Треба ли родителите да се вплеткуваат во детските караници?

Децата кои можеле „непречено да се караат“ често израснуваат во возрасни кои меѓусебно се почитуваат и имаат добар однос, но ако мислите дека сепак треба да се вклучите во решавање на судир меѓу браќа и сестри, обидете се да бидете посредник, а не судија… Братската љубов, да имате некој свој на кој секогаш можете да сметате …Родителите на две или повеќе деца често имаат идеја како нивните деца би требало добро да се сложуваат, да си бидат меѓусебна поддршка и да не се караат. Постојат браќа и сестри кои не се караат и кои имаат многу хармонични односи – и тие се ретки. Повеќето браќа и сестри во помала или поголема мера влегуваат во судири – барем во детска возраст. 


Судирите се нормални 

Во судирите нема ништо лошо, тие претставуваат природен тек на ситуацијата во која една личност има една потреба или желба, а друга личност друга желба или потреба. Секојдневно доаѓа до судири во таа смисла, не само меѓу децата, туку и меѓу родителите и децата, родителите меѓусебно, па дури и една личност може внатре во себе да биде во судир со различни желби или потреби. Едноставно се работи за тоа две личности да имаат различни потреби или желби. За тој судир на желби или потреби треба да се разговара и преговара. Она што ги комплицира судирите е прифаќање на судирите како нешто лошо и нешто поради кое не би требало да бидат во добри односи. Повеќето од оние кои денес се родители, растеле во семејства во кои судирите не се решавале на конструктивен начин-или се скривале и настојувале да се избегнат, или пак биле агресивни и деструктивни. Затоа не чуди фактот дека не знаат како да се однесуваат во ситуации на судир и дека често имаат желба да „ги турнат под тепих“.


Природен тек: желба, борба, тага, смирение 

Меѓутоа, кога имаме некоја потреба или желба, постојат два начини како може тоа да се реши. Прво е можноста на задоволување на потребата/желбата, по што настапува чувство на задоволство и рамнотежа. Второ е потребата/желбата да не се задоволи, и тогаш доаѓа до „борба“ кога се настојува да се пронајде начин да се задоволи својата потреба/желба, по што настапува тага ако тоа не успее и на крај повторно смирение и рамнотежа. Во секој случај на крај настапува смирение и повторно воспоставување на рамнотежа, само затоа што во случај на незадоволена потреба прво доаѓа до одредени фрустрации и тага. Токму таа тага и фрустрација, кои се неминовни во овој процес, се причина поради која возрасните сакаат да ги избегнат судирите. Децата во тоа се многу поизразени и за нив судирот нема негативна конотација која за возрасните може да ја има. Кога разликата меѓу потребите доведе до тоа некој да не може да задоволи некоја своја желба или потреба. Природно е тогаш да биде тажен, можеби дури и да плаче. После тоа, може да се оди понатаму, без некакви изостаноци. Освен овој природен тек, треба да се каже дека меѓу браќата и сестрите, судирите имаат и улога на своевидно воспоставување на „хиерархија“. Едноставно мора да се знае кој е на кое место.


Судирите меѓу браќата и сестрите се начин како тоа го поставуваат

Колку помалку се заедно децата, толку е поголема веројатноста дека во времето во кое се заедно ќе има повеќе судири-како би утврдиле кој каде е. 


Да се „остават“ децата или да се реши проблемот? 

Кога родителите се вплеткуваат во судири меѓу децата, ретко тоа го прават како посредници, туку обично од некоја своја потреба („се да биде добро, никој да не се лути). Затоа има повеќе смисла да се пуштат децата сами да ги решаваат своите судири. Со оглед на тоа дека децата во судирите се директни, работите се поставуваат на свое место и децата после судирот одат понатаму, често како ништо да се случило. Децата кои можеле „непречено да се караат“ често прераснуваат во возрасни личности кои меѓусебно се почитуваат и имаат добар однос. Имајќи ја на ум природата на судири и нивната потреба и важност во секојдневниот живот, а посебно во односите меѓу браќата и сестрите, можеби ќе можете следната караница меѓу вашите деца да ја погледнете со други очи. Ако и понатаму имате тешкотии со тоа, или мислите дека треба нешто да се направи, можете да се обидете неколку работи. 


Како да бидете добар посредник? 

Едно е на некој начин да ги водите децата низ преговори. Ако како родител можете да ги занемарите своите потреби, и навистина да бидете посредник помеѓу децата, тогаш можете да им помогнете во тоа да пронајдат вистински зборови кои се кријат зад изразот како „глупчо“, коњу ретардиран“ или зад удар. Помогнете му и на едниот и на другиот јасно да кажат што сакаат и слушнете ги внимателно нивните одговори без да ги вреднувате. Проверете дали децата го слушнале одговорот на другиот, и замолете ги по потреба да го повторат она што го рекол другиот. Замолете го детето кога започнало да види дали е можно да го добие она што го сака – и која е неговата реакција ако не е можно, или ако и е можно. Покажете разбирање за тага или лутина која можеби ќе настапи…Сетете се дека тие се потребни за да детето повторно дојде во рамнотежа! Запамтете дека сте посредник, а не судија. Колку помали се вашите деца, тоа повеќе ќе им помогне во ова водење и учење на себеизразување. 


Без кукање, обвинување и критизирање!  

Друга работа која можете да ја направите е јасно да кажете како ви е вам кога присуствувате на нивните караници. При тоа важно е слободно да говорите за себе. Слободно можете да викате и да ја покажете својата лутина (ако навистина така се чувствувате), на пример „Доста ми е од оваа врева. Сакам да вечерам мирно, без постојано да викате еден на друг додека сте на маса!“ Она што е важно – децата може да се изненадат кога тоа ќе го слушнат или дури ќе се исплашат, но додека говорите за тоа како ви е вам, тоа не ги навредува нив. Важно е само на тој начин да не настапувате често (бидејќи тогаш ја губи смислата) и да седнете подоцна со нив да разговарате за тоа што се случило. Немојте при тоа да паднете во замки да кукате „Ќе престанете ли веќе еднаш, јас ова веќе не можам да го издржам“, да ги обвинувате „Двајцата сте невозможни, зарем не слушате што ви се кажува?“, критизирање „Ти си постара и мора да сфатиш дека тој е послаб“ или да се прикажувате немоќни „Што не е во ред со вас па не можете заедно да си играте?“ 


Преиспитување на себе 

Трето што може да направите, ако не помогнало претходно и ако имате чувство дека судирите меѓу вашите деца навистина излегуваат од контрола – запрашајте се (по можност заедно со вашиот партнер): Кога точно тоа почнало, и што се случило тогаш? Како било кога се родило помалото дете (околности, реакции на постарото дете, вашата помош во снаоѓање во таа ситуација)? Дали некогаш имало период кога сте можеле да помогнете, а не сте? И слично. Можно е да увидите дека честите караници меѓу децата всушност се одраз на нешто друго што се случува во вашето семејство. Тогаш единствено што можете навистина да помогнете за „намалување на судирот меѓу децата“ е вие да започнете некои промени, без разлика дали е во односот со партнерот или со децата. И на крај треба да речете дека некогаш работите едноставно не се такви како што ние сакаме. Можеби и со сите добри предуслови, вашите деца едноставно не се сложуваат. Тоа треба тогаш да се прифати…И сетете се дека вашата желба децата да бидат во добри односи и после неисполнување на желбите следи фрустрација и тага-а дури потоа смирување и рамнотежа.