Утринско кафе со Анита Буховски: Ја сакам тишината, утрото и пишаниот збор

Сите ме викаат ранобудник, бидејќи станувам многу рано, дури и за време на викендите кога сум слободна. За мене времето е најважно од се и сметам дека доколку поспијам повеќе тоа ми е залудно потрошено време. Во текот на работната недела станувам пред 6 часот, а во сабота или во недела пак, на нога најдоцна сум до 7.30. Мојот биоритам така функционира, па не е ни чудно што станувањето воопшто не ми претставува потешкотија. Наутро обично сум тивка, да не ги разбудам девојчињата или сопругот, кој станува барем половина час подоцна од мене. Но, тишината воопшто не ми пречи, напротив уживам во првото утринско кафе, летно време во мојот двор во друштво на уште еден член од семејството, Берт. Вкусот на нес кафето со малку млеко и без шеќер е тоа што ми треба во првите часови од новиот ден. Многу важен детаљ од ритуалот „утринско кафе“ за мене е во каква шоља го пијам кафето, па секогаш кога патувам надвор од земјава задолжителен сувенир ми е нова шоља за кафе. За разлика од мене, сопругот не е некој обожавател на кафиња, но знае да ми се придружи речиси и без исклучок во сабота пред да ја реализира неговата пасија, возење велосипед кое најчесто за време на викендите трае практично цел ден.

Иако сме сосема различни, секогаш имаме што да споделиме на различни теми, па тој заеднички момент најчесто го користиме да ги споделиме сите поединости што не сме успеале да си ги кажеме во текот на неделата. Обично ги избегнуваме дневно-политичките, нашите разговори најчесто се однесуваат на приоритетите што сме си ги поставиле во животот, а тоа е едукација на нашите две девојчиња. Горди сме на Ања, која повеќе од 3 и пол години е на студии во Лајпциг, и на Илијана која годинава во февруари ја доби стипендијата „Борис Трајковски“ и од септември ќе почне да учи во Гимназијата Нова.

Мојот професионален живот, еве веќе повеќе од 25 години, е исполнет со пишување. Како новинар, денот ми минува, освен со колегите и во контакти со безброј личности за да се направи тема, за да се земе изјава, за консултација и така натаму. Сметам дека новинарите се единствените професионалци кои имаат контакти со најразлични профили на луѓе, од продавачите на пазар, до професори, научници, лекари, политичари....никој во животот не запознава толку многу луѓе. Со голем дел од тие што јас сум ги запознала во мојата професионална кариера, сум испила барем едно кафе. 

Оваа професија, колку и да ја сакам, морам да кажам дека е навистина стресна и исцрпувачка, па умот и мислите ги одмарам попладне, но никако во спиење. Најмалку два часа, јас и Берт, а сега во време на корона и мојата помала ќерка пешачиме по падините на Водно. Ја впиваме тишината, но и разговараме за училишните обврски кои сега се одвиваат онлајн, правиме пауза на едно „само наше местенце“ каде има изворска вода, каде зраците на сонцето едвај поминуваат низ густата шума, па дури и таму јас уживам во вкусот на кафето понесено во термос. Посебни моменти имам и со мојата повозрасна ќерка. Често заедно пиеме кафе, но во последниве три и пол години тоа го правиме со помош на „современата технологија“. Нашите дружби се на Вибер, знаат да траат долго, што се случува да ги прегрееме телефоните. Кафе-муабет, збор по збор за тоа како и поминал денот, какво е таму времето, како се спрема за сесиите...Недостига многу, но кога е таа среќна, јас сум уште повеќе среќна. Овие, веќе три месеци откако се затворивме дома, ми недостигаат и моите три другарки, со кои делиме добро и лошо цели три децении. Нашите кафе дружби знаат да траат со часови, зошто колку и да се слушаме, секогаш го имаме она: „чекај уште нешто да ти кажам“. Тоа што ме прави многу побогата и од најбогатите е дека во својот живот ги имам и сестра ми и брат ми, моите сродни души...Секогаш сме тука еден за друг и без разлика кој го подготвува кафето, кога сме тројцата заедно тоа има посебен вкус.

Сите предизвици со кои не соочува животот се доволен мотив за да си го направиме животот поубав. Некогаш препреките се поминуваат полесно, некогаш многу потешко, но јас велам дека животните приказни се должат токму на тоа колку луѓето имаат желба, поттик, мотив да се соочат со проблемите и да ги надминат успешно. Изворот на енергијата што ја имам, но и мотивот секогаш да гледам напред, мене лично ми доаѓаат од семејството.

Дури и на крајот на денот секогаш имам мотив нешто да прочитам. Што се однесува до мене, книгите имаат предност. Ретко позајмувам книга, онаа што сакам да ја прочитам задолжително ја купувам, па веќе нема место во мојот дом каде нема книги, освен во библиотеката. На малата масичка секогаш имам најмалку две книги. Некои мои омилени знам и да ги препрочитам, или барем делови од нив за да се потсетам. Класичната литература за мене има посебна вредност. Ги сакам нордиските автори, како што се Хенрик Ибзен или Кнут Хамсун, а во последно време ме релаксираат и современите скандинавски автори, особено романите на Ју Несбекои кои целосно ми го одземаат вниманието.


* Анита Буховски - новинар*