Утринско кафе со Ина Д.Василевска: Ме мотивира борбата да се остане пример и да се задржи надежта

Утрата се поврзани со будењето. Еден е моментот на физичката поспаност, другиот е во менталната раздвиженост и радоста за уште еден благословен ден на Земјата. Затоа првиот визуелен импулс е оној на безусловната среќа огледана во топлите очи на најсаканиот, како и во мирисот на топлото кафе подадено од неговите раце. Секако тука е и звукот кој доаѓа од радиото, истиот испреплетен со звуците од дворот, гласовите на децата и далечниот испрекинат говор на повозрасните. Една континуирана низа на мали сочиненија, кои се акумулираат во подготовките за дневните активности и која е неопходен извор за соочување со предизвиците на новиот ден.

Дневните планови се поделени на домашни и работни. Додека во домот се организираат заедничките обврски и се планира семејниот ручек , работните се поврзани со активностите на Правниот факултет поврзани со наставата, редовните консултации со моите студенти, состаноците со колегите. Секако тука се и општествените обврски, состаноците во партијата, средбите со загрижените граѓани, медиумските настапи.

Ме мотивира животот како една целина во која предизвиците се неопходни за духовниот раст и за надминување на постигнатото од вчера. Љубовта, онаа исконската, која е модус вивенди за сè што е добро, топло и жизнерадосно. Воедно и борбата да се остане свој, да не се извалка душата со неброените искушенија кои надоаѓаат, да се остане пример и да се задржи надежта, дека ќе биде подобро!

Времето е човечка категорија и истото врви со една неверојатна брзина, при што е навистина тешко истото да се запре или да се забрза. Во една исклучителна динамика, на крајот од денот, најубавиот дел е повторното соединување со домашните, честопати во друштво со пријателите, како и анализата на завршеното и она што понатаму треба да се направи. Најубавиот дел од денот е оној кога и покрај сите грижи и борби имате со кого да ги споделите и радоста и тагата, како и да се навалите во топла прегратка која ви дава и утеха и поддршка дека наскоро ќе биде полесно, ќе минат сите премрежја. Воедно тука е и радосното говорење на мојата ќерка Марија, нејзините доживувања, советувањата и подготовките за училишните обврски.

Отекогаш книгата била мојот прв избор. Секако да се погледне добар филм е предизвик на кој исто така тешко можам да одолеам. Секогаш сум читала активно и во текот на целиот ден имам паузи за своја душа кога во зависност од расположението читам по малку и поезија и проза. Тука секако е континуираното читање на стручната литература, која не ја вбројувам во ова бидејќи тоа е неопходно и примарно во мојата академска професија.

(Иванка Д. Василевска- професорка на Правен факултет „Јустинијан Први“)

ФОТО: Борис Дамовски