Убавината е амбалажа, карактерот освојува: Искрено со Маја Глигоровска

Добивај вести на Viber

Маја Глигоровска (38), од модата заработуваше и живееше убаво. Ама ја исполни својата животна желба животот да го продолжи како одделенски наставник. И така, вели, секоја втора симпатична девојка на социјалните мрежи е самопрогласен модел. Сепак, нејзин совет до младите манекенки е да не чекаат избор или ревија за да изгледаат добро, туку да инвестираат во своето здравје и топ-форма. Со синот Тино се најголеми другари, а дали направила естетски третман и дали има нов партнер во својот живот, открива во интервјуто за „Женски магазин“.

* Сѐ повеќе атрактивни жени стануваат наставници и професори во Македонија? Како сте примени во вашиот колектив?

- На работа како и сите мои колеги кои поминале низ потребните филтри, не сум примена веднаш. Сум работела на проба како замена, секако по завршено соодветно образование, јас сум дипломиран педагог. Сум ја сакала и ја сакам работата со децата, се трудев и добив решение на неопределено, но продолжив да си работам со ист жар и постојано внесувам нешто ново на часовите за да им ги направам поинтересни. Тоа што е сѐ поголем бројот на атрактивни наставнички ме радува, тоа значи дека внимаваат на себе и на својот изглед. Клучно е да се сакате себеси за да им бидете пријатни и на останатите!

* Се повлековте од модниот свет, но не му кажавте дефинитивно збогум на манекенството. Дали добивате ангажмани и одите на избори на убавина?

- По 10 години активна работа како манекенка и фото модел не можам да кажам дека се оттргнав од манекенството, едноставно тоа беше период кога ми се случија пресврти на многу полиња. Родив дете, создадов семејство и некако постепено се смени фокусот на моето внимание, па се повлеков додека се стабилизирам. Понуди за работа како фото модел имав, а имам и ден денес. Сметам дека таков е природниот тек на работите, не познавам манекенка или фото модел кај нас која се пензионирала работејќи како модел. Сите ние имаме други таленти или интереси. Мојата желба отсекогаш беше да работам како наставник со деца, сметам дека ја познавам нивната психа и дека сум добар педагог. По манекенството секој си го наоѓа својот пат. Ова беше мојата најголема желба и не згрешив при изборот. А манекенството е моја прва љубов и секогаш ќе остане. Ќе сработам и во иднина сѐ што сметам дека е за мене предизвик и дека ќе ме исполни во моментот. Но моето животно мото е - никогаш не вели никогаш!

* Од пред неколку години се закитивте со титулата магистер по односи со јавност на Правниот факултет при УКИМ. Дали се гледате во оваа професија или сте задоволна од сегашната?

- Децата се најискрените суштества, среќна сум и исполнета кога поминувам време со моите ученици, секојдневно учиме.. тие од мене, јас од нив. Работат со нив е големо богатство кое плени да се чувствуваш убаво и исполнето. Но животот е непредвидлив и затоа е убаво човек секогаш да се надоградува и едуцира, едноставно ништо не се знае.

* Зошто станавте манекенка?

- Манекенството не беше мој животен сон. Во овие води запливав случајно, откако мојата драга пријателка Лила Филиповска ме поврза со луѓето од лотаријата кои ме ангажираа како следна лото-девојка.. Оттука почна сѐ и ми се отворија сите врати.

* Какво е Вашето искуство. Се живее ли кај нас од манекенство?

- Да не звучи клише, ама во мое време на прсти се броевме тие што бевме ангажирани во 90 отсто од проектите. И слободно ќе кажам-да, од модата заработувавме и живеевме многу убаво. Но, како што имам информации, сега не е така, и во однос на заработувањето, а и најголемиот проблем го лоцирам во актуелноста на социјалните мрежи каде што секоја втора симпатична девојка е самопрогласен модел и така се промовира.

* Што би ги советувале младите манекенки и мисици?

- Мој совет за младите манекенки да не чекаат избор или ревија за да изгледаат добро. Да работат на себе во секој момент и во секој поглед, бидејќи убавината е амбалажа, но најважна е содржината што ја нудат која плени и задржува.

