Трчаме на 13 хектари површина по несовесните посетители: Интервју со Тина Мицковска од ЗОО Скопје
Тина Мицковска не само портпарол во скопската Зоолошка. Освен што од срце ја сака својата работа, таа секојдневно се грижи за животните и се радува на секоја нова научена „лекција“ во дружбата со нив. Вели дека ја совладуваат емоциите и знае да заплаче кога некој од жителите на Зоолошка ќе ги напушти, но е цврста и одлучна во својата цел- да ги едуцира посетителите дека животните не треба да се хранат со смоки, чипсови или лижавчиња. Мицковска со љубов раскажува за деновите поминати во Зоолошка, открива интересни детали за враќањето на шипанзото Коко од Холандија и други возбудливи приказни од другата страна на живеалиштата на нејзините пријатели.
* Како изгледа еден твој обичен работен ден, успеа ли во твојата намера да ги научиш посетителите дека не треба да ги хранат животните ?
- Во нашата Зоолошка нема обични или пак вообичаени работни денови. Секој ден е возбудлив и турбулентен од почеток до крај, а некогаш и по работното време не ми се оди дома. Преку недела најчесто денот го поминувам во дружба со еден куп животни и состаноци со хумани граѓани и компании кои донираат и помагаат за Зоо Скопје. Викендот пак ни е најстресен на сите, затоа што се уште има несовесни посетители кои не се придржуваат кон правилата и мораме да трчаме на 13 хектари површина за да ги спречиме во лошите намери. Но, чекор по чекор, иако се чувствувам како Дон Кихот, сигурна сум дека ќе успеам да ги едуцирам барем 90 проценти од посетителите.
* Што е најубавото од работата во една ваква институција ?
- Да работиш со животни е дефитинивно најубаво. И кога имаш најтежок ден и кога си преморен, еден поглед од нечии мили очиња кои љубопитно те ѕиркаат и веднаш добиваш насмевка на лице. Не може човек да биде нервозен и тажен покрај 500 искрени крзнени пријателчиња кои исто како и луѓето, сакаат љубов и внимание. Тажни и нервозни сме само кога некој се обидува да им наштети на животните.
* Со кои животни најдобро ти оди дружбата?
- Ги сакам сите животни. Редовно секој ден одам во обиколка да се поздравам со сите жители на Скопје Зоо и да видам како се. Некои од нив, пак ме препознаваат и често се дружиме- мајмунот Мики, морскиот лав Кан, јарето Козле, какаду папагалот Ага, жирафите Флопи, Тобого и Каспер, албино кенгурчето Пикси, творот Бади... Имам и неколку папагали во едукативниот центар со кои секојдневно си „разговараме на разни теми“ и ги учам нови зборови.
Тина со кенгурот Пикси
* Најавено е друштво на морскиот лав Кан, кога треба да пристигне, како се подготвувате?
- Откако угина братчето на Кан во 2016, морскиот лав остана сам, но благодарение на Маја, Вени и Драган кои се грижат за него, не беше долго време тажен, напротив постојано весел и дружељубив со своите тројца чувари. Кан е веќе голем дечко и нормално е да посака да има пријателка, а можеби и партнерка. Градот Нинберг е збратимен град со Скопје веќе долги години наназад, па така имаме соработка и со тамошната Зоолошка, од каде ќе ни испратат и нова пријателка за Кан. Сега започнуваме со подготовки на проширување на внатрешниот дел за морски лавови, како и реновирање на надворешното живеалиште.
* Шимпанзото Коко повторно се враќа во Зоолошка. Кога ќе пристигне, и кои ви се плановите за неговото повторно прилагодување?
- Коко, симбол на скопската Зоолошка градина по толку време се враќа назад. Сите ја знаеме тажната приказна, дека останува сам и како веќе тинејџер кој на тие години има свои потреби за друштво, почнува да покажува знаци на чудно однесување кое наведува кон анксиозност. Однесен е на ресоцијализација во Холандија, во најдобриот центар за шимпанза во светот- AAP. Овие прекрасни луѓе помогнале на многу животни досега, беспрекорно се грижат за нив, па така и за нашиот Коко. Имаат строги критериуми во однос на тоа каде ќе биде сместен, како ќе живее и кој ќе го чува. Затоа и подолг период траат подготовките за неговото живеалиште- бидејќи верувајте тоа изгледа како да градиш една детска градинка со сите простории, реквизити и санитарија. Коко, доаѓа со уште три шимпанза, од кои еден мажјак и две женки- Мими и Роси, а бидејќи сте „Женски Магазин“, еве нешто интересно за вас. Двете дами обожaваат да читаат женски магазини, во Холандија тоа им е најубав начин за релаксација покривајќи се со ќебенце и добар женски магазин во рака. Затоа и овде им подготвуваме цела колекција за „читање“ .
* Како голем љубител на животните, како ги совладуваш емоциите кога нешто непријатно ќе се случи ?
- И овде како и секаде постојат живот и смрт. За жал, нормално е исто како кај луѓето од старост или болест да угине некое животно и тогаш сите сме тажни, не ги криеме емоциите. Знам и по недела дена да плачам кога ќе почине некое животно. Ете секогаш ме караат дека не се викало „почине“ за животно, туку угине, но едноставно не ми оди да го користам тој збор. Инаку највеќе не можам да ги контролирам емоциите кога ќе видам дека некој фрла смоки, чипсови, соленки, бонбони кај животните. Тогаш сум баш како оние лутите човечиња од цртаните филмови, кога им излегува чад од глава. Инаку највеќе се топам, кога ги храниме со шприц четирите мали верверички.
Највеќе се топам, кога ги храниме со шприц четирите мали верверички
* Дали Зоолошката спасува животни кои се повредени и напуштени?
- Во Скопје Зоо постојано носат повредени и напуштени животни- од разни птици, до зајчиња, морски прасиња, хрчаци, творови, чинчили, змии, папагали, патки, па дури и школки. Последно една прекрасна девојка донесе патка со скршена нога, која ја лекувала на ветеринар и сега се опоравува, ги имаме и четирите верверички паднати од дрво на Водно и спасени од хуман човек кои сега веќе почнаа да растат и беснеат, а пак еден професор спаси школки од исушени водни површини во Скопје, кои дома ги чуваше во сите можни кујнски садови, а потоа домот го најдоа кај нас во езерце.
Милица Џаровска