Утринско кафе со Емилија Ристеска: Инклузијата почнува од дома

Се будам во 6 часот, пијам смути и се подготвувам за работа со музика. Утрата ми се време за себе. На работа стигнувам порано да појадувам и да ги подготвам активностите кои сум ги испланирала. Првото кафе го пијам на големиот одмор додека разговарам со учениците.


Дневните работни обврски се секогаш различни и испланирани. Деновите ми се исполнети со мали порази и победи, но и многу љубов и гушкање. Работам опкружена со деца како асистент што значи макотрпна работа на образовниот процес, социјализација, учење вештини, дефектолошка практика, а бара солидна подготвеност, потреба за понатамошно надградување и емпатија. За секое дете изработувам индивидуален образовен план според неговите способности и потреби.


Инклузијата на овие деца е процес на кој треба многу да се работи и вложува, но инклузијата почнува од дома. Ги учам децата и нивните соученици дека сите сме различни, а различноста е најдобрата работа што секој ја поседува. Работам со љубов, градејќи добра врска со децата. Оваа работа бара голема одговорност и посветеност, многу вложен труд, но е благородна и знаеш дека можеш да му помогнеш некому кому твојата помош е неопходна. Се надевам ова општество ќе стане поотворено кон инклузивни промени, затоа што секој заслужува шанса согласно можностите.




 Ме мотивираат резултатите од напорната работа, родителите на децата кои секогаш го гледаат светлото на крајот од тунелот, ме мотивира мајка ми која е најголем борец во животот и столб на семејството.

 Денот ми продолжува со работа со деца до попладневните часови, посета на курсеви и обуки. Крајот на денот го поминувам со семејството, партнерот и пријателите. Во слободното време сакам да се опуштам и го посветувам на одмор, дружење и читање.


* Емилија Ристеска, асистент на деца со посебни обрзовни потреби *