Утринско кафе со Марга Сол: Секојдневна среќа низ слободно живеење

Секој ден го започнувам со свежа лимонада и секако утринско кафе. Најчесто го пијам во моето студио/канцеларија со мојот партнер, во комбинација со смут, џез и чилаут музика во позаднина, за искуството да биде уште послатко!


Моите дневни планови и обврски подразбираат водење на тековни проекти во мојата музичка издавачка куќа „М-Сол Рекордс“, комуникација со соработници и (нови) артисти, планирање и изработка на изданија, преговори, договори, „апдејт“ на сите социјални мрежи за сите новости, снимања во студио, изработка на песни.


Ме мотивира секој убав коментар, поддршка за моите дела, убав збор. Ме мотивира природата, сонцето, морето, пеењето на птиците напролет, мирисот на расцветаните дрвја, па дури понекогаш и градскиот метеж. Сето ова ме мотивира за секојдневен живот. Но, вечерните часови се оние кога можам да влезам во мојот универзум најдлабоко и да копам по звуците кои ги интерпретирам низ мојата музика со чиста емоција.


Обично по завршување на предвидените и непредвидените работни обврски во текот на денот, следи ручек во дружба со моите најблиски, мојата ќерка и кученцето. Прошетка, балет или ролери и велосипед. Па вечера секако со музика и по некоја свеќичка, добар документарец на „Нешнал Џиографик“ или на „Дискавери Ченл“ пред спиење и потоа фаќање на хоризонтала (се смее). Освен ако не ме удри некоја идеја која ќе ме стане од кревет за да ја претворам во музичка приказна.


Обожавам аудиовизуелна уметност. Преферирам филмови. Го сакам спојот на фотографија, текст, израз, приказна, емоција и музика. Цела уметност во едно пакетче. А, сите книги кои ги читам се генерално со мотивирачки содржини, книги од кои би научила нешто ново низ животот, кои би ме инспирирале за нови цели и секојдневна среќа низ слободно живеење.