Утринско кафе со Катерина Топалова: Со ќерка ми го будам детето во мене

Првото утринско кафе е за планирање на денот. Го пијам сама, дома, откако ќе ја испратам ќерка ми во градинка. Тогаш пуштам погласна музика и се расонувам со слабо кафе. До душа тоа е повеќе млеко, а помалку кафе. Почнав да го консумирам од неодамна, кога денот ми побара дополнителни часови енергија за да ги завршам сите планирани обврски. Многу повеќе пијам чај! Варам по 2 литра и го пијам пред да излезам од дома.


Во работните денови се давам максимално кога сум на терен или во канцеларија. Новинарството е мојата љубов и не се опишува задоволството од успешен линк, „скоцкан“ извештај или убаво направена емисија. После работата следуваат неколку часа само за мене. Во последниот месец интензивно вежбам со електро-мускулна стимулација за обликување на моето тело. Напорно е, но се надевам дека заедно со извонредните тренери од „Максифит“ ќе направиме добри резултати. По тренингот следува еден час пешачење до дома, а таму. најшироката прегратка на мојата Ина!


Ме мотивираат позитивни и амбициозни луѓе. Многу сакам да сум во такво друштво. Ми ги отвораат погледите, ме мотивираат за повеќе убави нешта во животот. Дополнителен мотив е кога ќе препознаам дека некој ми дава шанса, тогаш правам сè за да ја искористам! Во последната година направив строга селекција на луѓето кои ме опкружуваат, со кои го трошам времето. Престанав да се давам на луѓе кои не го ценат она што го правам. Ги одбегнувам оние кои сакаат да се жртви и постојано се жалат, луѓе кои провоцираат и се „хранат“ со кавга! Рано е да кажам дека почнав да стареам, изгледа созреав! Важно е дека се чувствувам посреќна и помотивирана!


Вечерите се резервирани за семејството. Понекогаш со многу игра и музика на енергичната Ина. Понекогаш со цртање и боење. Некогаш со уништување на сите мои кармини и моливи за лице пред огледало заедно со неа. Во такво друштво го будам детето во мене и тоа е бесценето. Тврдам дека крајот го краси делото. Ако делото е денот, неговиот крај е четиригодишната Ина.


Сакам и книга и филм. Не сум филмоман и не го правам тоа секој ден, но сè почесто знам да пригушам светлина, да си наполнам чаша вино и да гледам некоја драма. Сакам приказна што ќе ме опушти. По напорниот ден убаво ми е да се релаксирам. Последниот што го гледав е „5 до 7“. После таа романтика цела недела слушам француска музика. Избирам и книга. Во моментот ја читам „Единаесет минути“ од Пауло Коелјо.