Тома беше енигма, никој до крајот не го познаваше, многу тајни однесе во гроб: Дејан Ќириќ, автор на книгата „Тома Здравковиќ-68 нераскажани приказни“

Во 2014 година по идеја на српскиот менаџер Бане Обрадовиќ, настана книгата „Тома Здравковиќ-68 нераскажани приказни“. Автор на ова дело е познатиот новинар Дејан Ќириќ. 

Иако книгата беше актуелна изминативе години, со оглед на тоа дека Тома Здравковиќ е уметник чија трага не поминува и чии песни се антологија на југословенската музика, авторот посочува дека со појавувањето на филмот „Тома“, таа е повторно во фокусот на на јавноста.

-Книгата содржи 68 приказни на неговите пријатели, колеги и соработници кои зборуваат за него со огромен пиетет, емоција и неминливи спомени. Секогаш сè почнуваше од емоцијата и потоа сите тие приказни се споија во еден голем, еден посебен портрет на Тома, кој дотогаш не беше насликан на тој начин. На почетокот имав голема одговорност, дали како новинар и писател ќе бидам доволно добар и подготвен да напишам книга за еден толку посебен и голем човек.Но, како што одминуваше времето сфатив дека единствениот начин на којшто таа книга може да се напише е емоцијата. Емоцијата која ја имал Тома, која остана во неговите песни и која му го одбележа животот, затоа што неговиот живот бил исткаен само од емоции и тага –вели Ќириќ.


Живеел со полни бели дробови

Делото го создавал цела година, бидејќи со соговорниците не правел класични интервјуа. Тие се отвориле низ разговорите, се присетиле на прекрасните и оние помалку убави моменти поминати со Тома. Едноставно, секој од нив имал своја исповед.

-Ми раскажуваа низ многу солзи и многу емоции. Требаше сето тоа да го обединам и да го напишам на единствениот можен начин, а тоа е животно, искрено и вистинито, и мило ми е што успеав во тоа –вели авторот.

Од се што слушнал и запишал, сфатил дека Тома бил единствен во секој поглед. Уметник, кој од дното дошол до ѕвездите и станал легенда уште додека живеел.

-Единствена причина за тоа е што живеел и создавал со срцето, онака како што само умеел и знаел, искрено и без никакви калкулации. Затоа луѓето во целиот регион го паметат и го сакаат и 30 години по неговата смрт. Својот талент, својот живот, искуствата, емоциите, тагата, љубовите и среќата ги опишувал преку песните, пеејќи ги од срце. Затоа, станаа евергрини и причина за плачење и за кршење чаши во кафаните. Тома го пеел животот. И тоа животот на сите нас, а себе не се штедел ниту во работата, ниту во приватноста. За жал, тоа влијаело врз неговото здравје и тој прерано заминал. Но, мислам дека поинаку ниту можел, ниту сакал да живее. Живеел до крај, со полни бели дробови и само така бил среќен. Да било поинаку, тоа немало да биде Тома каков што го познаваме, туку ќе бил само уште еден пејач повеќе. Така, тој станал феномен и уметник чија трага никогаш нема да избледи – дополнува Ќириќ.


Никогаш целосно среќен, никогаш целосно сакан

Во делото соговорниците го опишуваат Тома како човек полн со добрина, полн со тага, полн со живот, полн со трагедија.

- Тома во суштина бил човек на тагата и таа тага и таа болка биле главните карактеристики на неговиот живот и на неговите песни. Бил енигма, никој до крај не го познавал и многу тајни однел во гроб. За тоа зборуваа и моите соговорници во оваа книга. Носел длабоко страдање, кое имало некакви трајни и длабоки корени, секогаш барал љубов, длабоко го чувствувал животот, кафеаните, луѓето, музиката. Нему му бил даден дар од Бога, кој тој го претворил во песни и преку нив се отсликал себеси и својот живот. Никогаш целосно среќен, никогаш целосно разбран, никогаш целосно сакан. А од друга страна, толкава популарност и слава. Многу работи во неговиот живот биле необични, но Тома бил толку свој, што оваа необичност била негов заштитен знак. Се разликувал од сите во секоја смисла и мислам дека таков човек нема да се повтори на нашата музичка сцена вели авторот.

Дел од соговорниците кои раскажуваат за музичката легенда се Бора Тодоровиќ, Есма Реџепова, Кемал Монтено, Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Жарко Лаушевиќ, Тозовац, Цуне, Лепа Лукиќ, Миша Јанкетиќ, Оливера Катарина, Уснија Реџепова, Ѓорѓи Желчески и Кевсер Селимова, Арсен Дедиќ.

- За жал, многу од нив веќе не се меѓу нас, па на некој начин тие искажувања се мали сведоштва за некои моменти од нивниот живот коишто ги поминале со Тома. Ги читав неговите интервјуа, ги слушав неговите песни и се обидував да го разберам како човек и уметник. Врз основа на тоа, имав разговори со моите соговорници, пред сѐ за неговиот живот, за неговата душа, за таа тага што ја споменав, за неговите настапи, анегдоти. Бил многу забавен, насмеан и ведар човек и покрај таа несреќа којашто ја носел длабоко во себе – нагласува Дејан.


Сепак, Тома имал и своја темна страна, за која во книгата зборуваат неговите пријатели. Знаел да се разлоши, да опцуе, да се налути, но сето тоа е неважно во споредба со неговата добрина и љубовта којашто ја подарувал на сите.

-Парите никогаш не му значеле, имал премногу, а во следниот момент бил без динар. Нему му било важно да пее, бидејќи само така бил среќен. Мислам дека не ги издвојувал своите песни и дека секоја песна на свој начин одбележа некој период од неговиот живот. Бил искрен човек, човек од народот, кого славата не го променила, но бил голем боем и господин. Навистина една неверојатна личност – заклучува авторот кој е потписник и на романот посветен на актерката Радмила Савиќевиќ.

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА