Утринско кафе со Александар Коларов: Се будам и заспивам со музика

Љубител сум на кафе. Сакам да пробам секакво кафе, да ги осознаам сите варијанти на вкусовите, но преферирам чисто, јако кафе без млеко на кое може да му ги почувствувам сите ароми. Моето утринско кафе е долго еспресо кое ме буди и ми дава енергија да го започнам денот.

Задолжително станувам во 7 часот, одам на работа, се враќам дома. Тоа е неизбежното секојдневие. Но, покрај тоа, често правиме проби со бендот, па така ја разбиваме монотонијата на денот.

Музиката е моја инспирација. Се будам со музика, денот ми е исполнет со музика, а ноќите ги поминувам создавајќи музика. Да се биде басист е забавно. Задоволство е да се биде басист во Филип Стевановски бенд, инспирацијата ја наоѓам во тој начин на живот. Ноќните патувања, запознавањето многу луѓе, настапи, концерти, сето тое е едно неисцрпно поле на инспирација и мотивација.

Кога е викенд, денот ми завршува со настап во некој град низ Македонија. Тогаш сум опкружен со членовите од бендот, се забавуваме. Најчесто ние сме тие кои ноќите им ги правиме повесели и позабавни на останатите. Инаку, ноќите ги поминувам дома удобно сместен пред телевизорот заедно со мојата сопруга.

Ја почитувам литературата, но читам ретко. Љубител сум на филмови и серии, фанатик поточно (се смее). Јас секогаш сум задолжен да најдам филм или серија и да го симнам од Интернет.

* Александар Коларов - Цеа, басист во „Филип Стевановски бенд“