Теона Стругар Митевска: Човекот се адаптира на секоја ситуација и тоа ме инспирира во новиот филм

Новиот филм во развој на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“, по сценарио на Елма Татарагиќ и Митевска, кон крајот на месецов ќе биде претставен на програмата за развој на проекти „Ателjе“ на Канскиот филмски фестивал во изострена селекција на 15 филмски проекти од целиот свет. „Ателје“ е престижна платформа за претставување на нови сценарија и следува по финансиската поддршка што новиот проект на Митевска претходно ја доби на Сараевскиот филмски фестивал, каде освои прва награда за развој од Еуримаж.

Со тоа, „Најсреќниот човек на светот“ уште во раната фаза на подготовка веќе развива високи очекувања, отворени со досегашните проекти на Митевска, особено со многу наградуваниот претходен филм од креативната работилница на „Сестрите и братот Митевски“ – „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“.

* Да не беше на сила пандемијата со коронавирусот, деновиве ќе бевте на 73. Кански филмски фестивал за да го претставите сценариото за новиот филм „Најсреќниот човек на светот“. Ама, фестивалот е одложен, а вие сте во Скопје. Не изгледа баш како најсреќна околност на светот. Како сте?

- Отсекогаш сме сонувале да бидеме дел од Atelier на Канскиот филмски фестивал. Околностите се такви какви што се, исти за сите, целиот свет последниве неколку месеци се најде во ситуација без преседан, но она што е инспиративно е дека светот се адаптира на новите околности, ништо не згаснува, креативата и креацијата продолжуваат, само си наоѓаат поинаква форма. Atelier сега ќе се случи во исто време како и Маркетот на Канскиот фестивал од 22. до 26. јуни, но виртуелно. Сите состаноци со потенцијалните партнери, копродуценти, дистрибутери или пак продажни агенти, се организирани виртуелно. Тркалото се врти, продолжува да се врти но поинаку, а тоа е за поздрав.

* Уште не се целосно стивнати пофалбите и презентациите на „Бог постои, нејзиното име е Петрунија“, а веќе работите на нов филм. Ако беше „Петрунија“ приказна за најупорната девојка на светот, за што ќе зборува „Најсреќниот човек на светот“?

- Главната нитка на „Најсреќниот човек на светот“ лежи во можноста или пак неможноста на поединецот да прости. Приказната зборува како да се надмине личната траума и да се продолжи понатаму и како да се остане човек. Секоја приказна во себе содржи повеќе од една тема, па втората во случајов е идејата  за невозможна љубов - дали е можно да се заљубите во својот најголем непријател, оној поради кого не ќе сте постоеле. Пост-трауматскиот синдром е специфичен и го информира нашето битие на многу специфични начини. Реакцијата по една траума варира од екстрем во екстрем и токму таа компонента, непредвидливоста на човековата природа, како и истрајноста, односно можноста на поединецот да создаде одбранбени механизми на преживување е она што поткрева страст во мене. Човекот се адаптира на секоја ситуација и тој механизам на човековата природа е тоа што најмногу ме интересира во новиот филм.

* Позната сте по женските приказни. Во секој свој филм откривате некоја друга димензија на женските работи. Која е женската димензија во филмот со многу машко име?

- Минатата година за време на Торинскиот филмски фестивал беше организирана ретроспектива на сите мои филмови и токму така бев претставена, како женскиот глас во европската филмска уметност. По „Петрунија“, најмногу се дискутираше „Кога денот немаше име“, филм кој  зборува за трагичната судбина на 6 момчиња, а нивната приказна всушност е притекст да зборувам за мачоизмот во нашата средина и неможноста на еден млад човек да се дефинира поинаку од она што средината му го наметнува. Мојата поента лежи токму тука и е директно поврзана со тоа што го поткревате во вашето прашање: што е женска приказна и дали женската приказна неминовно мора да има женски главен лик? Современиот феминизам не се бори за еднаквост на женскиот род спроти машкиот, туку за креирање на порамноправен систем за сите, за сите оние кои патријархалниот поредок ги става во втор ред. „Најсреќниот човек на светот“ го става на мегдан прашањето - дали женскиот род кој историски секогаш бил игнориран и морал да се адаптира е токму оној што ќе најде начин полесно да ја преживее траумата и да продолжи понатаму.

* Новото сценарио ќе биде претставено на програмата „Ателје“ во Кан, каде се претставуваат селектирани проекти со потенцијал во потрага по копродуценти. Што очекувате?

- Благодарна сум дека Atelier се случува, можеше и спротивното да се случи и потполно да се одложи што би била голема загуба за нас. Интересно е како филмската индустрија, тука зборувам на европско ниво, продолжи да функционира, сите фондови си ги задржаа датумите на одлучување, дали се работи за фондови за продукција, дистрибуција или подготовки. Сите брзо сфативме дека карантинот не значи крај на креацијата. Во тој однос, и јас и Лабина се адаптираме, немаме друга алтернатива освен да го следиме останатиот свет. Велам „Да живее виртуелната комуникација“ кога се мора, со надеж дека наскоро нема да се мора. Бидејќи искуството со короната ни укажува дека човекот мора да го промени односот кон природата за да преживее, виртуелниот начин на комуникација добро ни доаѓа. Многу работи можат и ќе мораат да се завршуваат виртуелно во иднина, а тоа значи помалку патувања, помалку авиони, помалку штетни емисии и помалку загадување.

