Турунџиева раскажа приказна за Димче Мешковски: Хуморот му беше секогаш притиснат на најјако и умееше секогаш да нè насмее

Сузана Турунџиева сподели убав спомен на нашиот легендарен актер Димче Мешковски, кој долги години не е активен на театарската и на ТВ сцената. Тој со својата сопруга живее во Лос Анџелес, каде што му е ќерката со семејството. 

Турунџиева се присети на времето кога работела во А1 телевизија, а Димче за забава на вработените и нивните деца таму, бил облечен како Дедо Мраз. „А1 телевизија го имаше најдобриот Дедо Мраз. Димче Мешковски- еден и единствен“, рече нашата позната пејачка, водителка и писателка која сега работи како наставник по музичко. 

За Женски магазин, Сузана ги евоцираше спомените со Димче, но се сети и на Зафир Хаџиманов, кој почина минатата година. 

- Димче беше прекрасен човек, соработник, актер, па и пејач со прекрасен глас. Нашата прва соработка беше во 1988 година кога заедно игравме во мјузиклот „Ало будење“ чиј автор беше Зафир Хаџиманов. Две сезони играше на репертоар на Драмски театар и беа тоа прекрасни денови, а и најдобрите години на Драмски“, ни изјави Сузана. 

- Хуморот му беше секогаш притиснат на најјако и умееше секогаш да не’ насмее и расположи, без никој да го сфати двосмислено. Одамна не сум го видела, а често помислувам каде е, како е“, додаде Турунџиева. За својот живот во Америка, Димче раскажа во претходно интервју за Женски магазин, во 2018 година, кога беше дојден во Скопје.

- Мислам дека ќе ни треба три интервјуа за да ви раскажам за моите болести. Имам четири бајпаса, имам проблем со колкот кој ми е два пати опериран, потоа паднав од велосипед па ја скршив коска на бутот, и сега сум инвалид од колкот. Опeрирав паратироидна жлезда, опасен некој тумор беше. Па, имам преживеано мозочен удар, тежок артритис, витилиго, одам на дијализа, ми откажаа бубрезите. Оперирав и хранопроводник и така уште неколку болести. Но, добар сум и среќен што луѓето не ме заборавиле“, рече тој и додаде:

- Во моментов живеам во Лос Анџелес, во квартот Санта Моника, а инаку живеам и тука, во Скопје, на Партизанска. Сега веќе не сме со ќерка ми, сопругата и јас добивме свој стан, меѓутоа до нас е близу училиштето на нашата внука Леона. Ние ја зeмаме од училиште и поминуваме време заедно додека родителите и се на работа. Прекрасно е, морам да кажам, Санта Моника е еден од најубавите делови на Лос Анџелес. Тука ни е близу океанот, палмите, и се што е најубаво. Животот е убав и скап. Особено за нас, затоа што ние заминавме како пензионери, плус со сите мои здравствени проблеми. Веќе не можам да работам за да допиринесувам дома. Егзистираме скромно, но врзани сме за ќерката и за внуката, затоа сме и таму. Една од причините што заминавме е американската медицина. Во Лос Анџелес многу добро ме лечат, медицината таму е највиско ниво. Стручни кадри, стручна екипа, медицинска техника до совршенство. А јас, бидејќи имам повеќе од 65 години, имам право на бесплатно лекување“, рече Мешковски чие доаѓање дома по долги години, предизвика голем интерес во јавноста.

Турунџиева пак е актуена со албумот „Пола тебе- пола мене“, кој го промовираше со Атиџе Муратова пред Нова година.

- Доста пријатели го купија, го нарачуваат и многу луѓе од странство, бидејќи направивме можност преку Auroom да можат онлајн да си го купат и да го симнат. Денес, на 1 месец после промоцијата со гордост сакам да кажам дека во целата оваа приказна да направиме нешто од кое на Атиџе ќе и овозможиме колку толку финансиска поддршка, најмногу од се’ и од сите ме воодушевија поедини лица како Дени Жерновска и Александар Матовски- Цако кои не само што купија албум за себе, туку инсистираа да купат уште примероци за да подарат на блиските и што повеќе да и помогнат на Атиџе. Затоа имам потреба да кажам дека тие не се лица со попреченост, туку се личности од кои треба да учиме како се сака, вреднува и почитува“, ни раскажа Турунџиева.

М. Џаровска

Фото: Приватна архива