Утринско кафе со Маја Ристова: Ме мотивираат инспиративни луѓе

Денот ми почнува со гушкање на ќерка ми, Фрида. Откако убаво ќе ја изнагушкам, почнувам да се припремам за на работа. 

Првото утринско кафе го пијам со колегите во канцеларија, додека се координираме и се организираме за тековните работни обврски. Секојдневните работни обврски ми се состојат од состаноци со клиенти и присуство на судски рочишта. Во преостанатото време составувам и проверувам поднесоци, читам закони и анализирам предмети.

Ме мотивираат многу нешта, од сончеви утра до инспиративни луѓе од кои учам. Ме мотивираат успешно завршените предмети и задоволните клиенти. Работниот ден обично ми завршува околу 15 часот. Се трудам до тогаш да бидам ефикасна и да ги завршам работните обврски, но и истовремено да се посветам на своето семејство. Засега добро ги балансирам овие две работи. Попладневните часови се релаксирани. 
Прошетки, добар филм или пијачка со пријателите е она кое што вообичаено го правам. 

Сакам да читам книги и тоа најчесто го правам пред спиење. Во моментов привршувам со книгата „Без оправдувања” од Наполеон Хил, која ја читам по втор пат. Книга која мотивира, која ве учи да станете подобри во она што го работите. Доволно добра причина за да имам повеќе сила и волја за подобар утрешен ден, се разбира по утринското кафе.


(*Маја Ристова - адвокатка, специјализирана во областа на работните односи, особено во делот на заштита од вознемирување на работното место (мобинг) и Претседателка на Асоцијација на менаџери на Македонија)