Три операции во бременоста поради бемка која ја имав цел живот: Битката со меланом на храбрата Бојана, мајка на два сина

Добивај вести на Viber

Бојана Јовановиќ е сопруга и мајка на две деца, Горјан кој има четири години и бебенцето Небојша кој има само седум месеци. Токму за нивните животи, како и за својот се плашела оваа храбра дама кога во петтиот месец од втората бременост дознала дека поради бемка која ја има цел живот боледува од меланом.

Великодушна и искрена, другар за сите и срце кое сака да помогне секому, Бојана станува борец кој успешно војува во битката со ракот на кожа.

* Кога и како забележавте дека се случува нешто на вашето тело?

- Почеток на jули, 2021. Бемка што ја имам цел живот се зголеми и напукна, па лачеше некоја бела течност. Се јавив прво кај приватен дерматолог во Куманово, па на кожен доктор во болница во Куманово и на крај на Клиника за пластична хирургија во Скопје. На мое барање заминав таму, заради моја поголема сигурност бидејќи бев 5-ти месец бремена.

* Колку беа потешки операциите поради тоа што во тој момент бевте бремена?

- На пластична хирургија паднав во рацете на доц.др. Софија Пејкова и спец.др. Гордана Геориева така да операциите ми беа лесни и безболни. Од прва средба имав потполна доверба во горенаведените лекари, во нивната стручност и грижа кон пациентите затоа и лесно поминав, цел живот ќе сум им благодарна за целата посветеност. Но најтешка ми беше разделбата од дечињата и заминувањето на клиника.

* Како течеше процесот на лекување? Дали е сега сè во ред?

- Првата операција беше во јули 2021-ва година, тогаш ја вадеа бемката и чистеа ткиво околу неа за поголема сигурност да не метастазирало. Со што мораше на истото место да ми пресадат слој од кожа земен од погоре на ногата за да се затвори побргу доле раната бидејќи чистеа буквално до коска!

Во октомври следеа уште две операции на истото место ама помали, вадевме метастази кои се гледаа со око!

Во меѓувреме бев постојано под будното око на моите професионалци и спасители др.Пејкова и др.Георгива, мојата состојба за нив верувам дека беше покомплицирана бидејќи бев бремена. Секој ден го молевме сите заедно Господ болеста да не се шири. Поради самата бременост не смеев да земам никаква дополнителна терапија, нити пак да правам некои поголеми снимања и испитувања за да видиме дали се проширила болеста. Чекавме да се породам па да ме пратат на Онкологија за да ми одредат терапија и да го направиме сите комплетни испитувања.

Бременоста за среќа и породувањето беше во најдобар ред, бидејќи цело време бев под будното око на докторите, уште еднаш БЛАГОДАРАМ.

По породувањето за жал следеше уште една поголема операција на истото место и вадење на лимфни јазли на препон, поради метастазирање. Но, да напоменам дека моментално е сè во ред

Сега сум на биолошка терапија во вид на таблети кои ги земам на Онкологија. На сонце ми е дозволено да излегувам само во итни и неодложни случаи, секако со тотална заштита да се покрие скоро цело тело и строго користење на медицински креми со најјак фактор за заштита од сонце. Инаку самата терапија има многу нус појави, а најголемата е горење на сонце, бидејќи од терапијата кожата станува пречувствителна. 

* Од кого добивте најголема поддршка?

- Сопругот, мајка ми, тетка ми и кумата нон стоп беа задолжени околу децата додека бев во болница и по редовни чести контроли, мојата стрина Вики и мојата Оле и уште некоја ситна бројка пријатели.

Велам ситна затоа што во најтешките моменти човекот ги открива оние 5 вистински од 100.

*  Како останавте со позитивна мисла во најтешките моменти?

- Насмевката и љубовта од моите дечиња.

* Што препорачувате вие на сите за да се заштитат од меланом, особено во лето, какво е вашето мислење за сончање/солариуми?ж

За заштита за да не го предизвикаме меланомот во летните горештини, да не излегуваме од 9 до 17 часот на директно сонце, освен кога е неодложно.

СЕКОГАШ да користиме креми со висок фактор за заштита од УВ зраците при изложување на сонце, во било кое годишно време и да не штедиме финасиски на креми, особено луѓе со посветол тен и бемки по тело.

Сите го бараме сонцето и сакаме да уживаме, но не сме ни свесни колку е штетно особено од 9 до 17 часот како што спомнав (како дете и мене ми беше смешно кога ми велеа постарите да не излегувам во среде ден надвор и не ми се веруваше дека сонцето може да ни наштети). Сончањето во солариум никогаш не сум го фаворизирала, а пак сега по сите трауми и битки што ги поминувам со меламомот не сакам ни да го помислам и сакам сите да ги советувам ДА НЕ КОРИСТАТ СОЛАРИУМ ЗАТОА ШТО е премногу штетен и УВ зрачењето од самиот солариум директно НЕГАТИВНО влијае на нашето здравје што е нешто најважно во животот, многу многу поважно од надворешниот темен изглед 

* Мото кое ве води низ животот.

- „Она што не те убива те прави посилен“.

„Господ ги дава најголемите искушенија на големите борци.“



*Д.Караташова Илиоска