Утринско Франк кафе со Татјана Цветковска: Ме мотивираат вредности и доблести кај индивидуалци

Како ритуал, првото утринско кафе го пијам сама и како во фиокички ги средувам мислите за денот-што, како, со кого, колку. Избегнувам да мислам зошто, бидејќи наутро тоа оптеретува и секогаш има 1000 затоа. 

Во секој животен циклус мотивираат различни нешта-најпрво идоли, пејачи, некој актер/ка, па разноразни мотивациски говори за успех, за кариера, за хуманост...Сега ме мотивираат вредности и доблести кај индивидуалци од секојдневието, обични луѓе чии животни приказни „раскажуваат “за огромна храброст, сила, спонтаност и особено ведар дух. Често патувам во Италија и Хрватска кај пријатели, запознавам и многу нови, и тоа ми дава моторна сила да бидам уште поуспешна во мојата работа и во животот.

Професијата-професор сама по себе подразбира секојдневно планирање и многу обврски поврзани со учениците. Кога учениците ќе почувствуваат дека работата ја работиш со љубов, тука има и разбирање и добра интеракција и, се разбира успех. Оценката од моите ученици најмногу ми значи, тие се најискрените и најверодостојни оценувачи за нашата работа. 

Со оглед на тоа што за време на викендите посетувам обука за личен раст и развој во Институтот за брак, семејство и системска пракса, често вечерта завршува „на кафе со...“ Таму запознав прекрасни луѓе и професионалци. Но, сепак, на крајот од денот споделувањето за се е со човекот на мојот живот, дома. 

Иако интернетот сериозно го загрозува нејзиното височество-книгата, се борам за неа и многу читам. Деновиве ја препрочитував „Разговори со Бога“ од Нил Доналд Волш и ќе ја издвојам мислата која се провлекува низ целата книга: Кога мислите дека немате решение за некој проблем, само поставете си го прашањето-Што би направила љубовта сега?

* Татјана Цветковска - професор по македонски јазик и магистер по менаџмент во образованието