УБАВИ ЗА ОКО, ЛЕСНИ ЗА УПОТРЕБА
Дали среќата во партнерството меѓу мажите и жените доаѓа исклучиво во ретуширана и роботизирана варијанта, односно преку хиерахијата на односите на моќта? Какаото што го пиев додека го гледав филмот „Жените од Степфорд“ ми застана в грло. Ќе почнам од филмот за да стигнам до животот... До силната шлаканица за „идеалот на совршениот брак“. Острата сатира и критика на сексизмот во ова филмско дело (кој многу пати несвесно го живееме во реалниот живот) ме испровоцира да ја напишам оваа колумна. Мора да ве разочарам, ова нема да биде колумна за „принцот на бел коњ“, туку за „принцезите“ кои се гневни и ранливи.
Жените и мажите во бракот се во потрага по среќа и хармонија. Што всушност значи мирен и хармоничен брак? Дали за мажите тоа често значи релација исполнета со активен секс, а испразнета од суштина, предизвизвици и конфликти? Живот во утопија во која тие се господари, а жените се нивни љубовници и робинки што ги владеат со далечински управувач?! Се разбира дека НЕ! Но, на оние мажи кои потајно мечтаат за вакво сценарио им го препорачувам филмот „Жените од Степфорд“.
Се прашувам колку пати секоја една од нас се нашла во слична ситуација како главната хероина во филмот, успешната новинарка Џоана Еберхарт (Никол Кидман) која уште во првата сцена добива награда за нејзината телевизиска емисија. Како уредничка и продуцентка на емисиите за родови предизвици, „Balance of Power“ и „I can do better“, Џоана е етаблирана во својата кариера, мега-успешна и влијателна. Низ нејзините програми се водат битките на половите, додека ТВ мрежите сериозно заработуваат. Но, во еден момент импликациите од реалното шоу со сензационалистички пристап и по принципот на шокот, ескалираат со обид за убиство, поради што Џоана добива отказ по долги години макотрпна и посветена работа во телевизијата. Во моментот кога ѝ соопштуваат за отказот, информацијата ја прима со насмевка на лицето, а низ солзи. Со емоционална екпресија на обесчовеченост заради притискот од имиџот за силна жена, лидерка. Кога конечно ќе се најде сама, во лифтот од службената зграда, без очите на јавноста, Џоана целосно излегува од контрола, па почнува да вреска и добива нервен колапс. Она што најсилно ме испровоцира за критичко промислување е нејзината вина дека животот го посветила на кариерата.
Чувството на гризење на совеста е често присутно меѓу успешните жени, особено кај оние кои се мајки, нешто што системски и децениски се наметнува како патријархален притисок. Мажите кои се успешни во професијата речиси никогаш не се осудени дека го запоставиле својот приватен живот, додека за жените се смета дека е преодреден и резервиран просторот на домот и семејството, па секое „ескивирање“ од него кон сферата на јавното е ставено на осуда. Секој избор е распнат на координативниот систем на вината.
На почетокот на филмот Џоана е облечена во црно, живее на Менхетн во Њујорк и силно се идентификува со својот професионален идентитет на новинарка. Но, по нејзината преселба во Степфорд, градот полн со пастелни куќи и цвеќиња, градот во кој нема криминал и сиромаштија (утописко место со „совршени жени“), Џоана се обидува да се претопи во сликата на идеална сопруга, облечена во розово и со престилка за готвење. Во истиот град, додека жените дома печат колачи, мажите се собираат за да се дружат во „Асоцијацијата на мажи“. Кога Џоана прашува каде се одвива социјализацијата на жените, добива одговор дека за жените има специјален ден за уживање во спа-центарот. Ако ова е нивното место за дружење, тогаш дефинитивно реферира на хегемонијата на телото, овој пат завитката во обландата на слаткото задоволство на спа-третманите. Несомнено е дека алудира на тесниот и ограничен интерес на жените да се грижат исклучиво за своето тело, за постигнување на (не)достижниот идеал на убавината, додека мажите се собираат да дискутираат за сериозни политички теми! Па, дали навистина?!
