Утринско кафе со Александра Јанева: Ме мотивираат луѓе кои не се задоволуваат со просечност

Првото утринско кафе најчесто го пијам сама со себе. Сите мои цимерки имаат поразличен распоред на обврски од моите, па затоа и сите го пиеме кафето во различен термин и се разминуваме. Искрено, едвај чекам да се разбуди некој за да можам да направам неколку реда муабет пред да почнам со извршување на обврските. Додека го пијам кафето обожавам да преслушувам нова музика и да се апдејтирам за случувањата во нашиот музички свет. 

Благодарение на социјалните мрежи во секој момент може да се следат реакциите на публиката за она што го правиме. Мотивирачко ми е кога гледам дека моите песни будат најразлични емоции кај слушателите и уште поинтересно е кога некој ќе се сети сето тоа да го сними, да го испрати и така да ми го разубави денот. Ме мотивираат луѓе кои не се задоволуваат со просечност и секојдневно се трудат да освојуваат нови хоризонти. 

Сè уште сум студент и сум сред испитна сесија, па затоа денот не ми поминува без неколкучасовно учење. Кога сум послободна знам да си зготвам нешто вкусно. Неизбежен дел од моите дневни рутини се и вежбите по пеење. Покрај тоа што се чувствувам добро кога пеам, морам да се одржувам кондиционо заради честите настапи кои ги имам во последните две години. Се обидувам да одвојам време за интеракција со публиката. Најчесто тоа го правам на Инстаграм. Таму ги споделувам возбудливо поминатите километри со мојот бенд и најдобрите моменти од настапите во живо. Последниве неколку месеци посветувам доста време и на работа во студио за подготовка на мојот деби албум. 

Познато е дека музичките артисти и композитори се ноќни птици. Најчесто најголемата инспирација доаѓа навечер. Тоа се тие креативни саати во кои се прават нови мелодии, се преслушуваат нови демоа, доаѓаат идеи за следните проекти. Обично сум дома од понеделник до среда. Не сум тип којшто излегува многу често во текот на неделата, не затоа што не сакам, туку едноставно ми треба одмор после викендашката еуфорија. Но, има денови кога навистина имам потреба од свеж воздух, па правам долга прошетка низ Скопје, заедно со мојата најблиска пријателка и соработничка.

Ги сакам и книгите и филмовите, но сè зависи од обврските. Некогаш полесно ми е да прочитам неколку страници пред да ми дојде дремка, отколку да започнам филм кој морам да го изгледам до крај. 

(Александра Јанева-пејачка)