пак со неа почнав учам и фотографија. Признавам дека сум почетник за фотографија, но фотографијата почна неверојатно да ме исполнува, така што, да, имам намера да продолжам, но не професионално, туку аматерски, како хоби.
* ИМАШ НЕВЕРОЈАТНА МОЌ НА СЦЕНАТА. СЕ ДОБЛИЖУВАШ ДО ПУБЛИКАТА, НЕНАМЕТЛИВО И СКРОМНО, ГИ ВНЕСУВАШ ВО ТВОЈОТ СВЕТ НЕПРЕТЕЦИОЗНО И СО КРОТКОСТ. КАКО СЕ ЧУВСТВУВАШ ПРЕД И ПОСЛЕ КОНЦЕРТ?
- Пред концертите се чувствувам малку вознемирено и загрижено заради сѐ она што би можело да се случи за време на настапот, се трудам да ги предвидам слабите точки (мои и на останатите членови од бендот) и да се сконцентрирам, смирам и фокусирам на самата себе, за да можам да го дадам својот максимум. После концертите најчесто сум среќна и силна зошто самиот настап ме исполнува со енергија, бидејќи тогаш се случува размена на позитивни енергии меѓу публиката и бендот.
* ПО ПРОФЕСИЈА СИ ЕЛЕКТРО ИНЖЕНЕР, ПО ДУША СИ УМЕТНИК. ДАЛИ РАБОТЕЊЕТО НА ДВЕ МНОГУ РАЗЛИЧНИ ПОЛИЊА ТИ ГО ОДРЖУВА МЕНТАЛНИОТ БАЛАНС?
- Порано се чувствував растргнато меѓу двете професии поради тоа што требаше, од една страна да бидам јавна личност и да живеам „ рокерски “ живот, да патувам, да бидам час ваму, час таму, а од друга страна да бидам редовна, стабилна и одговорна на моето работно место како инженер. Но, со текот на времето научив да ги избалансирам обврските и сега сфаќам дека редовниот работен однос како инженер всушност ми помогна да останам приземна, да сфатам дека, да бидеш „ѕвезда“ цело време всушност и не е баш најдобро за менталното здравје (се смее).
* СО ИВИЦА СЕ ЗНАЕТЕ ОД СРЕДНОШКОЛСКИТЕ ДЕНОВИ, ФУНКЦИОНИРАТЕ И ДОМА И НА СЦЕНА. КОЛКУ Е ТЕШКО ИЛИ ЛЕСНО ДА СЕ БИДЕ ПАРТНЕР И ДОМА И НА СЦЕНАТА?
- И лесно и тешко е да се биде партнер и дома и на работа (на сцената), предобро се знаеме, си ги знаеме и позитивните и негативните страни, така што има периоди во кои сме добро усогласени и партнерството дома е корисно за работата во бендот. Но има периоди кога се судираме, креативно или било како, кога секој сака да ја наметне својата идеја, својот став. Е, тогаш во пресметките се користат слабостите на другиот како оружје (се смее). Но, добро е што брзо се враќаме и за конфликтите наоѓаме решенија. И така растеме.
* ЗНАМ ДЕКА Е ТЕШКО ДА СЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊЕТО КОЈА ТИ Е ТЕБЕ ОМИЛЕНА ПЕСНА ОД СИТЕ КОИ СТЕ ГИ СОЗДАЛЕ И ИСПЕАЛЕ. ИСТО КАКО ДА СЕ ПРАША МАЈКАТА КОЕ ЧЕДО ГО САКА НАЈМНОГУ. НО, ЕВЕ ДА ГО ПРЕФОРМУЛИРАМ ПРАШАЊЕТО КОЕ ВЕРУВАМ ДЕКА МНОГУМИНА ГИ ИНТЕРЕСИРА. КОЈА ОД ПЕСНИТЕ НА АРЕА СИ ТИ, ВО КОЈА СЕ ИМАШ ИЗГУБЕНО И НАЈДЕНО СЕБЕ?
