Тешко е, но ќе издржиме: Диме Петрески, Македонец од Италија за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Важна е колективната свест во време на коронавурусот, вели Диме Петрески, пoранешен член на охридското музичко дуо „З’ш“, кој веќе 17 години живее во Италија. Диме, заедно со Жанко Голабоски, на крајот на деведесетите беа познати по песните „Божанче“, „Моме македонче“, „Штрафта мачка“ со шеговити текстови, но и по пародиите на хитовите на домашните пејачи.

Со сопругата Ирена и со ќерките Сандра (16) и Маја (10), Петрески живее во Болцано, во областа Алто Адиџе. За Женски магазин, Диме одблиску ја раскажа состојбата откако се во домашна изолација по масовното ширење на Ковид – 19.

„ Да бидам искрен, поопасно е во Ломбардија, но и овде состојбата воопшто не е наивна. Има стотина заболени од коронавирсот, и четири смртни случаи на лица над 90 години. Сопругата и ќерките се во домашна изолација, а јас морам да одам на работа, затоа што сум возач- дистрибутер на млеко во една млечна индустрија, но строго со ракавици и со маска. Работат само маркетите и аптеките. Ќерките се постојано дома, учат онлајн. Во тинејџерски период се, и веќе ги фаќа нервоза, но овој период мора да се издржи. Сопругата исто така е дома, таа работи во еден едукативен центар. Единствен излез од дома ни е до маркет ако имаме потреба да купиме нешто, секако заштитени со маски и со ракавици. Има строги правила кои мора да се почитуваат. Во продавница или во маркет, примаат максимално до десет луѓе. Ако во моментот кога ќе стасаш во маркетот веќе има десет луѓе, се чека ред надвор, но задолжително на оддалеченост од минимум еден метар од човек до човек. Откако ќе испазариш, се враќаш дома, има строга полициска контрола. Исто така, ако сакаш да ја напуштиш општината, не можеш да заминеш никаде без дозвола од полицијата“, ни раскажа Диме во телефонскиот разговор од Италија.

За својот роден Охрид, тој вели дека е изненаден од од тоа дека улиците и кафулињата се полни по сликите што ги гледа, но не сака да осудува никого.

„Секои Водици, си доаѓам дома во Охрид. Не се фрлам по крстот, но се капам во езерото за здравје, на Љубаништа. Така ќе биде и догодина, само да сме живи и здрави и овој вирус да помине“, додава Диме.

Иако одамна не се занимава со музика, тој вели дека сега пее за своја душа. 

„Сега, кога сме во домашна изолација, соседите излегуваат на тераса секоја вечер и групно пееме. Еден комшија пред некоја вечер свиреше труба, јас пеев. Им пеам македонска музика на Италијаниве, пеам и италијански песни. Најмногу пеам додека возам камион“, низ насмевка вели Диме.

Иако е загрижен, и тој и неговите блиски, Петрески вели дека паниката никому нема да му помогне. „Работам ноќна смена. Откако ќе се вратам дома од работа, со сопругата пиеме по две- три ракии, за дезинфекција“, ни раскажа Диме. „Тешко е, но паника не треба да се крева. Се надевам дека и мојот народ ќе ги почитува препораките како Италијаните, но и Германците кои живеат во оваа област. Тие се најдисциплинирани“, завршува Диме.

М.Џаровска