Утринско кафе со Мишко Иванов: Сопругата ми е главен мотиватор

Цела недела (по велигденските празници) ми е со набиена агенда, имајќи во вид дека изминативе 10-тина дена бев надвор од Македонија, заради „Патот до успехот“. Густиот распоред со активности не ми дозволува многу спиење, така што некаде околу 08.30 веќе сум станат. Кафето го избегнувам во последно време, повеќе сум на какао. Обично сум сам околу 30-тина минути. Тој половина час ми е некако најпотребен. Тоа се мигови кога се исклучувам тотално и не размислувам буквално на ништо, уште повеќе што сега сонцето мами, а утрата се резервирани на балконот. Овие денови, поточно средата ми беше тажна. Замина уште еден доајен на југословенското глумиште, актерката Јелена Жигон. Дамата која пред 4 месеци имав можност да ја запознаам. Ме импонираше што после 20 години реши првото интервју да го даде за „Патот до успехот“ на ТВ 24. За жал, изгледа беше и нејзино последно интервју, така што тажно ми е беше оваа среда. Но, сепак некако неделата мора да тече.

По краткотрајната самотија, веќе сфаќам дека морам да го испланирам денот. Го земам мобилниот, поверувам што се случува во Македонија и светот. По некој пропуштен повик, листање по ФБ, малку музика и ведар разговор со професорката (хахаха, мојата сопруга). Таа практично ми е главниот мотиватор, полна со идеи уште по сабајле. По некој коментар како поминале интервјуата претходно, што планирам за денес. Што таа планира да заврши денес.


Инаку, денеска околу 10.00 имам еден кафе/какао муабет со една исклучителна личност, кој сигурно многу ќе ми помогне и со совети, но и со по некој контакт со познати фаци (не од Македонија) кои ги планирам во следниот период за „Патот до успехот“. Потоа, некаде околу пладне сум во ТВ 24, прво колегиум, па потоа финиширање на монтажата за првиот дел од разговорот со Јосипа Лисац, која не угости во Загреб, непосредно пред концертот во Скопје.


Навечер, имам желба да прочитам книга, но некако брзо заспивам во последно време.