- Скоро во сите. Нашиот живот не е само она што го манифестираме во надворешното и не мора сѐ да се случува од она што го чувствуваме внатре. Нашите души се полни со разни чувства, емоции, со светлина и мрак, така што уметниците , а тоа го знаеш и ти како поетеса која јас неизмерно ја ценам заради давањето на себе си во своите песни, во разни периоди од животот тие чувства и емоции ги изразуваат во своите дела. Се случува текстот од некоја песна да го напишам, а за значењето да станам свесна дури по неколку години. Но ете, нека биде тоа „Сите мои слики“, копнеев и пишував за возвишена љубов, цел живот ја барам и откривам, во неа се изгубив и се пронаоѓам себе си.
* НЕ ЗНАМ ЗА ИВИЦА (ВО ЕДНО ИНТЕРВЈУ ЗА ЖЕНСКИ МАГАЗИН СПОДЕЛИ СО ЧИТАТЕЛИТЕ ДЕКА ИВИЦА Е “СКОРО, ПА ВЕГЕТАРИЈАНЕЦ”), НО ЗНАМ ДЕКА ТИ И ЕЛЕНА (ЌЕРКАТА НА РУЖИЦА И ИВИЦА) СТЕ ВЕГЕТАРИЈАНЦИ. ПОСЕБНО ЗА ТЕБЕ, ЗНАМ ДЕКА ОБОЖУВАШ ТЕСТЕНИНИ. ДАЛИ ТИ Е ГОТВЕЊЕТО ПРЕДИЗВИК И ОД КОГА СИ ВЕГЕТАРИЈАНКА?
- Да, да, ние сме вегетаријанци, со исклучок на Ивица кој се доближува, ама сѐ уште не ја поминал линијата за да каже дека е целосен вегетаријанец. Јас сум вегетаријанка околу 20-тина години, а Елена од самото раѓање, едноставно од малечка го одбиваше месото. Готвењето ми беше предизвик на почетокот, истражував и сфатив дека јадењето месо не е неопходно за здравјето, но морам да признам дека сега и не ме интересира премногу (се смее), готвам зошто морам.
* “УМЕТНИЦИТЕ ЗБОРУВААТ САМО ТОГАШ КОГА МОЖАТ ДА ИЗВРШАТ ВЛИЈАНИЕ, А НЕ КОГА НЕКОИ ТОА ОД НИВ ГО ОЧЕКУВААТ И НЕ САМО ЗАРАДИ СОБИРАЊЕ СЛЕДБЕНИЦИ...” ОВА ГО ПРОЧИТАВ ПРЕД ИЗВЕСНО ВРЕМЕ НА ТВОЈОТ ФБ ПРОФИЛ. КОЛКУ НАВИСТИНА МОЖАТ УМЕТНИЦИТЕ ДА ИЗВРШАТ ВЛИЈАНИЕ, СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА ЖИВЕЕМЕ ВО ЕДНО ВРЕМЕ-НЕВРЕМЕ КАДЕ ШТО ЛУЃЕТО СЕ ОДРОДУВААТ?
- Тоа го напишав бидејќи прочитав во една објава на фб дека уметниците во МК разочарале заради нереагирање на некои политички случувања, мислам дека тоа беше во врска со македонскиот јазик. Сметам дека уметниците, но мислам на оние кои се независни, неофарбани, се оние кои константно можат и смеат да вршат позитивно влијание врз свеста кај луѓето.
* ВО ШТО ВЕРУВАШ? ШТО Е ТОА ШТО ТИ ДАВА НАДЕЖ ДЕКА ИМА ПОДОБРО УТРЕ?
Верувам во Бог и верувам дека љубовта секогаш победува.
* ЕЛЕНА Е ВО СКОПЈЕ, ВИЕ СТЕ ВО ГОСТИВАР. КОИ СЕ ПРЕДНОСТИТЕ ДА НЕ СЕ ЖИВЕЕ ВО “МЕТРОПОЛАТА”?
