Утринско кафе со Јелена Богојевиќ: Поезијата и филмовите се моја пасија

Денот ми почнува со порција овошје или смути, во позадина проследено со музика за расонување. Кафето го пијам потоа и најмногу уживам токму во првото кафе од денот, или сама или во друштво на момчето, пријателите, колегите од работа. Зависно од периодот и возраста, различни предизвици ме мотивирале, како факултетот и образованието во областа на новинарството и правото или работните задачи и искуства. Но, има и работи кои секогаш ми се двигатели и не престанале да ме инспирираат, тоа се семејството, љубовта, другарството (вклучувајќи ги најблиските кои се тука за мене и ми се поддршка во секој момент), желбата за правда и залагањето за подобро општествено опкружување.


Професионалните планови и обврски ми се генерално поврзани со „Фчерашни новости“, а покрај тоа и модните ангажмани, ревии и сл. Па, во однос на тоа го планирам и останатиот дел од денот. Слободното време го користам за одмор или излегување во некое од скопските кафулиња, кино, театар, а ако можам и да поминам некој викенд надвор од Скопје.


Голем љубител сум на филмовите (особено трилери) и најчесто ги гледам навечер пред спиење. Исто така сакам да читам книги и доколку ми се допадне многу содржината, не можам да се одвојам од книгата и ја читам за 2-3 дена. Навечер имам најмногу инспирација, па освен што читам се случува и да пишувам поезија, што ми е воедно голема пасија уште од мала.