Уделот на HR менаџерот е да ги насочува и управува различностите во компанијата: Интервју со Елизабета Мирчевска, HR регионален директор
Отворениот и позитвниот пристап во работењето и превземањето на
одговорност и храбост да се излезе од зоната на комфорот, се главните
адути во нејзиното работење. Елизабета Мирчевска е
професионалец во областа на човечки ресурси повеќе од 12 години и е
сертифициран експерт во делот на Организациски дизајн и развој од страна на престижната асоцијација за човечки ресурси, CIPD, Лондон. По завршувањето на факултетот за царина и шпедиција, студирањето го
продолжува на мастер студии на Економски факултет во Загреб, и моментално ја
подготвува својата завршна тема во областа на ХР менаџмент.
Мирчевска веќе осум години е дел од Атлантик Група (FMCG компанија) која броји повеќе од 5.000 вработени на 10 пазари, а како Регионален директор за човечки ресурси успешно покрива 3 пазари - Македонија, Србија и Црна Гора, каде целосно го менаџира управувањето со круцијалните проекти во доменот на човечки ресурси. Своето искуство во оваа област го започнува во телеком индустријата, а после тоа ја продолжува својата кариера во банкарскиот сектор, од каде преминува во Атлантик Група.
* Со какви предизвици секојдневно се соочувате? Што Ви дава сила за да бидете комплетно успешна жена менаџер?
- Предизвиците се неизбежен дел од FMCG индустријата, која е карактеристична по брзите промени, не само внатре во организацијата, туку и во поглед на конкуренцијата, движењето на пазарот на трудот, интересот за одредени работни позиции. Да се биде дел од Човечки ресурси во вакво опкружување, а воедно и дел од голем интернационален систем е постојан предизвик во балансирање на стратешките и оперативните елементи на работата. Секојдневно се трудам да се фокусирам на имплементацијата на нашата стратегија за луѓе, но и да слушнам кои се нивните потреби и погледи затоа што и праксата ни покажа дека најдобрите програми кои веќе постојат за вработените во Атлантик Група се изградени врз основа на потребите на нашите вработени. Како резултат на добриот баланс помеѓу потребите на компанијата и ресурсите и барањата на вработените, денес имаме компанија која ги вреднува различните мислења, негува толеранција и го препознава и наградува потенцијалот на секој вработен.
* Според некои истражувања жените имаат вродени претприемачки способности, но нивните бизниси побавно се развиваат бидејќи и помалку ризикуваат. Се согласувате ли?
- Една од вообичаените перцепции и факт е дека во светот на бизнисот мажите се повеќебројни претприемачи од жените. Бизнис опкружувањето во поголем дел го сочинува машкиот пол, но сметам дека полот не е дефиниција за успех во бизнисот, напротив, особините кој некој ги поседува, но тоа не значи дека едните се поуспешни од другите. Претприемачите се опортунисти кои постојано се во тек со промените кои се случуваат околу нив и се во постојана потрага по нови можности кои би ги трансформирале во успешни бизниси без разлика дали станува збор за маж или жена. Она што ги издвојува повеќе успешните од помалку успешните претпиемачи, се разликите во поглед на начинот на донесување одлуки, храброста за превземање на ризик, поставување на цели, стилот на раководење, мотивацијата итн.
* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?
- Во денешно време со развојот на дигитализацијата и безбројните апликации се потешко е да се направи баланс помеѓу приватниот и деловниот живот. Но од друга страна, пак, нуди многу повеќе можности во однос на она што се подразбира како традиционално работно место. Да не се случеше овој „бум“ во технологијата и дигитализацијата денес не би ја имала флексибилноста која ја имам денес во поглед на можноста за работа од дома или друго место, времето поминато во пат да го претворам во нешто продуктивно, што сепак придонесува за подобар баланс во животот.