* Меѓу дамите сега е ИН да се подмладуваш со естетски третмани или операции. Дали имате нешто направено? Како гледате на овој тренд?

- Воопшто не гледам драматично на тоа доколку некој има потреба од естетика да ја примени за да се чувствува поубаво. Секој треба да прави за себе сѐ она што ќе го направи среќен, па дури и ако има потреба и од операција за да си ја подигне самоувереноста секако би го подржала и оправдала тоа. Јас имам направено естетски третман и тоа кај доктор Даниела Димитрова која секогаш прави да се чувствуваш убаво и природно.

* Имате син Константино (13). Како се справувате со предизвиците како мајка и на кои животни лекции го учите синот?

- Тино е центарот на мојот свет, па сум среќна што работејќи во образование сум во тек со сѐ со што тој се соочува, наоѓаме методи како да ја совлада материјата на предметите. Го поттикнувам да се афирмира и социјализира преку различни активности истовремено укажувајќи му дека во животот има многу препреки кои треба да ги помине и да се соочи со нив. Ние двајца имаме одлична комуникација пред се' сме другари кои искрено разговараме за се', така ми овозможува да сум во тек со секој негов настан и да можам правилно да го усмерам во секоја негова постапка. Син ми го учам дека во животот е најважно да си чесен, вреден и кон сите да биде човек пред сѐ и неговиот успех ќе е неминовен.

* Што се случува во Вашиот приватен живот? Каков маж може да Ве освои?

- Во моментот кога ќе почуствувам дека до себе имам партнер кој ќе ме исполнува, но истовремено има хармоничен однос со мојот син (што е всушност базата за квалитетна врска во мојата глава) сигурна сум дека таа среќа ќе ја споделам со јавноста, нема зошто да не. Сепак сите стремиме кон едно, а тоа е да бидеме среќни.

* Секогаш сте дотерана во јавноста. Кои се тајните на Вашиот изглед?

- Морам да признаам дека ме погодивте со прашањево. Јас сум од оние кои не се потковани само теоретски, туку го живеат тој живот и сите правила за здравјето и убавината ги спроведуваат во пракса. Тоа подразбира дека она што генетски сум го наследила (бидејќи во моето семејство нема гојазни луѓе), се трудам да го одржам како форма, да останам фит бидејќи ми овозможува чувство на леснотија. Удобно ми е во облеката која ја носам и секако на тој начин сум и самата задоволна од она што го гледам во огледалото. Не можам да кријам дека ми значат и ми годат позитивните коментари на околината. Дека сум секогаш скоцкана/дотерана. По 30-тата година ми е потешко да ја одржам линијата како и на сите жени. Тоа значи дека не вечерам по 20 часот. Во мојата исхрана изобилува овошје, зеленчук, риба, мешунки.. Далеку од тоа дека јас не посегнувам по брза храна, но ако знам дека денес сум претерала слeдните неколку дена се казнувам и сум само на течности. За да ми бидат ткивото и кожата вакви покрај исхраната јас тренирам во континуитет, вежби со сопствена тежина и кардио тренинзи. Секако дека правам и третмани како мадеротерапии и слично кои се се' попопуларни на нашиве простори. Со нивна помош правам дренажа за подобра циркулација на организмот. Значи покрај мајка природа, за да изгледам вака денес правам максимален влог и сум дисциплинирана. Прво нешто што правам секое утро - се качувам на вага. Доколку видам килограм плус не се смирувам додека не го симнам. Син ми е голем гурман, затоа се трудам да му ги наметнам моите правила да се храни здраво, го носам на кошарка, го учам дека она што го внел важно е да го потроши. И така некако правиме баланс.

* Се наближуваат Оскарите. Кој е Вашиот фаворит на црвениот килим во Холивуд?

- Оние кои ме познаваат, знаат дека сум патриот. Мојот фаворит е „Медена земја“, со цела душа и срце ќе навивам за целата екипа која по кој знае кој пат го обедини овој народ кој едвај чека да има повод да се радува и да слави. Прв пат чувствувам ваква возбуда пред оскарите и имам добро претчувство!

Лејла Сабит