- Многупати сум одговарала на вакво прашање. Не е неопходно да се живее во метрополата, иако во Скопје се најголемиот дел од културните случувања, таму се контактите со колегите музичари, но сепак Гостивар и не е многу оддалечен од Скопје и по потреба патуваме на релација Гостивар – Скопје. Со работава што ја работиме, со Ареа и не сум сигурна дека има предности да не се живее во Скопје, но ете ние сме останале во Гостивар, заради работа, заради тоа што скоро сите во бендот сме гостиварчани.
* СИТЕ ИМАМЕ ДЕНОВИ ВО КОИ БЛЕСКАМЕ И ДЕНОВИ ВО КОИ ИЗБЕГНУВАМЕ ДА СЕ ПОГЛЕДНЕМЕ ДУРИ И ВО ОГЛЕДАЛО ЗА ДА НЕ СИ ГИ ВИДИМЕ ОЧИТЕ И ОНА ШТО СЕ КРИЕ ВО НИВ. КАКО ИЗЛЕГУВАШ НА КРАЈ СО ОВИЕ, ВТОРИТЕ. ШТО ТЕ ПОТКРЕВА ЗА ДА СИ КАЖЕШ “ЌЕ МИНЕ”?
- Ана ти веќе го даде одговорот: едноставно кажувам „ќе мине“, нема друга филозофија. Но, тоа „ќе мине“ го кажувам убедена дека е така, внатре во себеси и притоа цело време се трудам да не паднам со енергијата, да не размислувам негативно, да простам ако треба, да поправам ако нешто јас сум потфрлила, да пробам да го сфатам другиот. И така чекам да мине.
* АКО ЗА ЗАВРТИШ НАНАЗАД ЗА ДА ГИ СУБЛИМИРАШ ОВИЕ 30-ТИНА ГОДИНИ, КАКО БИ ГИ СТАВИЛА ВО ЕДНА РЕЧЕНИЦА ИЛИ ЗБОР?
- Живот, тоа е тој збор.
* ЗА КРАЈ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО НИКОГАШ НЕ ТЕ ПРАШАЛЕ ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ, А БИ САКАЛА ДА СПОДЕЛИШ СО НАС?
- Она што сега ми падна на памет е да кажам дека сѐ е енергија, секое чувство, секоја мисла, секој збор, секоја постапка. И тоа зрачи и поврзува или одбива, ние сме во постојана комуникација преку енергиите кои ги зрачиме и примаме. Затоа кога некого за прв пат ќе го сретнеш можеш да почувствуваш привлечност или одбивност. За тоа пишував во текстот на песната „Отсекогаш“. Ете тоа сакав да го споделам.
За крај, мора да кажам дека имав голема дилема која песна да ти ја посветам. Но, секогаш оставам да ме води интуицијата, па некако песнава сама си се наметна. Во очекување на уште многу нови албуми и концерти, остани си своја Ружица, токму таква ни требаш.
има жени
кои магија во очите носат
и со нив ти зборуваат,
приказни раскажуваат
дури и тогаш кога тишината е најгуста
има жени
раскошни и сладострастни
чии тела мамат воздишки
и болни ерекции
за кои вреди и војни да се водат
има жени
кои можат светот да го обликуваат
со усни од кои тече мед
и раце кои топат олово
има жени
полулуди уметници
во паралелен универзум кои живеат
несвесни и ранливи
во овој, земски свет
има жени
мајки
сестри
љубовници
сопруги
пријателки
осамени
со страотен пмс
пресметани
наивни
цинични и дрски
секакви не’ има
и...
има жени
ете тие се најретки
жени со две срца
едното во градите им чука
а другото на мегдан го носат
на челата
на усните и во очите
во стисокот на дланките
во воздишките
кои несебично срцата ги раздаваат
сета љубов во нив што се збрала
која ако им остане,
сигурно ќе ги убие
ете
тие жени
тие жени се раѓаат и умираат од љубов
живеат за неа се хранат и дишат од неа
тие прекрасни,
прекрасни жени
жени со две срца