На почетокот на кариерата, како и секој млад човек, повеќе време посветував на деталите и се трудев да бидам перфекционист, но како поминуваат годините се зголемуваат и обврските и на деловен и на приватен план, па времето (посебно продуктивното време) е доста драгоцен елемент од секојдневието. Сега балансот го наоѓам во поставувањето на приоритети. И покрај тоа што е речиси невозможно да правам детален план за секој работен ден, сепак одвојувам дел од денот во кој правам некоја рамка на итни нешта кои ќе бидат на „дневен ред“ тој ден, но бидејќи како што споменав работам во индустрија во која брзо се случуваат промени сепак оставам и добар дел од работното време посветено на ad hoc работни обврски.
Како и секоја жена и мајка, секојдневно издвојувам квалитетно време за да се посветам на моето семејство и се трудам да издвојам барем неколку часа во неделата кои ги посветувам на спортско рекреативни цели и патувања. Се трудам да имам дел од денот во кој нема да биде присутна технологијата.
* Кои беа Вашите професионални соништа во тинејџерските години?
- Деновите поминати во тинејџерските денови ми беа исполнети со напорни секојдневни тренинзи. Тренирав атлетика, и се трудев секој месец и секоја сезона да ги срушам моите лични рекорди. Сонував да бидам дел од некоја Олимпијада. Бев дел од Македонската младинска репрезентација и од својата 13 годишна возраст гордо ја претставував својата земја и на меѓународни натпревари. Трчањето и спортот од денешна перспектива ми овозможија да се изградам во една посилна, похрабра и дисиплинирана личност, посветена на своите лични и тимски цели и достигнувања. Професионално сонував да бидам доктор, поточно хирург и да помагам и спасувам животи. Денес помагам компаниите да бидат поуспешни, а вработените кои се најдрагоцен ресурс за комапниите да бидат и посреќни и позадоволни и посветени во своето работење.
Секогаш се трудев во своето слободно време да се надградувам себеси и да бидам во чекор со сите новитети што ги носеше технологијата и модерното време тогаш. Денес кога сум во можност да бидам гостин предавач на средношколците и на младите секогаш се обраќам во стилот дека се е во нивните раце и дека знаењето, вложувањето во себе и упорноста се клучот за успехот.
* Kои лични вредности Ви се најважни, вредности според кои го живеете Вашиот живот?
Сметам дека за еден човек да биде успешен на секое поле и приватно и професионално, пред се, треба да е искрен со самиот себе, несебично да вложува во себе, да биде посветен и да дефинира во што е добар и во која насока би сакал да се развива за понатаму да може да го креира својот животен пат. Секако, дека овој пат со тек на времето трпи доста промени и не секогаш може да се реализира во целост како што сме го замислиле на почетокот, но никако да не се разочарува доколку неуспее, бидејќи многу често можеме многу да научиме и од неуспехот.
Проактивноста според мене игра клучна улога, исто така. Секој што е активен, се интересира што се случува околу него, во тек е со промените и постојано работи на себе неизбежно ќе најде одлични можности. Секако, за да се искористат тие можности потребна е и храброст и одлучност бидејќи не секогаш сме подготвени да излеземе од зоната на комфор.
* Имате долго работно искуство како HR менаџер. Која е највпечатливата работа која се има сменето кај Вас од тој прв ден до сега?
- Повеќе од 12 години сум дел од човечки ресурси, и своето искуство го градев во големи системи почнувајќи во телекомуникациската индустрија, па во банкарскиот сектор од каде преминав во Атлантик Група во чиј состав сум веќе 8 години. Првиот ден секогаш се трудам да почувствувам како дише компанијата или со други зборови да ја почувствувам корпоративната култура: какви се интеракциите мегу вработените, каков е пристапот до информации, транспарентноста на процедурите, отвореноста и споделувањето на знаењето мегу вработените, дали вработените се спремни и имаат позитивен став кон промени, каква е енергијата и нивното задоволството, каков е односот на менаџерите према вработените и сл. Сето ова е основа на понатамошната стратегија во мојот домен на работење – управување со човечки ресурси, анагажирани и мотивирани вработени, топли меѓучовечки односи, градење на вистински лидери - кои се предуслов за успешна компанија. Според мене, процесот на усогласување со корпоративните вредности, преку кои се зацврстува и корпоративната култура и се гради доверба и партнерски однос, е суштина на градењето на добри односи/релации и победнички дух помеѓу вработените.
* Кои вештини, според Вас, треба да бидат константно присутни, а воедно и се пресудни за да се изгради успешна кариера во областа на HR?
- Без разлика на индустријата, секој кој би сакал да се гради во областа на човечки ресурси мора да поседува одлични комуникациски вештини бидејќи нашиот удел во целиот процес на работа е да бидеме еден вид мост помеѓу бизнисот и вработените, а за тоа е потребно да градиме еден отворен и транспарентен однос и да бидеме во постојана комуникација со двете страни. Ова подразбира интеракција со голем број на луѓе и интерни и екстерни, од различни профили и позадина, па во овој свет е потребен интегритет, искрен и топол однос и отвореност во поглед на начинот на кој ќе пристапиме, на кој начин ќе се спроведат одредени промени, како ќе се пристапи кон одредени предзвици. Разноличноста сама по себе носи и разлики во сфаќањата и етичките и моралните вредности кај секој од вработените, па поради разлики во мислењата нормално е понекогаш да се појават и конфликти, а уделот на човечки ресурси е да може да ги усмерува и да управува со нив на еден продуктивен начин.
* Можете ли да ни издвоите неколку моменти, достигнувања во Вашиот професинален живот на кои сте особено горди?
- Во почетокот на кариерата беше добра можност да работам во мал систем, на тој начин имав можност да се запознаам со сите клучни процеси во компанијата кои ми помогнаа понатаму во кариерата да добијам широка слика за функционирањето на големите системи во кај бев дел. Сите големи системи понатаму броеле повеќе од 1.200 вработени што е одлична база за примена на широк спектар на процесите во човечки ресурси и одлична можност за мене како поединец да учам и да се надоградувам во оваа област.
Според мене секогаш е важно да се пратат трендовите, активно да се надоградува секој во областа во која сака да се развива, амбицијата и мотивираноста да се биде подобар, посветеноста на работењето се клучни моменти за мојот успех. Она што е многу важно, а би сакала да го истакнам како мој главни адути за успехот е отворениот и позитвниот пристап во работењето, посветеноста и спремноста работите да се решат и да се променат кон подобро - со цел долгорочен успех и за вработените и за компанијата, превземање на одговорност и голема храбост и енергија да се излезе од зоната на комфорот.
* Во мај минатата година, Македонската асоцијација за човечки ресурси Ви го додели признанието „HR менаџер за 2017 година“. Што значи ова почесно признание за Вас?
- Развојот и грижата за вработените е главна компонента која одделот за човечки ресурси ја поддржува и во која лично јас верувам и се стремам да ги подигнам стандардите во овој сегмент. Оваа награда и лично и професионално ми значеше многу и на некој начин го заокружи мојот десет годишен ангажман и вложеност во оваа област. Беа препознати и наградени навистина добри пракси кои се дел од нашата компанија Атлатик Група - чиј фокус е здравјето и грижата за здравиот начин на живот на нашите вработени, а кои верувам ќе го подигнат стандардот на работењето во нашето секојдневие.
* Каков совет би им дале на Вашите колеги, HR менаџери, со цел да ги охрабриме оние коишто ги исполнуваат критериумите и сакаат да се пријават за наградата „HRменаџер за 2018 година“, за која што номинацискиот процес е во тек?
- Ова е можност за многу практичари од нашата земја, несебично да ги споделат своите добри искуства и пракси во работењето во областа на човечки ресурси, кои верувам ќе допринесат да се подигнат стандардите во нашето работење и во грижата кон нашите вработени.
* Процесот за избор на HR менаџер за 2018 година е се' уште во тек, а повеќе
информации може да погледнете овде: http://mhra.mk/hr-manager-award.nspx