* Генерално, како ќе влијае новонастанатата ситуација врз филмската работа, која е тимска и бара масовна екипа?

- За време на карантинот и јас се адаптирав како и целото мое семејство. Бев принудена да излезам од својата комфорна зона и да гледам на филмската уметност поинаку. Филмот е само форма на изразување а условите варираат. Новава ситуација ме ослободи од моите лични очекување што е и како треба да изгледа еден филм. Да се продолжи да се креира е најважно, а формата следува.

*Според некои прогнози препораките за дистанцирање ќе останат на важност до 2023. Дали тоа значи дека веќе нема филмови со масовни сцени? Ќе исчезне ли љубовниот филм како жанр? Ќе има ли прегратки и бакнежи пред камера? Имаат ли филмаџиите глобален протокол за филмска работа?

-Во Белгија, на пример, осигурителните компанији инсистираат на ковид маршал, човек кој ја контролира ситуацијата и регулативите на филмските сетови. Нешто како ковид-полиција, да речеме. Истото, сигурна сум, ќе се случи и тука во Македонија.

* Прво на филмот му се случи #Me too, сега ковид-ситуацијата. Првиот предизвик создаде позитивни родови поместувања. Вториот негативни економски ефекти за сите. Каде е филмот сега во статистиката на последиците од пандемиската криза?

- Филмската индустрија во моментот си поставува големи прашања. Никој не е сигурен каде ќе завршиме, постои страв и паника за она што следува. Но, јас сепак гледам позитивни поместувања. Минатиот петок бев вклучена во панел, организиран од Европскиот парламент во Стразбур, заедно со Клара Добрев, која е вицепретседател на Парламентот и одговорна за културата во ЕУ. Таа со воодушевување изјави дека за време на пандемијата, Европскиот парламент го има удвоено буџетот за култура, а во моментот работат на тоа како да се надоместат дупките во Медиа програмата за следната година. Дел сум од неколку иницијативи на европско ниво, каде се водат разговори околу тоа како натаму. Финасиски инјекции треба да се стават во целиот сектор, но ова е и одлична можност да се реконструираат институциите и финанските фондови, односно да се направат пофлексибилни. Исто така, треба да се лобира во секоја од европските земји, како и кај потенцијалните членки како Македонија, за важноста на културата како духовна храна на човекот и тука да се реконструктираат одредени сектори. Како филмски режисер, се разбира не сум експерт за секторот на визуелни уметности, но татко ми и брат ми се визуелни уметници и многу добро ги познавам тешкотиите низ кои поминуваат. Оваа криза е одлична можност да се зголеми и реконстуира буџетот на визуелните уметности.

* И пред да ни се случи пандемијата, таа како тема веќе се имаше јавено во многу трилер и СФ-филмови. Очекувате ли да ја има и во следната постпандемиска продукција?

- Пандемијата ги извлече на површина есенцијалните вредности, а тоа е човештвото. Прв пат во историјата на нашето постоење го ставаме здравјето -доброто на сите пред профитот. Ситуацијата нè натера да размислуваме кои сме, каде сме и каде сакаме да одиме. Повеќе од било кога досега основните вредности добиваат важност, а тоа се: љубовта, семејството, солидарноста, заедништвото. И мислам дека токму тоа следува - интимни приказни за дилемите на животот, бидејќи едноставноста е клуч на среќата, зарем не?

* На крајот нешто сосема лично – живеете во Белгија, ве најдовме во Скопје. Каде го поминавте карантинот и колку променета излегувате по неговото укинување?

- Веќе подолго од година живеам повеќе во Скопје отколку во Белгија. Син ми пред една година посака да се врати дома. Тој завршува средно образование во „Нова“ и запознавањето со неговата култура му беше есенцијално за понатомашниот развиток. Во Скопје сум и навистина уживам, пред сè поради тоа што ми стануваат појасни одредени аспекти од нашето секојдневно живеење. Кога не си тука, сè изгледа апсурдно и безнадежно. Живеејќи тука, вербата во некаква подобра иднина пополека ми се враќа. Имаме прекрасни луѓе, креативци и мислители, а како да ги задржиме тие млади потенцијали е можеби и најважниот аспект од нашето живеење. Со приближувањето на Европската Унија некои работи верувам ќе се искристализираат, локалните господари, кралеви и налик Господ фигури, тие што се на врвот од патријархалната пирамида пополека ќе се симнат, никому не е во интерес корупцијата и непотизмот, механизмите за поеднкаво општество се тука, сега е само прашање на храброст и волја тие и да се применуваат. Среќна сум дека сим ми е дел од таа идна генерација која, се надевам, нема да мора да бега од земјава за да си создаде подобри услови за живот. Всушност, сето тоа од самите нас зависи.

Јасна Франговска

Фото: Иван Блажев