Утринско франк кафе со Елена Ристеска: Малку се добрите луѓе во морето од злоба

Најубавиот дел од денот ми е утрото кога сама си го пијам првото кафе. Тој ритуал без кој не можам ми дава можност да се сталожам, да го направам распоредот со обврски за тековниот ден. Јас во тој чин уживам секако, и кога сум некаде со друштво или со мајка ми уживам да го пијам кафето покрај убав позитивен муабет. 

Ме мотивираат добрите луѓе со кои и работата и приватниот живот тече совршено, сепак можеби малку се ама постојат, во морето од злоба. Кога ги препознавам меѓу толпата, или да кажам се препознаваме меѓусебно, тогаш имам надеж дека сепак светот е едно убаво место за живеење. 

Меѓу нив сте и вие неколкумина од вашата професија, вистински новинари, а пред сѐ „луѓе меѓу луѓето“. Во поглед на животната мотивација покрај семејството кое ми е на врвот на сите приоритети и мотивациони двигатели, мотивација ми се другарите кои не дозволија да западнам во депресија после сите лоши периоди, потоа оние неколку соработници кои и тоа како ме мотивираат кога сакам да оставам сѐ и да се откажам, како што е Елеонора мојата асистентка, Даниел стилистот, Стефан фотографот, Сара и Ана моите придружни вокали, Мила Кадриу креаторката со која соработувам, потоа Вилма од Кроација осигурување- живот со која оваа година планираме концерт и која константно ме поддржува во кариерата и уште неколку соработници кои ми се мотив да се враќам секогаш каде и да одам, или подобро кажано да не останам во некоја друга држава.  А мотивот кој секое утро ме потсетува зошто сум тука и зошто ми ја дал Господ токму оваа мисија, е мојата верна публика, фанови кои 16 години се мојата инспирација и мојата поддршка. 

Секој ден ми започнува во 9 часот и по утринските ритуали секој ден различно ми тече и ми завршува. Состаноци со фирми, состаноци со мојот тим од соработници, интервјуа за наши и балкански весници, портали и радија, проби со бендот, фитнес или некоја активност, а она по кое сум карактеристична е тоа дека сум непресушен извор на идеи, во текот на денот мал милион идеи ми доаѓаат и повеќето доспеваат да бидат реализирани. Така потекна и идејата за „Карибиан боди“ мојата прва козметичка линија. Скоро секоја вечер заспивам читајќи психолошки книги. После утрото, моментот на читање пред да заспијам ми е омилен дел од денот. Секако тоа не важи кога сум излезена со друштвото или кога си седиме со другарките во домашна атмосфера, тогаш веднаш заспивам.

Секогаш повеќе преферирам книга пред филм, но книгата се чита сам, а за филм секогаш е подобро да се гледа во друштво. Сама филмови не гледам, секогаш одиме на кино со друштвото или кога имам партнер најубаво ми е кога си гледаме филм.

Им посакувам на сите читатели на Женски магазин во новата година да шират што повеќе позитивна енергија, да прават добри дела, да се почитуваме меѓусебно повеќе, да читаат само вистински портали со реални приказни и вистински информации како вашите, и да слушаат повеќе македонска музика. Оние другите желби како здравје, љубов и радост се подразбираат .

И да читаат повеќе книги бидејќи така ќе создадат мудрост која нема да дозволи да бидат манипулирани никогаш, а изградената личност ќе зборува за нив повеќе од сите изговорени зборови.