Уште една порака што силно ми одекна во мислите е онаа кога жените се собрани да вежбаат. Кога главната јунакиња зачудено прашува како можат тоа да го прават дотерани во фустани и високи потпетици, добива одговор дека жените секогаш мора да изгледаат беспрекорно и привлечно. Тие просто не смеат да бидат видени од нивните сопрузи во широки облеки, без шминка и со несредена коса!!! Фасцинантен е и дијалогот помеѓу писателката Боби Марковиќ и нејзиниот сопруг кога тој ја прашува дали завршила со алиштата за перење, на што Боби иронично, но задоволно му одговара дека го завршила поглавјето во новата книга што моментално ја пишува. Веднаш потоа ја прашува дали ги направила сендвичите, а Боби револтирано му возвраќа: „Не, а ти? Зошто ти не ги направи сендвичите?“ На тоа, сопругот одговара: „Затоа што јас имам пенис“.
Па, ни требаат ли пениси за да ги живееме своите слободи и права? Ни требаат ли пениси за да не мора по цел ден да печеме колачи, туку да работиме, да се образуваме, да читаме, да анализираме, општествено да се ангажираме… Се разбира, немам ништо против печењето колачи кога тоа е личен избор (дури и планирам да направам еден со чоколадо и кокос откако ќе завршам со пишувањето на колумнава), но имам против кога тоа е наметнато и усвоено како исклучиво „женска работа“ и кога нè дефокусира од поинаквите избори во животот.
Сексизмот ѕирка на секој чекор. Родовите стереотипи се проектирани во жените коишто имаат кариера и често се сметаат за моќни, неуротични, фрустрирани, кариерни „кучки“ што носат црно. Прототипот на жени - „Убави за око, лесни за употреба“ е доминатниот дискурс не само во филмот, туку и реалниот живот. А врвот на шовинизмот и мизогинијата кулминира во научно-фантастичната сцена во која мажите имаат развиено систем што го нарекуваат „Female improvement system“ преку кој на своите сопруги им инсертираат нано чипови во мозокот со коишто ги програмираат да бидат „совршени“ по нивен терк.
Дали навистина постојат мажи кои низ маскулинистичка диоптрија ги „усовршуваат“ своите жени по нивни критериуми? По критериумот за Барби кукли кои изгледаат фантастично, а зборуваат само кога се согласуваат со нивните мислења и ставови?! Лесни за контролирање, тие никогаш не би се спротиставувале, ниту пак би предизвикувале каков било интелектуален дуел. Хм… верувам дека постојат. Според нив „совршената жена“ е убавица која е супер-домаќинка и која се грижи искучиво за својата кујна и за својата коса, додека во меѓуврме ги задоволува сите потреби на својот маж!
Родовата асиметрија во односите на моќта не застанува тукa. Истата се надоврзува и со консумеристичката идеологија, па, конечно, во една од крајните сцени на филмот ги гледаме жените „заробени“ во супер-маркет. Додека пародираат со своите мегаломански наполнети колички (во кои има продукти за домот повеќе од што е потребно) всушност ја гледаме женската илузија за среќа – Трошам, значи постојам! Супер-маркетот како место за проекција на женското задоволство реферира на супер-маркет културата која ги лови вештачки наметнатите женски потреби и желби. Ова го отвора и прашањето за „сонот“ на секоја жена – да биде добра домаќинка и да поседува илјадници непотребни предмети со кои го затрупува својот дом во компензација по други типови на сатисфакција и реализација во културно-политичкиот живот, па зошто не и во љубовниот живот.
Сето ова ме натера да се прашам - во каков свет живееме денес? Дали утопијата на Степфорд се наѕира и во нашето сексистичко и потрошувачко општество? Дали репликата: „Додека вие се обидувавте да станете мажи, ние одлучивме да станеме богови“ го открива латентниот презир кон секоја успешната и економски независна жена? Дали современата жена е распната на крстот на кој во едната рака држи метла, а во другата книга? Дали конечно ќе разбереме дека дека светот ќе биде поубаво место за живеење кога во него ќе нема дискриминација? Кога сите ќе имаме право самостојно и независно да одлучуваме што нè прави среќни и какви релации сакаме да градиме со луѓето околу нас. Кога ќе заборавиме на „природниот“ антагонизам меѓу мажите и жените и заедно ќе се залагаме за почит, права и слобода?
Дали?.... Да завршам со пишувањево, ме чека тенџерето на шпорет…
До следното читање држете се цврсто за своите ставови и права исто толку колку што се држите цврсто за своите метли и џогери!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој