Ти против мене без да знаеш зошто

Добивај вести на Viber

Најчудниот карактерен дисбаланс со кој се запознав последниве неколку години е туѓата човечка потреба за да ти страдаш. Исклучителната потреба да тебе не ти оди во ниту едно поле на животот, а ако случајно започнеш нешто, создадеш нешто, магичната комплексна потреба и желба сето тоа да се сруши.

Како може да го мразите тоа што не го познавате. Всучност, од каде ви е таа деструктивна сила да ја вперувате сета ваша енергија и битие за да уништите, наместо да создадете. Дали сте свесни колку си штетите сами на себе со сите злобни и исфрустрирани дејствија кон некој друг, без разлика дали е ваш познаник или не, пријател, партнер или било кој случаен пролазник на виртуелниве медиуми. Кога тој некој не е воопшто дел од твојот живот, или бил па сте се разминале, колку ти треба да си оштетен ментално и душевно за да посакуваш зло некому.

Виртуелните медиуми ќе не уништат, од нас го одземаат човечкото право за слобода секојдневно и се поагресивно. Работев на тема Параноиден Андроид пред петнаесет години, мојата теза беше дека луѓето постепено ќе се претворат во идни роботи, без чипирање, без механика, по линија на помал отпор и адаптација на индустриски потреби. Бев убедена дека нема да го доживеам моментот кога ќе си ја видам реализацијата на тезата на дело, бев убедена дека барем моите деца ќе успеат да фатат дел од емпатичната хуманост која го дефинира нашиот род. За жал, предвреме и со се побрзо темпо ние се претвораме во тие параноични андроиди, луѓе машини, без емотивна потреба, зависни од материјални зависности и површни вредности.

Тоа што ми даде трошка надеж беше посетата на Попова Кула минатата недела, винарија во Демир Капија, каде одлучив да се тргнам од сите, за да се преслушам зошто не сакам да се вклопам во транзицијава од човек во параноид. Сосема случајно запознав неколку семејство од нашиот источен крај, и еден млад пар кој одлучи со цело срце и без резерва да ми покаже што наше традиционално гостопримство значи. Научив дека телефонот може да биде на мјут, дека колку и да беше важен инстаграм моментот, од девет часа поминати заедно, едвај 15 минути му беа дадени на инстаграм, замислете. Погледот кон телефоните беше на блиц, а времето поминато заедно, поткрепено со совршени мириси и вкусови беше бесценето. Топлината и мекоста на нивните души ми покажа и докажа дека борбата за прождерување на туѓите е актуелна само во главните градови, не само кај нас нели. Додека околината се уште се бори за да вистински живее, исполнета со емоција, зафатени со создавање на нови спомени кои те оставаат во недоумица, ти го комплетираат денот за кој и те како се повеќе учиме дека е прекраток. Запознав млади деца кои се подготвени за новите промени кои доаѓаат, но не им се плашат и не им се покоруваат. Не му дозволуваат на новото време да ги проголта.

До скоро внимавав како комуницирам и што прикажувам, бев дел од ова општество по сите норми и очекувања со по некоја ескалација на кривата. Откако запознав еден дечко кој ме потсети колкава може да биде мојата лудост и колку всушност сум јас гладна за живот надвор од рамките на сопствените очекувања наметнати од туѓа перцепција за мене, одлучив дека ќе се вратам на старата Ивана. Девојката што не се плашеше да биде скршена, што никогаш не застануваше пред нов предизвик а на клетниците и те како беше подготвена да врати. Овој пат девојката е жена, свесна за својата лудост и капацитетот да проголта жив оган. Само затоа што знае дека повторно и повторно ќе се роди одново, но како човек, зависен од вкусови, прегратки, бакнежи, водење љубов, нови познанства, нови традиции, нови кујни, нови видици. Нов живот одново и одново кој нема да заврши со ова тело знам, ќе ми бидат потребни уште минимум три следни за да го остварам сето тоа што го сакам за себе.

Само сакам да сте свесни дека со омраза одите назад, со туѓи животи губите од својот, со страв ја убивате сопствената среќа, со недоверба се затворате во сопствен кафез за кој нема клуч. Не пробувај да се дефинираш како тежок човек или тешка жена, не си. Само си исплашен да го побараш сето она што го заслужуваш.

Намасте љубови мои, вино се пие најдобро во друштво. Сам на себе често доволно.