Утринско кафе со Ана Јовковска: Книгата ми е парче торта на крајот од денот

Денот ми почнува со свежо цеден сок или со смути, не со кафе. Oткако ќе ги запишам в тефтер мислите кои ми дошле како непоканети гости на прсти во мозокот, меѓу две будења во ноќта. Но, да се вратам на сокот, оти дневникот е интимна работа. 

Tаа навика ми ја вкорени мојата мајка уште од мали нозе, а последниве години се обидувам да консумирам органски овошја и зеленчуци, и заради здравјето на сопственото тело кое треба да го третираме како храм, а не како канта за отрови, и заради „еко-френдли“ односот кон животната средина. Рутуалов го делам со моето мало дете, кое ги обожава киселите вкусови на лимон, портокал и цитрон и со мојот животен сопатник. 

Ме мотивира освојувањето на слободата во секоја сфера во животот, во творештвото, во новинарството, во односите со луѓето, во себството... Ме мотивира секоја добиена битка против непрадва. Ме мотивира промената што сум ја предизвикала кај луѓето кои ја читале мојата последна книга „Ехо на слободата“. Ме мотивира транформацијата која ја гледам кај себе секој нов ден...

Различни се, не се рутински и среќна сум поради тоа. Но, ако сепак треба да ги сведам на најмал заеднички именител, тогаш тоа се пишувањето, интервјуата и колумните за „Портрет“, состаноците за различни проекти што ги работам, подготвувањето на комуникациски стратегии, сценарија, модерирање на настани, конференции, дебати, честите средби со читателите во книжарниците на „ТРИ“, промоции со книгата низ разни градови, и се разбира оние најмили обврски околу моето дете на кои сакам да гледам како процес на зедничко учење и растење, а не како класични обврски. Тука некаде во денот се и обврските околу нашето куче, а шетањето со него во паркот ме мотивира повеќе да се движам и да набљудувам. Возењето велосипед ми е уште една слатка обврска во денот. 

Последниве речиси две години денот најчесто ми завршува гушкајќи и заспивајќи го малото човече кое би сакала да порасне во буден човек со големи соништа и идеали. Му раскажувам, му читам, па си читам. Незамисливо ми е одењето во кревет без книга. Тоа е парчето торта на крајот на денот. Време само за себе. Честопати на ноќниот репертоар е и гледањето добар филм со мојот сакан сопруг и со нашето друштво.