Утринско кафе со Цеце Трајковска: Се опуштам со музика и со мојата омилена личност

Деновите кога сум на емисија започнуваат навистина рано, некаде околу 6 30 часот ѕвони алармот. По краткото спремање дома, се качувам на велосипед и на тој начин ми почнува денот. Некогаш со омилената музика до работа, а некогаш и без музика – само јас и сонцето пред мене.

Првото кафе во деновите кога сум на програма е заедно со Гоце или Марко и секако со најдобрата утринска публика. Тогаш пијам огромна шолја турско кафе полна до горе, ми помага за концентрација и дорасонување (иако во шминкерна уште во 7 часот наутро сме веќе расонети со гласна музика и смеење со колегите). Во вистинското турско кафе послужено со локум секојдневно уживав неодамна во Анталија, на инфо-турата на туристичката агенција „Фибула“ од која бев дел. 

Деновите пак кога не сум на емисија, си дозволувам да поспијам и до 9 часот. Секогаш ми фали сон повеќе. Задолжително пијам смути пред да ми почнат работните обврски. Првото кафе е повторно со колегите на работа, но второто ми е омиленото Нес кафе кое самата си го правам најдобро и највкусно и тоа го пијам самата со себе некаде во попладневните часови од денот. 

Искрено, во време на изгубени вредности ме мотивираат успешни човечки приказни, луѓе кои се уште се луѓе во вистинска смисла на зборот. 

Со оглед на тоа што „Утринската на Телма“ наскоро ќе ја заокружи успешно својата трета сезона, дневните планови и обврски се најчесто поврзани со емисијата. Ако не сум на програма во живо, тогаш работиме на сценариото за следниот ден. Тоа подразбира многу, ама сериозно многу телефонски разговори во денот. Покрај тоа, тука се и секојдневните тековни активности поврзани со потребите на емисијата. 

Денот ми завршува многу помирно отколку стартот. Ако не сум со најблискиот круг на луѓе, тогаш сум дома. Сакам да се опуштам со добра музика, со некоја серија или филм, некогаш и сама со себе, а во најголем дел од времето секако во друштво на мојата омилена личност. 

Во последно време гледам многу повеќе филмови, серии. Редовно ги следам новите епизоди на „Фчерашни новости“ и „24 minuta sa Zoranom Kesićem“. Бев заразена со шпанската серија „Money Heist“ или „La Casa de Papel„ на „Netflix“, а сега во моментов ја гледам серијата „Чернобил“. Во однос на книгите имам неколку започнати, ама недочитани за жал. Конечно ми дојде во раце „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, а тука е и „Будење“ од Ентони де Мело.

* Цеце Трајковска, водителка на „Утринска на Телма“