Утринско Франк кафе со Загорка Видоевска: Недостатокот на сон го компензирам со кафе

Добивај вести на Viber

Алармот ми ѕвони во 6:30 часот, но јас многу често успевам да го претркам. И веднаш започнувам со мојата секојдневна рутина, миење, облекување, шминкање, влегувам во мојот автомобил и правец на работа. Работам во Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија и денот ми е постојано исполнет со работни обврски. 

Во текот на работната недела првото утринско кафе го пијам на работа, најчесто во друштво на колешките со кои ја делам канцеларијата. Преку викенди го пијам најчесто дома или во „Кофи Фактори“ во друштво на моите најблиски, мојата љубов Мартин, ќерката Кира и нашето милениче Луси. Голем зависник сум од кафе и ми се случува честопати да испијам и по три. Откако станав мајка, недостатокот на сон го компензирам со кафе.

Мојата агенда е прилично набиена што мислам дека е нормално за мајка на мало дете која има 8 часовно работно време, сепак љубовта е онаа која ме одржува во живот и ми помага да ги издржам сите работни обврски понекогаш и со еден или два часа сон. Мајките никогаш не можат да бидат уморни или нерасположени кога си доаѓаат од работа, бидејќи нивното дете со душа ги чека да се вратат. Предноста на моето работно место е што почнувам во 7:30, а завршувам во 15:30 часот и секој ден попладнето го поминувам со моето семејство.

Играме, учиме, шетаме, се дружиме со нашето пошироко семејство и пријатели и така скоро секој ден. Време за себе речиси и немам. Единствено кога Кира ќе легне да спие можам да си се посветам малку на себе. Но тоа е кратко, бидејќи сум исцрпена и сакам веднаш да одам во кревет. Навистина не е лесно една жена да постигне сè што се очекува од неа, притоа секогаш да биде убава, средена и насмеана, но со добра организација сè може да се постигне.

Најмногу од сè ме мотивира љубовта која ја добивам од моите најблиски, тие се двигателот на мојот свет и за нивната среќа би го направила и невозможното. Ме мотивира кога сопругот ќе ми каже дека сум добра и посветена мајка, бидејќи за мене тоа е најважната работа на светот. Сакам да бидам исполнителна и точна, секогаш секаде и во сè што правам. На работното место најмногу сум мотивирана кога знам дека давам сè од себе и кога знам сум направила промени на подобро. 

Вечерта ми минува секогаш со моето семејство. Некогаш одиме на гости, некогаш имаме гости, кога е убаво времето шетаме. Морам да признаам  дека сè што правам е во согласност со потребите на Кира. Многу ретко се решавам да излезам сама или со мојот сопруг без неа. Некогаш ни самата не знам од каде наоѓам енергија за нормално да функционирам. Не знам што е тоа попладневна дремка откако станав мајка, а во текот на ноќта се будам на секој час или два да проверам дали е сè во ред со неа или да ја покријам додека спие. 

Навистина многу сакам да читам книги посебно мотивациски, да гледам филмови или серии. Но како што кажав за тоа немам време овој период. Едноставно, себе и своите лични потреби ги ставив во втор план и искрена да бидам воопшто не жалам што е така. Никогаш не сум била посреќна и поисполнета од денес. 


Сите модели од колекцијата на „Bella“, во кои е облечена Загорка Видоевска, погледнете ги ТУКА