Утринско кафе со Дина Јашари: Мачката и гитарата ми се најверни пријатели

Кога немам никакви обврски рано наутро, моето утро започнува на пладне. Храна и моето фамозно кафе со мед во комбинација со една-две-три епизоди од „The big bang theory“ или „Friends“. После доза смеење и позитивна енергија денот може да започне. 

Ме мотивира околината. Луѓето што ме опкружуваат и настаните што се случуваат во моментот, таму каде што сум. Каква енергија примам, таква и пренесувам и ја ослободувам преку пишување и правење музика.

Моите дневни планови и обврски се секогаш недефинирани и спонтани. Секој ден ми е различен, и во траење и во интензитет. Важно ми е на крајот од денот да знам дека сум направила нешто позитивно и продуктивно за себе и за луѓето околу мене.

И кога сè ќе заврши, на крајот од денот, дома ме чекаат моите „стрес-рилиф“ пријатели - мачката и гитарата. Редовната дружба со нив целосно ме опушта.

Сакам да читам книги, но да бидам искрена, кога би требало да избирам, попрво би ја изгледала книгата за два часа во форма на филм.


(Дина Јашари- музичар)